Не постои човек кој не сонува. Сонот ни овозможува да запознаеме една поинаква реалност или еден друг свет кој не ни е достапен во будна состојба. Затоа и чувствуваме потреба, со помош на неговото толкување, да го објасниме тој „друг свет“, како и да ги откриеме трагите на минатото и навестувањата за иднината што ни се појавуваат во него. Тоа не е нешто што треба да го занемариме, бидејќи човекот, за шеесет години живот, поминува дваесет години во спиење, а од нив четири години во сонување. Некој повеќе, некој помалку, но сите ние, додека спиеме, пловиме низ светот на сонот. А токму во сонот се изразува нашата најдлабока интима, која многу често знаеме да ја потиснеме и да ја запретаме во длабочините на потсвеста. Како што рекла Марија Ебнер-Ешенбах,
Не сметај се за сиромашен затоа што соновите не ти се оствариле, навистина сиромашен е само оној кој никогаш не сонувал. Безброј регистрирани и доживеани настани, ситуации, луѓе, мириси, бои и звуци, се испреплетуваат во сонот и создаваат неверојатни приказни. Но по будењето, тие слики брзо бледнеат, стануваат несигурни. Затоа, луѓето кои го сфаќаат сонот како своевидна порака што ни ја упатува нашата потсвест, треба да ги запишуваат своите сонови и сериозно да ги анализираат. На тој начин, тие ќе можат да создадат сопствен систем за препознавање и за нивно толкување. Тој систем подразбира следење и на други знаци, како што се треперењата на одреден дел од телото. Сите тие укажуваат на моменталната духовна состојба на поединецот и му даваат своевидни упатства за дејствување.
Уште Хераклит пишувал:
Во будна состојба, луѓето имаат заеднички свет, но во сонот секој има свој сопствен космос.
Хелдерин, пак, пеел:
Човек, бог кога сонува
а одвај просјак кога мисли.
Таоистот Чуанг-Цу изјавил:
Еднаш сонував дека сум пеперуга, а сега не знам дали сум Чуанг-Цу кој сонувал дека е пеперуга или сум пеперуга која сонува дека е Чуанг-Цу.
Педро Калдерон ја срочува оваа поетска метафизика на сонот во насловот на една своја драма:
Животот е сон.
www.sonovnik.taratur.com