Убаво ми е кога ќе завршам период полн со нервози. Кога се е толку убаво, па си под штрек дека се ненадејно ќе заврши, зошто си навикнат само лоши работи да ти се случуваат.
Убаво ми е кога комшијата ќе ми каже дека сум му омилена пошто секое утро го отпоздравувам додека пазариме, па ќе му ги извлечкам некако кесите до горе.
Кога најпозитивната продавачка ќе ми искуца на каса, ќе ми се пожали колку ја болат нозете од тој ден, па ќе плукаме и бистриме политики, што би било кога би било.
Убаво ми е кога Цементарница 55 дава голови, а ја и чичко Миле го бодриме бато. Најгласна сум секогаш.
Кога татко ми ќе ми каже дека сум паметница негова.
Или мамичка кога ќе ме гушне пред нанање, ко мало дете се смеам и заспивам.
Убаво ми е кога си ги ранам мачињата пред влез, а дедото од најгорниот спрат ме пцуе зошто ги збирам.
Ама јас сум тврдоглава и си терам по свое.
Убаво ми е и кога си пешачам јас, летното ветре и Depeche Mode на слушалки. Дури ни смрдливиот Вардар не ми пречи тогаш.
Едноставно прекрасно е кога чувствуваш внатрешен мир, правиш другите да се осеќаат убаво, а со тоа и самиот ти.
Убаво ми е и кога ќе ме прашаат како после се' постојано сум насмеана. А јас ќе се изнасмеам уште толку, дека мил ми е животот, со сите позитивности во него. Макар биле и ситни, ама ти ја хранат душичката, па му се радуваш неизмерно многу.
