Еве по втор пат
Нормалното срцево работење продизведува два звука ( систолен, кога срцето е стега и дијастолен звук, кога срцето се полни со крв по истиснувањето на крвта со систолата) и тоа се звуците од затварањето на срцевите залистоци. Срцевите шумови се абнормални звуци кои се создаваат со работењето на срцето, заради турбуленцијата на крвта во срцето или близу срцето, во големите крвни садови.
Срцевите шумови можат да бидат присутни од раѓање или да се развијат покасно во животот. Срцевиот шум не е болест за себе - но во одредени случаи шумот укажува на болест на срцето.
Најголем дел од срцевите шумови се безопасен наод и не бараат никакво лекување. Овие шумови се нарекуваат „невини“ шумови. Лице со невин шум има нормално срце. Овој тип на срцев шум е најчест кај бебињата и децата. Речиси половина од сите деца во одреден период имаат срцев шум и најголем дел од тие шумови се невини шумови.
Абнормален срцев шум е посериозна состојба. Кај деца, абнормален срцев шум обично е резултат на конгенитална, вродена срцева мана. Кај возрасни абнормалните срцеви шумови се обично здобиени болести на срцевите залистоци.
При лекарски преглед, со помош на стетоскоп докторот може да ги дијагностицира срцевите шумови и најчесто ќе бидат потребни додатни тестови за точна дијагноза на проблемот. Третманот, доколку е потребен, е секогаш насочен кон причината за појава на срцев шум.
Знаци и симптоми
Доколку се работи за невин срцев шум нема никакви симптоми и знаци на срцева болест.
Многу често и при постоење на абнормални срцеви шумови пациентот нема никакви симптоми. Следниве симптоми и знаци укажуваат на проблем со срцето:
- Кожата е модра, особено на врвовите на прстите и усните
- Појава на отоци
- Недостаток на воздух, чувство на гушење
- Зголемен црн дроб
- Проширени вени на вратот
- Слаб апетит и бавен раст (кај бебиња)
- Нагло зголемување на телесната тежина (кај возрасни и деца)
- Изразено потење при минимален напор или во мирување
- Болка во градите
- Вртоглавица
- Слабост
- Пристапи на губење свест
Причини
Постојат голем број на причини за појава на срцеви шумови.
Невини срцеви шумови
Невин срцев шум може да настане како последица на забрзување на протокот на крв низ срцето-како при зголемена физичка активност и покачена телесна температура.
Причини кои најчесто доведуваат до појава на невин срцев шум се:
- Бременост
- Покачена телесна температура
- Анемија, при што нема доволно здрави еритроцити за да ја пренесат доволната количина крв до органите и ткивата.
- Хипертироидизам, состојба при која тироидната жлезда произведува премногу тироидни хормони кои го зголемуваат метаболизмот, со што се забрзува протокот на крв низ телото
- Физичка активност
Промените кај срцето кои се резултат на стареење или операција на срцето исто така можат да доведат до појава на невин срцев шум.
Со тек на време, невиниот срцев шум може да исчезне.
Абнормални срцеви шумови
Иако многу од срцевите шумови не се сериозни, некои укажуваат на срцева болест. Најчеста причина за абнормални срцеви шумови кај децата се вродените срцеви мани- од раѓање овие деца имаат структурни дефекти на срцето. Најчести вродени срцеви мани се:
Отвори во срцето. Повеќе од половина од абнормалните срцеви шумови се резултат на абнормални отвори во ѕидот помеѓу преткоморите и коморите и абнормална поврзаност на големите крвни садови ( помеѓу аорта и горната шуплива вена најчесто) кои излегуваат од срцето.