Жените најавија протести за абортусот
Женските организации жестоко реагираат на информациите за ограничување на правото на абортус. Тие дури најавуваат и протести пред Владата и Собранието доколку се остварат намерите на Владата да воведе строги мерки за прекин на бременоста. А тоа дека се подготвуваат порестриктивни услови за абортус вчера го потврдија високи владини извори, кои велат дека се работи на нив, за разлика од Министерството за здравство, од каде што се правдаат дека засега нема ништо. Иницијативата, како што велат овие владини кругови, била поведена со цел да се воведе поголема контрола врз извршувањето абортус и била иницирана од група помлади пратеници.
Иницијативата била оправдана со образложение дека бројот на абортуси во земјава се зголемува и се' повеќе се доближува до бројот на раѓања. „Условите за абортирање се толку либерални што до абортус во земјава толку лесно се доаѓа што жените си го дозволуваат како да одат да вадат заб“, бил коментарот. Според владини извори, заострувањето на условите за извршување абортус нема да значат рестрикции на правата на жената, туку само тие ќе се модифицираат. Но, модификацијата ќе биде така направена што ќе се постават такви критериуми што на жените ќе им се отежни постапката за одобрување абортус, велат истите извори. Така што воопшто нема да зачуди ако меѓу условите биде и тоа да се бара дозвола и од мажот за да абортира жената.
Дотолку повеќе што во компаративната анализа за правните практики за абортус во светот, што ја подготвило Министерството за здравство, Македонија се вбројува во најлибералната категорија на 56 земји каде што нема посебна основа за абортус. Ова веројатно и ќе биде податок со кој Владата ќе го брани својот став за заострување на мерките за абортирање, проценуваат нашите соговорници.
Во нашата земја жената засега може да абортира според пет критериуми кои воедно се и правни практики застапени во светот. Жената може да изврши абортус само ако и' е загрозен животот, потоа ако и' е загрозено физичкото здравје или, пак, ако и' е загрозено психичкото здравје. Бременоста може да се прекине ако детето е зачнато со силување или инцест и ако плодот е со абнормалности. По овие пет правни основи абортусот се дозволува во сите земји на Европската унија. Исклучок е Ирска, каде што жените може да абортираат само ако им е загрозен животот. Меѓу земјите каде што исто така владеат поригорозни услови за прекинување на бременоста се и Полска, Португалија и Малта. Во овие земји се прават обиди преку референдуми да се либерализира абортусот. Во Полска бременоста може да се прекине ако е загрозен животот на жената, ако плодот е со аномалии или ако бременоста е последица на силување. Онаму каде што законите се порестриктивни жените се одлучуваат за абортус да отпатуваат во друга блиска земја. Така, од 1980 до 2005 година околу 123.000 жени од Ирска заминале на абортус-туризам во Англија. Слична е состојбата и со жените од Португалија, кои за прекинување на бременоста патуваат во соседна Шпанија.
Женските организации кај нас, како и стручњаците за човекови права, укажуваат дека со поригорозните услови не може да се решава наталитетот. Реакции доаѓаат и од медицинските стручњаци, кои сметаат дека заострените критериуми за абортус ќе ги тераат жените на абортуси на црно, што ќе повлече полошо здравје на жената.
„Ние сме против порестриктивен закон за абортус, зашто тоа се коси со сите меѓународни стандарди и конвенции за човекови права. Па, нема сега кога има поголема демократија да се скратуваат правата на жената и да се враќаме три века назад. Ако Владата смета дека абортусот е убиство, со заострување на условите ќе доведе до двојно убиство. Не само што ќе страда плодот туку и жената, зашто со ваквите мерки таа ќе бара абортусот да го изврши по секоја цена, па и во диви ординации“, смета Савка Тодоровска, претседател на Националниот совет на жените. Против најавите за рестриктивен закон за абортус, тие реагирале до сите министерства и до Владата уште лани, кога беа залепени првите плакати против абортус, кампања зад која се сомневаат дека стои Владата за да го опипа пулсот на јавноста за ова прашање. „Одговор добивме само од премиерот, кој не' извести дека реакцијата ја препратиле до соодветното министерство. Доколу Владата и Министерството за здравство останат глуви на нивните реакции, а тие немаат друг начин како да се борат против моќната власт и нејзините кампањи, оваа невладина организација најавува протест пред Собранието и пред Владата.
„Ако се забрани правото на абортус, не само што се навлегува во слободата на избор на жената туку жената се' повеќе осиромашува во своите права во однос на мажите, зашто таа заради децата мора да се откажува од образование, од работа...“, оценува д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко-политички и правни истражувања. Правото на абортус е и прашање на животот на жената, смета Најчевска, бидејќи нелегалниот прекин на бременоста во историјата покажал дека има последици за животот на жените. „Кога би се заостриле условите за легални абортуси, замав ќе земат нелегалните, кои се поопасни зашто би предизвикале трајно оштетување на здравјето на жената, дури и смрт. А откако абортусот е легализиран во Македонија, нема смртни случаи поради таква интервенција“, вели Најчевска. Заострувањето на абортусот никако не го сметам за алатка за поттикнување на наталитетот, додава д-р Најчевска, туку треба да се создадат бенефиции, услови за подобар живот и за раѓање, а не да направиме Индија во Македонија, а потоа тие деца да и' бидат препуштени на улицата.
Утрински