Селмани бара целосно повлекување на македонската, а молчи за навредливата албанска енциклопедија
Молк во Македонската академија. Никој ниту од редакцијата што завчера беше разрешена, ниту пак од претседателството не сака да зборува. Академиците го чекаат вонредното собрание во вторник на кое ќе треба да биде избрана новата редакција која ќе врши корекции на македонската енциклопедија.
Во меѓувреме албанските политички партии веднаш го поздравија разрешувањето на Блаже Ристовски од функцијата главниот редактор на Македонската енциклопедија. Рафис Алити од ДУИ смета дека овој чекор не е задоцнет и добро е што МАНУ сама ги решава проблемите што се појавија со Енциклопедијата. Од друга страна пак, Нова демократија на Имер Селмани, која беше најгласна во реакциите против Енциклопедијата, смета дека разрешувањето на Ристоски не е доволно. НД бара целосно повлекување и поништување на Енциклопедијата. И додека партијата на Селмани продолжува со својот радикален концепт на реакции против Македонската енциклопедија, од оваа партија нема ни збор за ограда од спорните елементи во албанскиот енциклопедиски речник кој претставува директна навреда на македонското малцинство во Албанија.
Портпаролот на НД, вчера одбегна коментар на ова прашање со образложение дека не го прочитал албанскиот енциклопедиски речник, потенцирајќи дека реакцијата на македонското малцинство во Албанија не водело кон добрососедските односи на двете држави.
Пред два месеца, Албанската академија на науките и уметностите објави енциклопедски речник во кој се дискриминираат сите малцинства кои живеат во Албанија. За нив се зборува дека се дојденци и дека не се автохтони на албанската територија. Македонското малцинство во речникот е наведено како славомакедонско.
СТРАНСКИ СТРУКТУРИ СТОЈАТ ЗАД ЕНЦИКЛОПЕДИЈАТА
Македонската енциклопедија не е антиалбанска, туку антимакедонска, зад која стојат безбедносни структури на две соседни држави поврзани со нивните инсталации во Македонија. Ова вчера во форма на меморандум со доверлива содржина на претседателот на МАНУ му го достави Јанко Бачев од народното движење на Македонија. Бачев не открива кои се тие две држави, но потенцира дека едната имала повеќе од 30 години контакти и релации со македонски академици.