Гага албум од Токсикологија!
По повод една година од своето постоење, групацијата Токсикологија на 30-ти март 2009-та го прослави својот прв роденден. На тоскичните обожаватели како и секогаш досега, Токсикологија им подготви изненадување кое го очекуваа од првиот ден кога се оформи оваа групација. Toa е првиот албум на Токсикологија под наслов 4екераукц кој фановите можат да го симнат бесплатно од официјалниот веб сајт на оваа групација:
www.toksikologijamusic.com.
Албумот 4екераукц е снимен кон крајот на 2008 и почетокот на 2009 година од страна на сите членови на оваа групација и тоа: Пука Козметика, Единствена Опција (Слаткаристика и Скитара), Соба Два (Марија4и и Боролаказ), Сиги, Желе и DJДимитрија Је Ја Јо.
Ова е одлична можност нашите фанови конечно да го чујат вистинскиот звук на оваа Групација. Се потрудивме овој албум да биде скалило кое ќе го качи македонскиот хип-хоп на повисоко ниво, изјави Мартин Георгиески, човекот за односи со јавност во Токсикологија.
Целиот албум е авторски, лично испродуциран од тројцата продуценти на Токсикологија: Скитара, Боролаказ и Маријачи. Текстовите на сите песни се авторски и се во сопственост на Токсикологија.
На
www.toksikologijamusic.com, посетителите можат да се запознаат со историјата на Токсикологија како и со нејзините артисти. Посетителите на овој портал, ја добиваат привилегијата да ги прочитаат најновите информации и интервјуа кои се однесуваат на артистите од групацијата Токсикологија. Можат да симнат рингтонови, слики со одлична резолуција, видео клипови, синглови како и албуми од артистите на Токсикологија...
извор:ммм
ВЛАТКО ЛОЗАНОСКИ АНГАЖИРАН ДОМА И ВО СТРАНСТВО
Младиот пејач работи на деби-албумот, а во јули ќе ја претставува нашата земја на фестивалот „Славјански базар“ во Белорусија
По изведбата на изборот за македонски претставник на Евровизија во Москва со темата „Блиску до мене“, која се пласира на четвртото место, Влатко Лозаноски високо котира на топ-листите. Младиот кичевец вели дека пред учеството на манифестацијата единствено посакувал добро да се претстави пред јавноста, со групата „Офсајд“ од Тетово и денс-студиото „Ултра“, кои го придружуваа на сцената.
- Пласманот се должи на тоа што сите, како екипа, дадовме максимум. Претходно имавме многу проби за да го усовршиме сценскиот настап, а работевме и на имиџот. Сепак, најголем удел имаа Лазар Цветкоски, кој ги направи музиката и аранжманот на песната, и Дарко Димитров, кој се погрижи за текстот - истакнува 22-годишниот пејач.
На поп-сцената е присутен само една и пол година, но Лозаноски има две фестивалски победи: на летниот радиски фестивал „Ѕвездена ноќ“ и на ланскиот „Макфест“, на кој ја освои наградата за најдобар дебитант. - Најважно е песната да се врти по медиумите, луѓето да ја знаат, за да ја пеат на моите настапи во еден глас - смета Лозаноски.
РЕПЕРТОАР ОД ХИТ-ТЕМИ
Лозаноски се подготвува и за настап на фестивалот „Славјански базар“, кој ќе се одржи од 5 до 16 јули во Витебск и во Минск, Белорусија. Чест му е што ќе ја претставува Македонија на ваква голема манифестација.
- Ме покани Марјан Катароски, застапник на фестивалот во земјава. Тој ми рече дека на луѓето од организацијата многу им се допаднал мојот вокал. Ќе настапам со две нумери. Едната се' уште не е промовирана во јавноста, но е готова, а другата песна е „Сонце не ме грее“. Ќе пеам во живо со придружба на оркестар - вели Влатко
Лозаноски, која за кратко време создаде свое име и репертоар од хитовски теми. Неговиот рецепт за успех е да се сака тоа што се работи. Најважно е да ја сакаш професијата со душа и со срце. Луѓето со текот на времето тоа и ќе го забележат. Сепак, не треба да се задоволиш со една позиција. Потребна е постојана работа за да се постигне целта, да не избрзуваш, да ги одбираш вистинските луѓе и песните што ти лежат на душа - смета младиот пејач.
ДЕБИ-АЛБУМ ВО СЕПТЕМВРИ
Изминатиов период неговото име го поврзуваа со повеќе менаџерски имиња, но Лозаноски се реши за продуцентската куќа „Република“.
- Тоа е нова, „млада“ видео и аудиопродукција, која наскоро ќе има и официјална промоција. Во продукцијата има многу позитивна енергија. Се изработуваат многу проекти поврзани со мене, Врчак и момците од „ДНК“, ексклузивците на продукцијата.Материјалот за деби-албумот Влатко го подготвува подолг период оти внимателно ги одбира нумерите:
- Планираме цедето да има 12 теми, а повеќето се готови. Би требало да го промовираме во септември. Соработката со авторот Лазар Цветкоски, потписник на повеќето хитови на Влатко, ќе продолжи и на албумот. За стилската шареноликост ќе бидат задолжени и други композитори. Тој не ја исклучува можноста наскоро да биде промовирана дует-тема со Врчак.
- Со Цветкоски сега најмногу сакам да работам. Стилот на моите песни ќе остане каков што е: алтернативен поп-рок. Некои нумери ќе бидат поинакви, но можам да кажам во кој правец ќе се движат оти се' уште експериментирам. Ќе соработувам и со Хари Котларовски, кој ја направи макфестовската победничка песна „Времето да застане“ - завршува 22-годишниот Влатко Лозаноски.
извор:дневник