
Првите Македонци кои стапнаа на американска почва зад себе ја оставија Македонија, земја опустошена од војни каде што политичкиот прогон и етничкото чистење беа секојдневна појава. Без оглед на тоа под чија власт била нивната татковина и без разлика на која националност, етничко малцинство или религија им припаѓаат Македонците, тие биле сиромашни, неписмени и лишени од надежта за подобра иднина. По Балканските војни во 1913 година, Македонија во целост беше избришана од картата. Неколку децении подоцна, тие биле преименувани во Грци, Бугари, Срби или Албанци во зависност од тоа на кој му припаднал тој дел од Македонија каде што тие живееле. Но, и покрај тоа, македонските печалбари ја понесоа Македонија во своите срца во Америка, каде што беа слободни да се нарекуваат Македонци и да го зборуваат својот македонски јазик.
Најверојатно, никогаш не ќе се знаеше кои биле првите Македонци во Америка ако не постоеше Американската канцеларија за попис на населението. Првиот попис направен во Америка бил во 1790 година кога бројот на населението во земјата изнесувал 3,9 милиони луѓе. Не знаеме дали имало Македонци меѓу тие први Американци, но во 1860 година, само половина век подоцна, името Македонија прв пат се појавува на американскиот попис. Заменик-шерифот и лицето што го спроведувало пописот во поштата во градот Емпајр на 12 септември 1860 година документираат дека одреден Ричард Касаус бил роден во Македонија. Тој во тоа време бил на возраст од 54 години и бил женет со Хариет Касаус, која била две години постара од него. Тие имале три деца: Шарлот (14), Елизабет (4) и Виктори (1). Исто така, внесен во истиот документ бил и Џозеф Касаус (40).
Прво, со оглед на фактот дека ниту едно од наведените имиња не е традиционално македонско, би било премногу апсурдно да се тврди дека Ричард Касаус бил Македонец. Меѓутоа, Ричард Касаус, ако тоа и му било вистинското име, ја дал таа информација. Знаејќи дека и Хариет, неговата сопруга, била родена во Флорида, дополнително покажува дека Ричард би можел да дојде на Флорида од некое друго место. Пред 1860 година, Флорида се' уште во голема мера била држава во која се зборува шпански јазик, и тој најверојатно го добил презимето тука, бидејќи Касаус е често име во земјите од шпанското говорно подрачје. Македонците ретко го користеле презимето пред 1913 година.
Исто така, посочен дека живее на истата адреса бил и Џозеф Касаус (македонски Јосиф), кој бил на возраст од 40 години и бил роден во Русија. Ова, дефинитивно, имплицира на тоа дека Ричард патувал во Русија каде што бил роден Џозеф и тие, најверојатно, заедно дошле во Флорида. Пописот не покажува дали Ричард и Џозеф биле браќа. Но, со оглед на фактот дека Ричард е само 14 години постар од Џозеф, мала е веројатноста да се претпостави дека станува збор за однос татко - син.
Освен тоа, бидејќи ниту името ниту презимето не се типично македонски, словенски или православно христијански, нема логика да се потврдува валидноста на пописните податоци. Познато е дека повеќето имигранти ги менувале своите имиња при пристигнувањето во САД или од економски причини или од некои други фактори. Имајќи ја на ум историската перспектива, разумно е да се претпостави дека тие би сакале да им дадат на своите деца англиски имиња. Во секој случај, Ричард Касаус е првата личност за која постојат информации дека ја навел Македонија како место на раѓање.

Следниот попис во 1870 година покажува дека во земјата немало влез на лица родени во Македонија. Меѓутоа, двајца имигранти од Турција со типично македонски имиња отскокнуваат на листата лица родени во Турција: Пано Госпондоноф и Андреја Исаноф. Се' што знаеме за овие двајца господа е дека Андреја Исаноф имал 23 години и живеел во Итака, Њујорк, додека Пано Госпондоноф бил стар колку и Исаноф и живеел во Ројалстон, Масачусетс.
Од пописните податоци во 1880 година се забележува дека три лица биле родени во Македонија. Тоа биле Томас и Ентони Протопсалтис и Константин Трико. Томас бил 32-годишен лекар и вдовец кој бил роден во Македонија. Тој, исто така, навел дека и татко му и мајка му биле родени во Македонија. Слично на него, Константин бил роден во Македонија во 1848 година, како и неговите родители, и тој бил неженет и свештеник. Презимето на Константин можеби било Трајко, бидејќи буквата „и“ одговара на македонскиот изговор „ај“, а буквата „ц“ кога се пишува пред „о“ се изговара „к“.
На следните неколку пописи се забележуваат неколку лица кои ја наведуваат Македонија како нивно место на раѓање. Она што е забележително и интересно за нас е дека сега забележуваме Македонци кои пристигнуваат во поголеми групи, што покажува дека тие луѓе биле вистински печалбари. На пример, пописот од 1900 година покажува дека десет Македонци ги навеле Филаделфија Вард, 14 Филаделфија и Пенсилванија како нивни адреси и посочиле дека биле родени во Македонија. Исто така, пописот од 1900 година покажува дека Симон Васоф е првиот Македонец, кој живеел на Алјаска.
Забележително зголемување на бројот на лица кои навеле дека се родени во Македонија, се забележува во пописот од 1910 година. Тука 423 лица ја посочиле Македонија како место на раѓање. Повторно, се' поочигледен е шаблонот дека овие Македонци биле печалбари, бидејќи повеќето од нив живееле во пансиони низ САД. Понекогаш овие лица биле наброени како самци и живееле во пансиони во групи од 10 или повеќе лица. Веројатно тие работеле во некои големи фабрики, складишта за дрвена граѓа, пристаништа, рудници итн. Голем број македонски имигранти имало во Гери, Лејк-Индијана; Индијанаполис, Мерион - Индијана; Вејн, Овен - Индијана; Зумброта, Гудхју-Минесота; Харв, Шато - Монтана; Тембрук, Меримак - Њу Хемпшир; Менхетен, Њујорк; Спрингфилд, Кларк - Охајо; Медисон, Амстронг- Пенсилванија; Солт Лејк Сити, Солт Лејк - Јута и Кеслвуд, Расел - Вирџинија.
Четиринаесеттиот попис спроведен во САД во 1920 година покажува дека 5.411 лица ја навеле Македонија како место на живеење. Иако голем број Македонци се' уште имало во пансионите, огромно мнозинство од нив навеле индивидуални адреси и со нив живееле нивните сопруги и деца. Меѓутоа, она што е поважно за Македонците е дека на овој попис, покрај местото на раѓање, им било барано и местото на раѓање на родителите и нивниот мајчин јазик. Неколку илјади Македонци покрај тоа што се нарекувале Македонци, исто така, навеле дека нивните родители биле родени во Македонија и нивен мајчин јазик бил македонскиот. На пример, во Лекавана, Ери - Њујорк се забележуваат 12 лица кои го навеле ова. Тие лица биле: Ристо Симоф, Ристо Ефтим, Јосе Корткоф, Јозеф Андроф, Стефан Наум, Нилиер Стрфоф, Николас Трајкеф, Јанез Христеф, Димитриј Сетреф, Николас Стрфоф, Коста Сонтероф и Тале Митроф.
Последниот попис на кој се забележува дека место на раѓање, националност и мајчин јазик е Македонија бил спроведен во 1930 година. Овие пописни документи покажуваат дека 1.788 лица биле родени во Македонија. Меѓутоа, овој број е многу помал од оној во пописот во 1920 година. Има голем број причини зошто се случило ова, но тие причини не можеле да бидат контролирани од обичните Македонци. Можеби ако Грција и Бугарија дозволат нивните пописни податоци да бидат достапни за светот, тогаш ќе може да одговориме на голем број прашања.
Овие неколку илјади Македонци ја пишуваа историјата без да се обидуваат да го прават тоа. Тие дојдоа во Америка за да побегнат од тиранијата и уништувањето и се' што сакаа беше да обезбедат подобар живот за нив и за нивните семејства дома. Сепак, неколку децении подоцна нивните имиња станаа бесмртни. Кој можеше да замисли дека еден ден малата земја Македонија, илјадници милји оддалечена, засекогаш ќе им биде благодарна на оние кои ги вршеа пописите во САД и кои совесно го пишуваа она што ќе го слушнеа?
Бил горд на своето македонско потекло
Потполковник Кристофер Г. Тароф (86), кој неодамна почина во САД, бил потомок на македонски иселеници
ОХАЈО - Кристофер Г. Тароф (86), кој неодамна почина во САД, е потомок на македонски печалбар. Како што ќе напише „Вашингтон пост“ во омажот по неговата смрт, тој бил горд на своето македонско потекло, го зборувал македонскиот јазик, подготвувал јадења од Македонија и присуствувал на македонските собири.
Тароф бил пензиониран потполковник на воздухопловните сили кој работел и со неподвижен имот, починал на 11 декември во Болничкиот центар Вирџинија во округот Арлингтон од проблеми со белите дробови. „Потполковник Тароф беше роден во Спрингфилд, Охајо, од родители кои емигрирале во САД од Македонија во почетокот на 1900-тите години.
По завршувањето на средното училиште во 1939 година, тој работел за време на депресијата како машинист, а потоа бил регрутиран како кадет за авијација во воените воздухопловни сили во 1943 година. Подоцна работел како бомбардер и навигатор во 509. Комбинирана група под команда на полковник Пол Тибетс. Тибетс беше пилот на „Енола Геј“, кое ја фрли првата атомска бомба врз Хирошима. Тароф, кој во тоа време беше потпоручник, беше дел од 15-те екипи кои се обучуваа во тајност во Вендовер, Јута, како подготовка за мисијата за исфрлање две атомски бомби врз Јапонија во 1945 година.
По војната, тој се врати во родното место и продаваше вино за локалниот семеен бизнис. Потоа, повторно беше регрутиран во воздухопловните сили и ставен на располагање на Централната разузнавачка агенција. Во 1953 година беше распореден во Грција поради познавањето на англискиот, македонскиот, бугарскиот и грчкиот јазик. Се пензионираше од војската во 1975 година и во наредните 10 години беше агент за неподвижен имот во Арлингтон.
„Потполковник Тароф целиот живот го посвети на историјата и на него можеше да се смета за импровизираните, поучни и жолчни дискусии за практично секој историски настан“, пишува „Вашингтон пост“ по повод смртта на Тароф.
Весник