,,Никој не може да го чита евангелието , а да не ја чуствува Исусовата стварност. Пулсот на неговата личност отчукува во Светата реч...Светиот лик на Назареќанецот остави врз мене необорлив впечаток’’
( Алберт Ајнштајн ).
АЈНШТАЈН ЗА СОЦИЈАЛИЗМОТ
Светот (мислам на оној „белиот“, „западниот“, „цивилизираниот“) како да се буди од својата самобендисаност и се отрезнува соочувајќи се со вистината за цикличните кризи на капитализмот. На Запад најбарана книга е Марксовиот „Капитал“, а за среќа и кај нас има по некој поединец со интегритет, како Цуцуловски, кој не е исплашен да ја каже вистината.
Јас најдов време да ја преведам оваа статија на Ајнштајн.
Алберт Ајнштајн
ЗОШТО СОЦИЈАЛИЗАМ?
Monthly Review, New York, May, 1949.
Дали е добро за некој кој не е експерт за економски и социјални прашања да ги изрази своите погледи во врска со темата социјализам? Јас верувам дека тоа е добро, од повеќе причини.
Најнапред да го разгледаме прашањето низ призмата на научното сознание. Може да изгледа дека нема суштински методолошки разлики меѓу астрономијата и економијата: научниците од двете полиња се обидуваат да откријат закони со општа прифатливост за определена група на феномени со цел да ја направат меѓусебната поврзаност на тие феномени што по разбирлива. Но, во стварноста, такви методолошки разлики сепак постојат. Откривањето на општите законитости во полето на економијата е отежнато заради фактот што опсервираните економски феномени трпат влијанија од многу фактори, кои е речиси невозможно да се евалуираат одделно. Освен тоа, искуството кое е акумулирано уште од почетокот на т.н. цивилизиран период на човековата историја, како што е добро познато, било под силно влијание и било ограничено од причини, кои никако не се исклучиво економски по својата природа. На пример, мноштвото на големи држави во историјата својата егзистенција им ја должеле на освојувања. Поробувачките народи се воспоставувале себе си, правно и економски, како привилегирана класа во освоената земја. Тие за себе го задржале монополот на сопственост врз земјиштето и назначувале свештеници од своите редови. Свештениците, кои имале контрола врз образованието, ја направиле класната поделба во општеството трајна институција и создале систем на вредности со кој понатаму луѓето, во голема мерка и несвесно, биле раководени во нивното општествено однесување.
Но, историската традиција е, така да се каже, од вчера; во ниеден момент ние не го надминавме она што Торстен Веблен го нарече „предаторска фаза“ на човековиот развој. Економските факти, кои се подложни на наша обсервација припаѓаат на оваа фаза, па дури и законитостите кои можеме да ги извлечеме од нив не се примениливи за други, поинакви фази на човековиот развој. Имајќи предвид дека вистинската цел на социјализмот е токму надминувањето на оваа фаза и развој кој би одел преку предаторската фаза на човековиот развој, економската наука во својот сегашен стадиум може да биде од мала полза во осветлувањето на социјалистичкото општество на иднината.
Второ, социјализмот е насочен кон една општествено-етичка цел. Природната наука, од друга страна, не може да создава цели, а уште помалку да ги внесува во човечките суштества; она што науката најмногу може да го стори е да створи средства за постигнување на определени цели. Но, самите цели се продукт на умот на личности со високи етички идеали и - ако овие цели не се се уште воспоставени, но се витални и силни - прифатени и пренесувани од оние бројни човечки суштества кои, полусвесно, ја детерминираат бавната еволуција на општеството.
Од тие причини, ние треба да бидеме претпазливи за да не ја прецениме науката и научните методи кога станува збор за проблемите на луѓето; и не треба да претпоставуваме дека експертите се единствените кои имаат право да се изразат по прашањата кои ја задираат организацијата на општеството.
Огромен број на гласови укажуваат веќе подолго време дека човековото општество минува низ криза, дека неговата стабилност е сериозно пореметена. Карактеристично за таква ситуација е тоа што поединците се индиферентни или дури и непријателски настроени кон групата кон која припаѓаат, мала или голема сеедно. За да ја ислустрирам мојата поента, дозволете ми да забележам едно лично искуство. Неодамна дискутирав со еден интелигентен и културен човек за заканата од уште една војна, која според мое мислење би го довела во прашање опстанокот на човештвото, и укажав дека единствено постоењето на една супранационална организација би можела да пружи заштита од таква опасност. На тоа, мојот посетител, многу смирено и студенто, ми рече: „А зошто вие толку длабоко се спротивставувате на исчезнувањето на човечката раса?“ Сигурен сум дека пред само едно столетие никој не би изрекол ваков став со таква леснотија. Ова е изјава на еден човек кој безуспешно се обидувал да воспостави еквилибриум во самиот себе и кој речиси ја изгубил надежта во успех. Ова е израз на болна осаменост и изолација, од која толку многу луѓе страдаат денес. Која е причината? Постои ли излез од оваа ситуација? Лесно е да се постават вакви прашања, но тешко да се одговори на нив со било каков степен на сигурност. Сепак, морам да се обидам, најдобро што можам, иако сум длабоко свесен за фактот дека нашите чувства и стремежи се често контрадикторни и нејасни, и дека не можат да се изразат низ лесни и едноставни формули.
Човекот е, во исто време, едно поединечно (осамено), но и социјално суштество. Како поединечно битие, тој се обидува да ја заштоти својата егзистенција и на оние кои му се најблиски, да ги задоволи личните желби и да ги развие своите внатрешни способности. Како општествено битие, тој настојува да стекне признание и симпатии кај другите луѓе со кои живее, да учествува во нивните задоволства, да ги утеши во време на грижи и да ги подобри условите на заедничкиот живот. Но, постоењето на овие настојувања варира, а често конфликтните стремежи сведочат за спефифичниот карактер на човекот, а нивната специфична комбинација го детерминира степенот во кој една индивидуа може да ја постигне својата внатрешна рамнотежа и да придонесе за благосостојбата на општеството. Сосема е можно релативната сила на овие две тежнеења, во најголема мерка, да биде фиксирана преку наследување, односно пренесување од поколение на поколение. Но, личноста која конечно се формира е главно формирана од околината во која човекот се наоѓа во текот на својот развој, од структурата на општеството во кое се развива, од традицијата на тоа општество и од поддржувањето на одреден тип на однесување. Апстрактниот концепт на „општеството“ за индивидуалното човечко суштество претставува збир на неговите директни индиректни релации кон неговите современици и кон луѓето од сите претходни генерации. Индивидуата е способна да размислува, чувствува, тежнее и да работи сама за себе; но, таа зависи многу и се потпира на општеството - во својата физичка, интелектуална и емоционална егзистенција, така што е невозможно за него да се размислува, или да се разбере, вон контекстот на општеството. Токму „општеството“ кое му овозможува храна, облека, дом, средства за работа, јазик и облици на мислење, па и најголем дел од содржината на неговите мисли; неговиот живот е овозможен и преку трудот и постигањата на милиони од минатото и сегашноста, сите скриени зад малото зборче „општество“.
Затоа, очигледно е дека зависноста на поединецот од општеството е природен факт кој не може да се смени, како и во случајот на мравките и пчелите. СЕпак, додека целиот животен процес кај мравките и пчелите е фиксиран се до најмалиот детаљ со ригидни, наследни инстинкти, социјалниот модел и меѓусебните врски на човечките суштества се различни и се подложни на промени. Сеќавањето, способноста да се создаваат нови комбинации, дарбата за вербална комуникација создадоа можности за развој кои не се диктирани од биолошка нужност. Овие настани се манифестираат во традициите, институциите и организациите; во литературата; во научните и инжењерски постигања; во уметиничките дела. Тука лежи објаснувањето зошто, во одредена смисла, човекот може да влијае врз текот на својот живот преку сопственото однесување и дека во овој процес свесната размисла и желба може да игра улога.
Со чинот на раѓање, човекот наследува биолошка конституција, која мораме да ја сметам за фиксирана и непроменлива, вклучувајќи ги тука и природните нагони карактеристични за човечкиот род. Освен тоа, во текот на својот животен век, тој стекнува и културна конституција, која ја присвојува од општеството преку комуникацијата и преку многу други видови на влијанија. Токму оваа културна конституција, со тек на времето, е предмет на промена и таа во голема мерка ги детерминира односите меѓу поединецот и општеството. Модерната антропологија не научи дека, преку компаративно изучување на т.н. примитивни култури, дека социјалното однесување на човечките суптества се разликува многу, зависно од доминантните културни модели и типови на организација која постои во општеството. Ова е полето на кое се темели надежта на оние кои настојуваат да ја подобрат човековата благосостојба: човечките суштества не се осудени, заради својата биолошка конституција, да се се истребат меѓусебно или да бидат оставени на милост и немилост на една сурова, самоуништувачка судбина.
Ако се запрашаме како општествената структура и културалните односи на луѓето треба да се сменат за да човековиот живот стане што позадоволителен, би требале постојано да бидеме свесни за фактот дека постојат одредени општествени услови кои можеме да ги менуваме. Како што веќе беше споменато. биолошката природа на човекот, заради сосема практични причини, не е предмет на промена. Освен тоа, технолошкиот и демографскиот развој во изминатите неколку века создадоа услови, кои нема бргу да се изменат. Во релативно густо населените популации со добра кои се неопходни за непречена егзистенција, една екстремна поделба на трудот и високо централизираниот апарат за производство се апсолутна нужност. Времето (гледајќи наназад, тоа изгледа идилично) кога луѓето или малите групи можеа да се самодоволни е засекогаш минато. Не би било претерано да се каже дека веќе сега човештвото е конституирано како планетарна заедница за производство и потрошувачка.
Ова е точката на која можам да укажам кратко што според мене ја сочинува кризата на нашето време. Таа се однесува на врските на поединецот со општеството. Поединецот стана посвесен за својата зависност од општеството од било кога порано. Но, тој оваа зависност не ја доживува како позитивна работа, како органска врска, како заштитна сила, туку како закана за своите природни права, па дури и за својата економска егзистенција. Дури, неговата положба во општеството е таква што егоистичните нагони се постојано потенцирани, додека социјалните нагони, кои се природно послаби, прогресивно се уназадуваат. Сите човечки суштества, без оглед на општествената позиција, страдаат од овој процес на уназадување. Без да бидат свесни за тоа дека се заложници на сопствениот егоизам, тие се чувствуваат несигурни, осамени, и лишени од наивните, едноставни и несофистицирани задоволства на животот. Човекот може да ја најде смислата на животот, краток и опасен каков што е, само преку своето посветување на општеството.