Е па од Француската Револуција па наваму најголем сон на аристократите, буржоазијата, феудалците, монарсите и се разбира теократските паразити е враќање во Средниот век - за нив најубавите времиња на планетава, кога богатиот се раѓа богат и си умира богат, сиромавиот се раѓа скот и си умира скот, а црквата цело време - се` додека не е на тапет за реформирање или оданочување или намалување на теократските стеги врз општеството - вели амин.
Бидејќи христијанството како религија од поодамна е издишана приказна, денешната младина полесно се манипулира со приказни од типот на критичка расна теорија, полова еднаквост и други догми бидејќи нели, не се врезани во камен, но сепак се нивни права кои никој не може и не смее да им ги негира. Далеку полесни лаги за продавање во споредба со приказната за љубовта, прошката и саможртвувањето на Исус Христос, која од поодамна не се совпаѓа со личните интереси на индивидуалецот.
Француската Револуција, а подоцна и индустриската револуција во текот на 19-от век и` открија на неписмената раја дека може да биде подобро и заслужува подобро. И од тогаш па до денешен ден аристократите, буржоазијата, феудалците - денес ги нарекуваат капиталисти или олигарси, монарсите и новите теократски паразити носители на критичката расна теорија, полова еднаквост и други догми, активно работат на целосно демонтирање и укинување на сите придобивки кои човештвото ги ужива од Француската Револуција па наваму.