Овердрајв
Модератор
- Член од
- 5 ноември 2005
- Мислења
- 4.255
- Поени од реакции
- 570
Секој што некогаш играл било каква видео игра и на неа потрошил еден дел од својот живот, нашол нешто во неа што не му се допаѓало, или што би сакал да било поинаку направено. Повеќето од нив на тоа и остануваат - или се помируваат со начинот на кој е направена играта, или се надеваат дека некој ќе ги имплементира промените кои ги замислиле. Овој серијал е за оние другите - оние кои наместо да чекаат непознати луѓе да ги пренесат нивните желби во реалноста, самите го прават тоа. Во продолжение давам неколку насоки/совети за кои сметам дека би биле важни и корисни за оние кои мислат (или некогаш помислиле) да влезат во светот на модифицирање и создавање/развивање на игри.
Прво, најважна од се` е желбата. Ако се нема желба, џабе е се` понатаму - проектот ќе пропадне уште пред воопшто да се почне со работа; ако се има желба, дури и да има недостаток на средства/материјали/време, кога-тогаш ќе се заврши. Тука, како едни од најважните услови треба да се спомнат и истрајноста и сериозноста. Истрајност - не во смисол да не мрдате од тоа што сте го замислиле (тврдоглавост), туку повеќе како надополнување на сериозноста – да се води и остане со проектот од почеток до крај, без давање банални/глупави оправдувања, без мрза, без откажување (освен во случај навистина да е оправдана и неопходна постапката).
Откако ќе го разберете горенапишаното, и ќе се уверите дека навистина ги поседувате тие карактерни особини, на ред е втората по важност работа – идеја и планирање. Во овој чекор/дел спаѓа целосното осмислување на проектот, кое вклучува приказна, со сценарио и storyboard во зависност од големината, видот и комплексноста на играта; жанр во кој би била сместена, со тоа што има голем број на игри кои се хибриди во однос на жанровите – FPS/RPG, FPS/RTS..; избор меѓу 2D и 3D; перспектива – прво или трето лице; оперативни системи/платформи и публика за кои би се правела играта; развоен пат/тип на игра – бесплатна, со отворен изворен код, комерцијална итн.
Во овој дел се обработува и прашањето за буџетот, односно колкави средства би се одделиле за проектот, и кои се` алатки би се употребувале при изработката. Сосема можно е да се направи игра без потрошен денар.
Сега, знам какви непишани правила важат кај нас, и дека до пред некое време, ако не и сеуште, тие што користеа (и користат) бесплатни варијанти/замени на скапи парчиња софтвер беа(/се) правени будали од страна на оние на кои поимите “авторски права” и “цивилизиран свет” им се подеднакво далечни како и Нептун и Уран. Но, тоа и не е толку важно.. важното е што кога ќе биде готова играта скоро никој нема да го интересира што било користено за да се направи, колку чинела, и колку време и труд било вложено во неа, туку дали е добра, интересна, игрива.
Значи, доколку буџетот е минимален (или тотално непостоечки), тогаш единствена легална варијанта е користење на софтвер кој е потполно бесплатен, по можност и отворен (со слободно-достапен изворен код), а кој претставува достојна замена за скапи, веќе етаблирани програми и оперативни системи. Пример за еден таков систем би бил оној што како ОС користи Linux наместо Windows; инсталиран е GIMP како замена за Photoshop; се прават модели со Blender, а не со 3DSM/Maya; звукот се обработува со Audacity, наместо со комерцијалниот ривал SoundForge итн.
По сето она претходно, време е да се направи првиот посериозен (и многу важен) чекор кој бара трезвеност при обработка на податоците од точка 2. Сега е моментот кога треба да се одлучи бројноста на тимот кој би работел на проектот, податок кој директно зависи од она што е наведено во претходниот чекор, и од кој зависи исходот на самата игра. Да, има голем број на игрички направени од само еден човек, кој истовремено ја врши/пополнува улогата на програмер, графички уметник, музичар.., и да, сосема е возможно и вие да го постигнете тоа – доколку вашата идеја обработува/се однесува на мала, проста, 2D игра, или сте генијалец кој веќе поседува навистина високо ниво на знаење од сите области поврзани со создавање на игри, плус мултитаскинг (во што се сомневам, инаку немаше да има потреба да го читате ова на општ форум како Кајгана J). Се бараат личности кои, освен тоа што ги исполнуваат условите од точка 1, имаат и чувство за тимска работа. Составувањето на тим може да биде многу едноставен процес (при што веднаш ги наоѓате вистинските луѓе кои Ви требаат и кои би работеле по Ваши услови), или напорен, фрустрирачки, стресен процес (за кој важи сосема спротивно од претходното), што е и повеќе од веројатно. Ако се` помине како што треба, во зависност од проектот и Вашето искуство, ќе завршите со тим составен од луѓе кои:
- имаат никакви/мали предзнаења, а огромна желба да научат, или
- имаат солидни/напредни познавања од различни области, со што секој член знае која му е задачата
Во вториот случај, кога тимот е составен од веќе искусни членови, се скока овој процес и директно се оди на создавање на играта.
Нема сега да навлегувам во целиот процес на создавање, затоа што е премногу комплексен. На кратко, програмерите кодираат нов енџин или модифицираат (прилагодуваат) некој од веќепостоечките; графичарите и аниматорите ги создаваат сите потребни модели, објекти, посредници (интерфејси), менија итн; луѓето задолжени за останатите аудио-визуелни објекти ги средуваат звуците, музиката, видеата; лидерот е задолжен да ја координира работата на сите делови од тимот и да посредува меѓу нив, смирувајќи ги неизбежните напнати ситуации, но и форсирајќи ги останатите да работат побрзо во пресрет на некој од крајните рокови.