Uste eden komentar koj zadira vo srceto na rabotata na lazhgovcite od "Fabrika":
Шашма
Лагата може да се роди, да се шири, да добива сила, да собира приврзаници, да намамува следбеници, да го шири кругот на влијание и да го зголемува бројот на своите жртви. Лагата може да создава армии, да одржува влади, да спасува бракови, кукавичлакот да го направи херојско дело, а нечесните - чесни.
Се додека не се судри со фактите.
Факт е дека „Време” беше во куќата на улицата Благој Страчков бр. 4 во Скопје, седиште на фирмата „Наша фабрика”. Факт е дека таму виде фабрички погон составен од група новинари што во своето слободно време работат за премиерот, за министрите, за СДСМ. Не за да го креираат нивниот јавен имиџ, како што се прави во сите нормални земји. Тие се таму за да ги погодат утрешните пресконференциски прашања што нивните наивни колеги ќе и ги упатат на Владата и за да им ги дадат на министрите најбезболните одговори на нив. За да и ги напишат на Владата и СВОИТЕ утрешни пресконференциски прашања, заедно со најсоодветните одговори, за сите заедно што е можно поуспешно да го излажат народот и да си ги поделат неговите пари. Факт е дека тие новинари се на два платни списока - едниот од редакцијата за која јавно работат и другиот од агенцијата за која не смеат да зборуваат. Факт се и материјалите што ги подготвуваат за таа намена. Факт е дека „Време” таму неколку пати го ВИДЕ Зоран Јачев од „Транспарентност”, како и дел од новинарите чии имиња ги посочи. Факт е дека Александар Поповски и Петар Арсовски се основачи на агенцијата „Наша фабрика” и факт е дека таа агенција работи за Владата.
„Време” ги објави и адресата и имињата и подготвените материјали и начинот на кој се работи сето тоа.
Како одговор доби официјални изјави што се најординарни лаги. Неколку пати видениот Зоран Јачев официјално изјави дека во својот живот не влегол во таа куќа. Дека не работат таму изјавија посочените колеги, кои многу добро знаат дека се виделе со новинарите од „Време”, упатувајќи преку нив поздрав до уредникот со назнака: „Кажете дека сте ме виделе на улица, а не тука!”. Александар Поповски ми рече дека неговата агенција „Наша фабрика” никогаш немала никаков проект врзан со Владата. Владиниот портпарол Чолаковски, пак, (не за „Време”) изјави дека за таа агенција чул само кога, цитирам, „оваа организација ја организираше прославата за добивањето кандидатски статус од ЕУ и тоа е единствената соработка на Владата со таа агенција”. Лажат луѓето од „Фабрика” дека материјалите што ги објави „Време” се нивни лични и дека нив никој никогаш не ги дистрибуирал по владините кабинети. Лаже Петар Арсовски кога вели дека немал никаква врска со „Наша фабрика”, а во судскиот регистар неговото име е во графата - основачи. Едни исти новинари даваат различни изјави за различни весници, се закануваат со тужби... Читаме чудни симбиози на весници што си ги препечатуваат денешните коментари.
Нека не забораваат заканувачите со тужби дека и давањето лажни изјави повлекува кривична одговорност.
Во моментов тие имаат голема потреба од шашма, фрлање прав во очи, креирање забуна. Тоа им е најдобриот одбранбен механизам секогаш кога се вмешани во некоја афера и соочени со безмилосни факти. Така беше и со швајцарските сметки, така беше и со неброени други афери. Ентропија од лаги и контрадикторности, додека да се замаглат обичните факти. До каде сме денес со аферата тајни сметки, три месеци по објавувањето?
До никаде. Сторената шашма врши работа. Таков обид се прави и сега, само што овојпат рецептот за растерување на маглата е поедноставен. Само треба, на пример, инспекторите да ги проверат банкарските сметки на „Наша фабрика” и епилогот ќе се добие за ден-два.
Шашмата е особено кобна за новинарите, бидејќи тие по правило се трагачи по вистината. Сега, кога откривме дека и новинари се длабоко замешани во афера, не треба некои медиуми, како маша на политичките центри на моќта, да произведуваат шашма или пак ноншалантно да ја игнорираат аферата. Во прашање е честа на нашата професија.
Фактите ја убиваат лагата брзо, лесно и ефикасно. За тие што се вплеткани во неа тоа сигурно е болно, но за сите други е безболно и олеснувачко. Зошто, кога е така, сите да бидеме жртви на лагата?
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=661&ArticleID=41526