И Буш ќе прај арч на телефон за да не кандиса:
Атина, 3 март (МИА) - Американскиот претседател Џорџ Буш ќе оствари телефонски разговори со премиерот на Грција Костас Караманлис и со македонскиот претседател Бранко Црвенковски, по неуспехот на вчерашните преговори за спорот со името, пишува денеска грчкиот весник „Катимерини“.
Новиот круг преговори започна со одделни средби меѓу Метју Нимиц и преговарачите Адамандиос Василакис и Никола Димитров, по што следеше заедничка средба меѓу нив тројца, која што заврши со неуспех, истакнува весникот.
- Сега Нимиц единствено смета на притисокот кој што ќе го изврши Вашингтон, кој што ќе вклучува телефонски разговори на Буш со Караманлис и Црвенковски, додава „Катимерини“.
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер е во посета на Атина, за да го разгледа прашањето со името со Караманлис и со шефот на дипломатијата Дора Бакојани.
И покрај развојот околу спорот со Скопје за името и очекуваните меѓународни реакции, грчката страна остана непоколеблива во своите позиции, пишува грчкиот весник „Нафтемборики“.
Пред премиерот Караманлис не стои за разгледување прашањето дали да биде преформулирана грчката позиција.
Изгледа во таа насока се движи и главната опозициска сила - социјалистичката ПАСОК, која што нема различно мислење од официјално објавената позиција на Атина. Тоа може да биде првиот пат, кога двете главни партии на политичката сцена во Грција не го користат актуелниот проблем за политичко спротивставување, коментира весникот.