Не знам за вас, ама јас многу беспомошно, тажно и налутено се чувствувам кога гледам како страдаат животни или кога некој ги малтретира и се изживува врз нив и дури почнувам да избегнувам да читам информации поврзани со тоа. Тажни ми се и видеата во кои снимаат напуштени кучиња, гладни, жедни, скроз неухранети, премрзнати…во очите им пишува колку многу страдаат, а душички мили не може да се заштитат од нашата безмилосност. Дури немаат ни како да те замолат да не им го правиш тоа. Срцето ми се кине на милион парчиња и немам сила да гледам такви видеа и да читам такви статии. Едноставно игнорирам, затоа што мислам дека ќе потонам во безнадежност и очај.
И сега некој ќе се најде да ми рече а за луѓето нели ти е жал…Тоа што ми е жал за страдањето на животните не значи дека не ми жал и за страдањето на луѓето. Всушност, страдањето е исто, и во двата случаи сите живи суштества заслужуваат да бидат поштедени од тоа. Но, ние луѓето имаме способност да работиме, да заработиме и да се бориме за своите права и тоа ни дава можност за да се организираме во општеството, и да се залагаме за подобар живот. Животните тоа не го можат и наша одговорност е да им обезбедиме достоинствени услови за живеење и живот без страдање.