Беше тоа една пријатна ранопролетна недела, пред точно 365 дена. Дури подоцна видов дека тогаш си се прашувала што да се прави во недела. Кога ти се јавив да те поканам на кафе, не бев свесен дека всушност ти давам одговор на твоето прашање. Тогаш првпат го слушнав твојот глас. И ми се свиѓаше. Ме мотивираше да одам пешки до барокниот центар на градот и покрај тоа што бев изморен од одењето на Водно тој ден. Така си одев јас и после некое време стигнав до Аце Наш. Седнав на една клупа и чекав. Од време на време подгледнував на саатот. Беа поминати неколку минути од времето кога бевме договорени, а тебе те немаше. Решив да ти се јавам, само за да дознаам дека всушност неколку минути сме седеле еден спротив друг, на спротивни краеви од плоштадот.
Станав и тргнав кон тебе. И ти тргна кон мене. Како што се приближувавме еден до друг, една мисла ми поминуваше низ глава: Поубава е отколку на сликите.

Ти пружив рака и реков "Здраво", без да го кажам моето име и бев зачуден кога ти ми го кажа твоето. Сметав дека нема потреба од тоа бидејќи веќе си ги знаевме имињата иако нашата комуникација пред тоа беше само виртуелна. Сепак, ти си сметала дека тоа било некултурно од моја страна.

Додека одевме кон кафичот кој го предложив, уста не отворив, ќутев како муле. И те зјапав. Ми се свиѓаше твојата коса. Ми се свиѓаше начинот на кој одиш. Не бев свесен дека во тие моменти изгледав како манијак.
Затоа па кога седнавме на чај и почнав да зборам, уста не затворив

Прилично несвојствено за мене.

Ама се осеќав слободно пред тебе, како да те знам многу долго време. Иако те знаев единствено од пар месеци онлајн чатување. После некој саат дојде време да си одиме. Јас отидов до тоалет, а ти за тоа време ја имаше платено сметката. Кога излегов, сакав да ти дадам пари, ама ти одби. Можеби требаше да бидам поупорен. Вака тоа испадна многу некавалерски од моја страна. Па само ти реков дека нареден пат јас частам, кажувајќи го тоа како да сум сигурен дека ќе има и втор состанок.
И така, си отидов накај дома со желба да те видам пак. Изгледа ми се посреќи, зашто после некој ден и ти ја изрази истата желба, и покрај тоа што според тебе малку сум се понашал како сељак

И еве сме, година дена подоцна...
Знаеш која песна ме потсеќа на тој период, така? Ти беше заразена со неа тогаш.