Масовна тепачка на екстремни десничари и емигранти на истокот на Германија (ВИДЕО)
Стотина мажи и жени со екстремно десна ориентација и 20 азиланти
се судриле доцна синоќа на централниот плоштад во гратчето Бауцен, на истокот на Германија.
Десничарите азилантите ги бркале до хостелот во кој се сместени, каде што тепачката ја прекинала полицијата.
Претходно истата вечер, 32-годишен жител на градот бил погоден со шише во близина на местото на подоцнежната пресметка, пренесува Би-би-си. Локалните жители синоќа ги обвиниле азилантите дека го окупирале плоштадот пред најголемиот шопинг центар во градот и предизвикувале проблеми.
Сведоците тврдат дека тепачката ја испровоцирале емигрантите, откако на полициското барање да си заминат од плоштадот почнале да фрлаат шишиња и штици. Кога изгледало дека азилантите ќе си заминат, врз нив се нафрлила повеќебројната група екстремни десничари (дел од германските медиуми ги нарекуваат неонацисти).
Градоначалникот на Бауцен повика на смирување на тензиите, и најави зголемување на бројот на полициски патроли во таа област за плоштадот повторно да стане достапен и безбеден за граѓаните.
„Од многубројните реакции на граѓаните, туристите и сопствениците на локалните бизниси сфаќам дека ситуацијата на плоштадот предизвикува сериозна загриженост“, напиша градоначалникот на Фејсбук.
Во Бауцен и околината има четири прифатилишта за емигранти. Ситуацијата во тој дел од Германија е напната уште од февруари, кога беше запалена зграда во која требаше да бидат сместени азилантите.
http://www.mkd.mk/svet/vesti/masovna-tepachka-na-ekstremni-desnichari-i-emigranti-na-istokot-na-germanija-video