Владата си го проверува рејтингот од врата на врата
Премиерот неколкупати изјави дека не размислува за предвремени избори, но, теренските активности на сите партии го покажуваат спротивното
Активисти на владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве во Скопје и во сите поголеми градови преку анкета ја проверуваат успешноста на работата на Владата. Анкетните прашања се посветени на позитивните и негативните страни од досегашниот владин ангажман, кои се главните слабости и кон што би требало да се насочи понатаму нејзиното внимание. Иако првата асоцијација меѓу граѓаните е дека владејачката партија со анкетата го проверува сопствениот рејтинг во пресрет на конечната одлука дали да има предвремени избори, во ВМРО-ДПМНЕ анкетата ја сметаат за редовна партиска активност. Според Илија Димовски, пратеник и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, партиските анкети не се новина. Како партија на власт, вели тој, вовеле атипичен начин на однесување, што подразбира постојани контакти со граѓаните.
- За предвремени избори не размислуваме. Тоа е повеќе пресија наметната од медиумите отколку што се реално можни. Блокадата во парламентот повеќе се должи на изборот и политичката волја на опозицијата да се кочат сите чекори на Владата. Нашето внимание е насочено кон реализација на програмата - вели тој. Премиерот Никола Груевски неколкупати изјави дека не размислува за предвремени парламентарни избори. Но, теренските активности на сите партии од власта и од опозицијата зборуваат за нешто сосема друго. Иако никој од политичарите јавно не соопштува дали ќе има предвремени избори, независно од резултатите на самитот на НАТО во Букурешт. Под изговор на редовни активности, партиските водства ги крстосуваат општините со речиси секојдневни средби со граѓаните. Либералдемократите завчера ги дефинираа основите на својата изборна платформа. Лидерот Јован Манасиевски вели дека сакаат да ја промовираат една година пред редовните избори, но ако има вонредни, таа ќе биде подготвена и за таа намена.
- Груевски се наметна како можно решение за економските проблеми во Македонија. Бидејќи последниве месеци јасно укажуваат дека и тука нема никаков резултат, економските перформанси на Владата се значително ослабени, а таквиот тренд ќе продолжи и во 2008 година. Би била дискутабилна неговата одлука и процена за предвремени избори, се разбира ако ја донесе - нагласува Манасиевски. Според портпаролот Емилијан Станковиќ, партиските активности на СДСМ на терен се редовни. Тие се поврзани со „демаскирањето на лагите и популизмот на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, кои граѓаните се повеќе ги чувствуваат на својот грб поради опаднатиот животен стандард“. Со средбите СДСМ им нуди на граѓаните конкретни алтернативни политики и решенија за подобрување на животот.
- Сите капацитети треба да се фокусирани кон добивање покана за во НАТО и датум за преговори со ЕУ. Но, едно е сигурно, на следните парламентарни избори, кога и да бидат, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја изгуби довербата од граѓаните - вели Станковиќ.