Избрани се новите седум светски чуда - Големиот Кинески ѕид, Колосеумот во Рим, палатата Таџ Махал во Индија, напуштениот антички град Петра во Јордан, големата статуа на Исус во Бразил, светиот град на Инките Мачу Пикчу во Перу и пирамидите на древните Маи во Мексико.
Изборот синоќа официјално беше објавен во Лисабон. Над 100 милиони луѓе преку интернет и СМС пораки имаа можност да го одберат својот фаворит.
Според иницијаторот на оваа кампања, швајцарскиот уметник и музеолог Бернар Вебер, седумте новоизбрани светски чуда во себе ја носат симболиката на единство на целиот свет.
Кампањата за објавување на седумте нови светски чуда доаѓа откако во 2001 година талибанците ги урнаа гигантските статуи на Буда во долината Банијан во Авганистан. Во натпреварот учествуваа првично 21 објект избрани во јануари 2006-та, од вкупно 77 предлози.
Меѓу останатите номинирани споменици на светските култури и традиции беа и Ајфеловата кула во Париз, Кипот на слободата, атинскиот Акропол, Кремљ, Опера хаус во Сиднеј, британскиот Стоунхенџ и црквата-музеј Аја Софија во Истанбул.
A1