Samo da mi dodjes ti da te srce zagrli
dodji bilo cime pozlaticu sine
samo tada dodji mi...
Новава песна навистина одлично звучи, спотот 4/5
Кај Калиопи ми се допаѓа што повеќе од песните што ги прави обврнува внимание да не бидат песните само туку така објавени туку гледа да има креативност во текстот, музиката, спотот тоа е навистина нешто што мене лично ми се допаѓа. Пејачки во мкд нема многу талентирани и креативни Калиопи е за мене прва од мкд што навистина знае да го работи тоа што го почнала.
Калиопи: И после се, се свртев кон изворот од кој црпев целиот живот!
Радоста на мојот син Пако, кој е горд на мојата кариера и кој е среќен заради тоа што со неговиот татко направивме еден ваков албум, не можам да ја споредам со ништо на овој свет – вели Калиопи, првата дама на македонската поп-музика, во ексклузивното интервју за МММ, откривајќи ги деталите за новиот албум Мелем, кој, заедно со спотот за песната Мрвица, во Македонија официјално ќе биде промовиран на 28-ми февруари, по што започнува голема офанзива во целиот регион...
Ова е прв албум на Калиопи, по повеќе од една деценија, на кој (освен текст за една песна!), не се потпишуваш како автор, туку таа улога повторно ја има Ромео Грил, твојот некогашен животен и музички сопатник. Што овој пат Ромео и понуди на Калиопи, а таа не можеше да одбие?
Јас да се прашував, ниту тој текст за песната Ако немаше да го напишам, туку тоа беше на инсистирање на Ромео. Мене овој пат најголемата провокација ми беше самата понуда за освежување и регенерирање на моите клетки, пред се во однос на мојата презаситеност кон сопственото авторство. Едноставно, ми се случи изворот од кој црпев да не ме заситува, туку напротив, бев уште повеќе жедна. И пред самата Евровизија знаев, како што знаев и сега, дека тоа е тоа! Ромео беше единствен за кој бев сигурна дека е подготвен одговорноста да ја сподели со мене, па и да отиде чекор подалеку – целиот товар да го понесе на својот грб. А албумот Мелем беше само последица на сето она што го разговаравме сите овие години. И без оглед на временската и просторната дистанца, испаѓа дека ние постојано бевме конектирани. Јас израснав со неговите песни, а тој го следеше моето авторство. На крај се соочив со фактите – тој добро пее, ама е подобар како автор, додека јас сум добар автор, ама подобро пеам. Затоа ќе кажам дека ова е најразумен чекор во целата моја кариера! И од емотивен и од деловен аспект. Освен тоа, Ромео е мојот најблизок род. Ние заедно толку многу поминавме...
Во која мера е доведено во прашање твоето идно авторство? Дали во меѓувреме пишуваше нови песни?
Воопшто не е доведено во прашање, бидејќи јас во меѓувреме работев на нови песни. Ромео ме испровоцира и јас на поинаков начин почнав да креирам. Повторно е отворен вентилот, веќе немам стеги кои самата на себе ги наметнав... Слепо му верувам и повторно живнав како автор. Со овој момент со Ромео направив многу за себе.
Албумот Мелем е новото поглавје во твојата кариера...
Можеби овој албум најмногу ме потсетува на оние прекрасни и убави денови во поранешна Југославија, кога како бенд тргнавме да го освојуваме цел тој регион. Имавме големи успеси и бевме една од најпопуларни млади групи во 80-тите. Овој албум го сублимира и она што до сега е изречено, и она што не е изречено, а и она што публиката сака да го слушне. Секако, не губејќи го при тоа сопствениот идентитет. Многу се забавувавме додека го работевме албумот, што се слуша и во песните...
Во кои се пронајде, нели?
Многу, навистина многу... Ромео знае да ги раскаже и најдолгите приказни во неколку збора. Тоа се клучни зборови, чиста есенција...
Негова беше идејата секоја песна да биде насловена со по еден збор?
Тоа спонтано ни се наметна, снимајќи ги песните. Поентата помалку е повеќе која ја практикувавме во песните, кулминираше во насловите. Во текстовите, кои се животни, секој ќе се пронајде. Јас, ти..., секој. На крај имаме еден позитивен албум, кој мене ме отргна од личните драми запишани низ текстови и музики, кои во меѓувреме на некој начин ме дистанцирале од мојата публика.
Насловната тема Мелем како да бараше да биде отпеана со балканската кралица на севдахот – Ханка Палдум...
Тоа е балканска песна, а кога ја снимивме, Ханка, која ми е добра пријателка, беше присутна во Скопје. И вистински беше воодушевена од тоа што слушна.
Со која песна од албумот најмногу се идентификуваш?
Со Вучица, која до некаде е и мојата автобиографија. И понатаму сум вучица... И песната е последица на тоа што Ромео добро ме познава мене каква што сум. И не само мене, туку целиот женски род, бидејќи тоа е песна за сите жени, кои се вучици со самото тоа што се избориле да бидат жени. Јас неа ја пеам во чест на сите жени. И сите мажи кои ќе ја препознаат нивната вучица. Ја замислувам песната како да е доцна есен, како да се подготвува зимата да дојде... Знам дека оваа песна секогаш ќе ја пеам.
Твојот топ 3 од новиот албум е...
Освен Вучица тука е и песната Опрости, во која кај мене се буди радоста. Се буди девојчето во мене... Веќе ја изведував во ТВ-шоу VIP Room во Белград и публиката беше воодушевена. Тука е и песната Аман, за која сум емотивно крајно врзана. Кога за прв пат ја чув, силно ме допре текстот на Ромео, за кој сум сигурна дека е напишан тенденциозно. Тука се стихови од моето минато, но, иако во Бато пеев Крила ми ломили, нису ме пустили..., овдека дополнувам Крила ми ломили, а сада зар и ти?. Е затоа сум се уште Вучица!
А, кога ќе го резимираш период на кариерата кога самата си била автор, со што најмногу се гордееш?
Најголемото признание го добив од Ромео, уште кога го работевме албумот Обои ме во 1999 година. Таму бев застапена како автор на 65 проценти од материјалот, а остатокот беше на Ромео. И тоа беше негова селекција, бидејќи тој беше продуцент. Тоа ми беше силен ветер в грб, посебна мотивација и стимул за да како автор понатаму продолжам сама. А, ако зборуваме за песните, најмногу ги сакам: Обои ме, Азија, Не плачи, Дај да пијам, Ако денот ми е ноќ, Дали ме сакаш, На пат до Македонија, Не ми го земај времето, Кога проклето ти требам, Даридаридам, Најмила... Боже, колку многу песни...
Кога би го составувала сопствениот best of, тоа би требало да биде двојно или тројно CD…
А притоа, ако се вметнат тука и песните кои ги пишував за други пејачи – за Мартин Вучиќ, Каролина, Елена Ристеска, Ламбе, Масимо, Верица Пандиловска, Олгица Христовска, за која имам подготвено цел албум, кај ќе ми биде крајот!? Секако, тука се и моите ангажмани на филмот, во театарот, потоа музика за балетските претстави... И, нормално е, после се, да се свртам кон изворот од кој црпев целиот живот. Ромео всушност ми го даде најголемиот комплимент во животот, кога ми кажа дека следи се што работам и дека е еден од моите најголеми фанови. Работејќи ги песните од Мелем се шегувавме дека понатаму тој ќе ги работи албумите за мене, а јас креативно ќе и бидам посветена на мојата уметност. Од оваа перспектива, многу е убаво после се низ што сум поминала во животот – и како мајка, и како жена, и како пејач, автор, уметник... – да можам рамноправно да разговарам со човекот кој целиот живот за мене беше авторитет. А тој одлично ја знае и музиката и шоу-бизнисот.
После се што ти се има случено во музиката, што остана во оваа Калиопи денес, од онаа девојка која со многу енергија и шарм пееше за еден Лео, Џулијан, Кофер љубави, Мојот прв рандеву...? Ја препознаваш ли денес во себе таа Калиопи, или се загубила попат?
Секако, тука е! Да се загубеше, ќе го немаше овој друг дел од мене. Само, за разлика од тогаш, кога е човек млад, не сум можела правилно да ги согледувам работиве. Сум била и многу ранлива, а и многу јака во исто време. Но, девојчето е тука, присутно. И, сега го разбирам Ромео зошто тогаш ми морал да биде по малку и строг. Тој едноставно имал задача да ме заштити...
Да ја видиш денес таа 18-годишна девојка, што би и дала како совет?
Не би и дала совет, туку признание дека многу добро се држала и дека била доволно луда за да го сака она што го работела и што го издржала. Штом ги мина сите искушенија...
Те нервираат ли денес медиумите, кога повеќе се занимаваат со твојот приватен живот, отколку со твојата музика?
По Евровизија ништо и никој не ме нервира. Ги апсолвирав, иако покасно, тие работи. И сега ми е јасно дека не мора баш сите да ме сакаат.
Последнава година многу се смени...
Станав посмирена и пореална. Се сметам себе си за уметник, бидејќи ја живеам и гинам за уметноста до последен атом сила. Немам време да се занимавам со банални луѓе и случувања. Секојдневно се случуваат човечките трагедии, па решив да не се занимавам со некоја своја лична драма која, најпосле, и не заслужува внимание. Фала им на моите фанови кои никогаш не ме напуштиле, дури и во моментов кога по мене се фрлаа дрвја и камења...
Со два брака зад себе, во една од новите песни велиш дека се уште веруваш во љубовта...
Тоа многумина ми го кажуваат – ...твоите два брака... – Не, им велам – јас имам живот зад себе! Приказни кои самата сум ги запишала, бидејќи секој си е виновен за својата среќа, подеми и падови. А се што ми се случувало, како мој избор, е легитимно. Тоа не се брише, и не треба да се брише. И стојам зад нештата кои сум ги направила, се едно колку тоа некому му се допаѓа, или не му се допаѓа. И, најпосле, колку и мене ми се допаѓало или не!
Имаш ли коментар за состојбата на домашната музичка сцена, ако се уште постои нешто што така можеме да го наречеме?
По тоа прашање сум многу изолирана. Креативно сум свртена кон себе и кон своите сегашни ангажмани. Но, да се случеше нешто експлозивно, оригинално, автентично..., ќе ми привлечеше внимание. Оваа земја изобилува со врвни таленти, се едно дали се пејачи или се автори. Но, секој млад човек треба да сфати дека оваа работа бара нешто што е многу повеќе од талент, од желба... Бара да се биде свој и да се истрае на патот. Е, сега, некој е спремен да оди до крај, некој не е... Некој, пак, ја има поддршката од втора страна... Најпосле, се е до околностите...
Најпосле, колегите никогаш не си ги доживувала како конкуренција...
Никогаш! Доколку тоа така го чувствував, јас не сум доволно своја и не сум сигурна во себе. Но, јас се радувам на секое ново парче изнедрено под ова небо, бидејќи небото е доволно за сите нас.
Последниот период имаше обиди на твоја сметка да се залепат некои политички конотации, а ти единствено си ја отпеала нашата химна на промоција на еден кандидат за градоначалник...
Тоа е еден професионален ангажман и јас како професионалец сум подготвена да одговорам секаде каде ќе бидам повикана. Особено ако треба да испеам македонска химна. Ако треба, со задоволство, и на Грците ќе им ја испеам.
Ако би требало да издвоиш еден детаљ од својата долга кариера, тоа би било...?
За се што досега го направив, фидбекот од фановите ми е многу важен. Но, радоста на мојот син Пако, кој е горд на мојата кариера и кој е среќен заради тоа што со неговиот татко направивме еден ваков албум, не можам да ја споредам со ништо на овој свет!
Имаше период кога од песнава бев зависен а зошто? незнам сеуште но сепак е одлична според мене 5/5.