Кој се плаши од волкот лош
Локален шумски полицаец без срам изјавува дека дрвокрадците повеќе не се плашеле од полицијата и бесправно си сечеле дрва без мува да ги лази. А тој не знаел што да прави. Логиката наложува човекот веднаш да оди на курс, а во меѓувреме некој поербап да се справи со проблемот и да запре секоја година во градите на секој Македонец да влегуваат 125 килограми кислород помалку
Акциите за садење дрва сѐ до неделата што е зад нас ми беа симбол за општествено-политичка безидејност како проект преку кој власта уште од 1945 година сакаше да се приближи до обичниот народ. Тој мораше со наредба доброволно да учествуваат во проектот, а политичарите од сите рангови тој ден со ќеф ги валкаа чевлите пред камерите. Оти колку повеќе заглибуваа во калта при садењето, толку појако котираа во извештаите праќани „горе“. Се разбира, сето ова сплотување на дејците беше поткрепено со неизбежниот декор на знамиња, говори, делење благодарници. Следуваше фамозниот проект „88 садници за другарот Тито“. Па во тоа време не постоеше директор што барем неколкупати не ја повтори оваа политичка активност во дворот на својата институција. Кутрите беа избезумени и со денови се туфкаа кога ќе снемаа место каде да садат. Инаку, како што велеа, тие би саделе до бесвест, ама дворот бил мал.
Сагата продолжи и во независна Македонија. За мене како урбан аристократ овие акции за пошумување проследени со слободен ден повторно беа теми за шегување. Ама, како што кажав, сѐ до завчера, оти на една скопска улица добив таква болка во градите како некој да ми забоде бајонет во нив. Буквално не можев да земам воздух, а белите дробови ми пулсираа како да ќе експлодираат.
Ништо, бе, ми вели докторот. Тоа тие е од загадувањето на воздухот, земи витамин Ц, лежи, ќе дувне ветер и нема гајле. Како и да е. Длабоко им се извинувам на сите оние што дале придонес во овие акции за пошумување, оти се обиделе да произведат повеќе кислород на ова парче земја. Ветувам дека повеќе нема да пропуштам ниту една акција за садење. Ако не за друго, барем да се намалат 1.300-те смртни случаи годишно што, според Светската банка, се директна последица на рекордно зголемената концентрација на тврди честици во воздухот. Па, не за џабе викендов Скопје и Тетово според светските агенции се на врвот на листата како најзагадени градови во Европа, светот или пошироко, сеедно.
Но, од каде толкаво загадување. Железарите не работат, загадувањето зголемено. Не е од нив. Грејната сезона само што почна. Значи не е и од неа. Дозволете ми да дадам свое видување за лаичко лоцирање на виновникот. Мислам дека тој лежи во вандалското уништување на шумскиот фонд од страна на зелената мафија која, според изјавата на локален шумски полицаец, повеќе не се плашела од полицијата и бесправно си сечела дрва без мува да ја лази. А тој не знаел што да прави. Ако не знае, нека си најде друга работа. Секогаш има некој поербап што ќе знае како да се справи со проблемот и ќе запре секоја година во градите на секој Македонец да има 125 килограми кислород помалку.
Според експертите, како директна последица на бесправно исечените дрва секоја година остануваме без фантастични 250.000 тони кислород, или 685 тони дневно ако сакате. А ако ова се дополни со степенот на ерозија, кој е еден од највисоките во Европа (700 кубни метри јалов нанос на секој квадратен километар), трагедијата во Речица, голите ридови околу нас, проблемот е повеќе од доволно апсолвиран и мора што поскоро да се справиме со него. Официјално имаме два милиона и 400 илјади хектари под шума, или околу 35 отсто од државната територија. Милион и двесте илјади кубици секоја година се предвидени за огревно сечење. Секоја година шумската маса се зголемува за 1,8 милион кубни метри. А мафијашкиот данок е ништење на двесте-триста илјади кубици дрва.
Како да се пресмета штетата што ја трпат белите дробови на секој Македонец, оставам на поумните од мене. Знам само дека последиците почнавме да ги плаќаме со здравјeто и со човечката крв. А за тоа што следува допрва ќе нѐ боли глава, не само нас туку и нашите деца. Граѓаните мора да се признае, поради немаштијата или за да заштедат, ставаат како гориво за загревање разновидни отровни ресурси, како стари гуми, лакиран паркет со катран, прегорени масла, штици со бетон и што уште не. Ете ти дел од отровот што ги демне нашите бели дробови, а екополиција да мери по домаќинствата степен на издувни гасови од согорување нема.
Очигледно работата е многу посериозна од партиски препукувања на дневна основа за тоа кој е виновен за состојбата. Одговорните институции треба да повлечат сериозни потези за да се заштити здравјето на граѓаните. Градот веќе почна со хемиско прскање на улиците за намалување на загаденоста на воздухот. Се поставува прашањето дали е доволно, бидејќи ова е само една од мерките што може и треба да се преземат. МВР континуирано со акцијата „Гора“ фаќа дрвокрадци и запленува илјадници кубици бесправно исечени дрва. Но сериозна и храбра акција за фаќање на оние што направија пустош по шумите пред да ги запалат моторните пили е повеќе од потребна.
Попусто ни се дронови, сензори за движење, инфрацрвени камери, зголемување на казните, кога дијагностицираме болест по смрт. Дрвата се исечени и приказната е завршена. Факторот време потребно исеченото да порасне не оди во наша полза. Владата додуша секоја година сади милиони нови садници. Позитивноста и големината на проектот со пошумување нѐ однесоа директно во Гинисовата книга на рекорди. Благодатот од ова, според редот на нештата, треба да го осетат нашите идни генерации. Но што да се прави во меѓувреме за да се спасат дишните патишта на оние што живеат сега?
Државен капацитет за да покажеме кој треба да биде господар во шумата имаме. Потребно е да се даде команда, трошка храброст и многу брзо штетниците во човечка форма ќе ги снема пред да се обидат да удрат секира во кориите. Се разбира, ако сакаме да оставиме малку чист воздух за нас и за нашите деца и внуци.
Автор: Роберт Митевски /
robert.m@novamakedonija.com.mk