И сам не знам колку алкохол се испи и колку жени се сакаа секаде каде што настапуваа. Кога ги почнуваа првите тезгарошки свирки некаде 1999-2000 во тогашна летна Хавана, присутни беа они, газда Зеко (што беше газда и на Аха кафичот), ние од здружението на клабери и тук там уште по некое сепаре, па буквално им нарачувавме песни и си муабетвме најнеформално, терајќи некои шеги и зафрканции. Специјалност им беше Дино Мерлин со старите песни и новиот албум Средином со кој направи масивен кам-бек. После тоа се насобра клиентела па се префлија и во Елемент (ТЦЦ ПЛАЗА) секоја среда, подоцна и во Б2, едно време и во кафана Мома, Планет во Охрид за време на летна сезона, Картел кој подоцна стана Харем. И секаде, секаде ги следевме секоја среда во Елемент нарочито и само еднаш се заебавме да отидеме трезни и да бидеме фрикови меѓу нормалните.
Имаат многу хитови но најубав секогаш ќе им биде Еј калдрмо во соработка со маестро Венко Серафимовски. Или барем мене ќе ми биде за да ме потсеќа кога бев лудо младо и заљубено во едно моме под Исаро. На лудостите во штипски зими бели кога будали одевме по ноемвриски и декемвриски магли и снегови на родендени во Штип, на гозбите во Грофо на журките во Џет и на докусурувањето во Скрим, за после пијани по истите магли и снегови да се враќаме во 3 сабајле за Скопје возејќи 40 на саат. Една иста ваква зима, трета година има, се кандиса малата за гурбетџија...
Почивај во мир мајсторе