Талибанците со нова стратегија

  • Креатор на темата Креатор на темата Human
  • Време на започнување Време на започнување

Human

Explorer
Член од
10 октомври 2009
Мислења
12.953
Поени од реакции
5.783
Талибанците со нова стратегија

Воената тактика на талибанците постојано еволуира иако тие често се прикажувани како фанатици без мозок, тврдат стручњаци од американските разузнавачки агенции.
Промената на тактиката на војување на милитантните исламисти, според американските стручњаци, се должи на годините поминати во дивина, на проучувањето на американската воена тактика и на анализата на грешките на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи.
- Талибанците целосно се променија. Тие сосема се откажаа од својата меѓународна агенда за ширење на исламот низ светот и сега се фокусирани само на Авганистан – вели Вахид Моџдех, поранешен функционер во талибанското министерство за надворешни работи, кој важи за експерт за ова движење.
Иако и западните и авганистанските стручњаци се согласуваат со тоа дека врховен водач на талибанците е едноокиот мула Омар, многу од иновациите што ги воведуваат талибанците се со локално потекло. На пример, идејата да се сопре целиот сообраќај на мобилните телефони по четири часот попладне во четири провинции на југот на Авганистан. Талибанските команданти им пришле на претставниците на четири приватни компании за мобилна телефонија во таа област и им рекле дека ако не го сопрат телефонскиот сообраќај, сите столбови ќе им ги кренат во воздух.
Според Моџдех, целта на овој потег е да се спречат шпионите да им ги јавуваат своите позиции на авганистанските власти, но и за да можат добро и непречено да се одморат во вечерните часови.
Но, и талибанците мораат да комуницираат меѓу себе. За таа цел, тие развиле радиопреносна мрежа ВХФ, која користи стотици мали антени поврзани со големи соларни панели. Овој систем, навистина, ги импресионирал западните воени функционери. Основната опрема е купена во обични продавници во Пакистан или е украдена од камионите на НАТО, а потоа е составена на терен.
- Опремата е исклучително софистицирана. Но, шифрите се уште можат многу лесно да им се пробијат – вели еден генерал од силите на ИСАФ, кој побарал да остане анонимен.
Заедно со тактиката се менува и политиката на талибанците. Бунтовниците престанаа да палат училишта и повеќе не се противат на кампањите за вакцинација на населението или на изградбата на болници.
- Дојдена е нова генерација. Тие знаат да работат со компјутери, комуницираат преку текстуални пораки. Тие се залагаат за добро образование. За разлика од 1990 години, талибанците не се веќе масовно неписмени – продолжува со анализата Маџдех.
Поучени од тактиките на востаниците во Ирак, од авганистанската граѓанска војна во 1990 години, од пакистанските обучувачи и од оперативците на Ал Каеда, талибанците имаат развиено план за цивилно владеење со териториите што ги контролираат. Тие назначуваат гувернер, кој, по правило, е од друга провинција, за да се избегнат племенските несогласувања, потоа воен командант на регионот, главен финансиски функционер и судија.
Харун Мир, директор на авганистанскиот Центар за истражување и за политички студии, кој се борел против талибанците во текот на 90-тите години на 20 век, вели дека талибанците почнале да преземаат идеи и од движењето на својот поранешен најголем непријател, починатиот герилски лидер Ахмед шах Масуд. Тој беше етнички Таџик, за разлика од повеќето талибанци, кои се Паштуни.
- Талибанците порано не дозволуваа никој од движењето на Масуд да се здобие со какво и да било влијание, но сега почнаа и од нив да прифаќаат идеи. Почнувам да се прашувам дали традиционалните талибанци се уште ја имаат контролата врз движењето? – вели Мир. Тој додава дека новиот однос на талибанците кон правдата многу личи на идеологијата на Масуд дека населението зад линијата на фронтот мора да се чувствува безбедно. Тој вели дека дури и слоганот на Омар „да ги избркаме неверниците“ е ист како тој што го користеле тие против Русите, со мала измена.
Талибанците, исто така, прифатија нова смртоносна тактика: регрутација на млади момчиња за бомбаши-самоубијци директно од верските училишта, медресите.
- Тие што регрутираат внимателно ги набљудуваат учениците и ги бараат тие што се поемотивни. Тие, исто така, бараат доброволци меѓу учениците што загубиле член од семејството во нападите на НАТО и на авганистанските владини сили. Потоа работа со нив и им даваат лажен појас со експлозив. Ако не покажат страв, им даваат вистински – вели Моџдах. Авганистанскиот Национален директорат за безбедност оценува дека постојат најмалку илјада мобилни центри за обука во седумте пакистански племенски региони, области во кои владее беззаконието и каде што пакистанските власти немаат пристап. Центрите се маскирани како верски училишта.
Сепак, талибанците во најголема мера се уште се мотивирани од одмаздата. Масакрот во 2001 година врз стотици, можеби и илјадници талибански заробеници од страна на еден узбекистански „господар на војната“ во северен Авганистан, се уште служи како најсилна мотивација за талибанците.

Дизајнерски јакни и компјутери

Западните експерти за разузнавање издвојуваат неколку знаци што укажуваат на зголеменото влијание на „новите“ талибанци.
- Во текот и по секој напад на талибанците, нивните врвни лидери рутински „си играат“ со владата на Карзаи преку својата служби за односи со јавност, кои се доволно извежбани за брза и ефективна јавна реакција;
-Некои талибанци се уште се борат како и пред неколку децении, со торбести панталони и завиткани во крпи, но тврдокорната „талибанска коњица“ е опремена со најнови јакни од фирмата „Норт Фејс“, со одлични чизми, топла облека и брзи мотори набавени во Пакистан;
- Талибанците изработија околу 8.000 експлозивни направи само минатата година, со вџашувачка стапка од 22 дневно! Високи американски офицери велат дека за таков потфат армијата на САД би морала да најми професионални логистичари и се искрено импресионирани од организираноста на талибанците;
- Врз основа на испрашувањето на околу 4.000 талибански борци заробени во текот на изминативе неколку години, разузнавачите од САД дошле до заклучок дека талибанците се подготвени да ја преземат власта во Авганистан или преку борба или преку преговори. Талибанците тврдат дека сакаат да го воведат Шеријатот само во областите каде што владините функционери се озлогласени по својата корумпираност.

Цивилите се најголеми жртви

Иако уште во јули минатата година армијата на САД дојде до новиот правилник издаден од мула Омар, во кој на своите борци им наредува да ги преземат сите мерки за да се заштитат цивилите, ваквото однесување не се забележува на теренот.
Според извештајот на ОН од јануари годинава, талибанците се одговорни за повеќе од 70 проценти од 2.142 цивилни жртви во 2009 година, зголемување од 50 проценти во споредба со 2008 година. Тука се вклучени 1.054 жртви на самоубиствените бомбашки напади и експлозивните направи и 225 жртви на разни атентати и егзекуции.

Извор
 
Сепак, се прилагодуваат на "условите" што ги поставуваат Американците, а понекогаш поставуваат и свои услови.
 
Back
На врв Bottom