
The Bear е уште една серија која имаше огромен успех и меѓу критиката и меѓу гледачите, а и тука, на форумов. Се работи за американска психолошка комедија-драма креирана од Кристофер Сторер за FX на Hulu. Џереми Ален Вајт (Лип од Shameless) го глуми Карми Берзато, наградуван готвач кој се враќа во родниот Чикаго да ја преземе хаотичната кујна и продавница за италијански сендвичи со говедско на неговиот починат брат. Во споредните улоги глумат Ебон Мос-Бакрах, Ајо Едебири, Лајонел Бојс, Лиза Колон-Зајас, Аби Елиот и Мети Метисон.
Сите епизоди од првата сезона излегоа заедно на Hulu на 23 јуни 2022. Втората сезона на 22 јуни 2023, а третата сезона на 26 јуни 2024. Уште пред премиерата на третата сезона серијата беше обновена за четврта.
The Bear имаше неверојатен успех кај критиката! Најмногу заради тензијата, сценариото и режијата, но и за актерските перформанси, техничкиот квалитет и продукциските вредности. Исто така, беше фалена за точното портретирање на ресторанот и развојот на ликовите, како и за нејзиниот пристап кон теми како самоубиство, траума, депресија и ментално здравје.
Серијата освои дури 21 ЕМИ награда, меѓу кои и едно ЕМИ за најдобра комедија, две за режија, по две за глума за Вајт и Мос-Бакрах, и по една за глума за Едебири и Колон-Зајас. Исто така освои и 5 Златни Глобуси, од кои еден за комедија и по еден за глумата на Вајт и Едебири.
Интересен е и саундтракот на серијата кој се состои од алтернативни и мејнстрим поп и рок класици од 1980-тите, 90-тите и 2000-тите. Меѓу нив има песни на Wilco, Radiohead, Van Morrison, Pearl Jam, Sufjan Stevens, John Mayer, The Replacements, Counting Crows, Nine Inch Nails, REM, Weezer, Taylor Swift и др.
Серијата, заради тешките теми кои ги обработува и зари конфузноста која ја прикажува во кујната е по малку тешка за пратење, но штом ќе и влезеш во штосот и штом се поврзеш со ликовите, ќе не можеш да ги одвоиш очите од неа. Морам да ја спомнам и маестралната кинематографија тука, особено во последната, трета сезона. И гледајте ја после ручек, зашто од јадењата има лиги да ви потечат!