Оi Punk е всушност заложба за враќање на панкот од каде што и потекнал - на улицата, наспроти комерцијализацијата на неговиот првобитен бран (многу од првобитните бендови се искомерцијализирале, потпишале милионски договори со што првобитната идеја била компромитирана), потоа за враќање на сировоста и едноставноста наспроти претераната интелектуалност и артизам што довело и до отуѓувањето на панкот од улицата (по згаснувањето на Секс Пистолс еуфоријата Џони Ротен ги формира Public Image Limited и почнува да твори во некои позрели post-punk и психоделични води), како и заложби за обединување на субкултурните движења- панкерите и скинхедите кои претходно веќе постоеле како субкултура уште од крајот на шеесеттите но го прифатиле подоцнежното појавување на панкот.
Автентичното Oi движење било замислено како строго аполитично и како спротивставено и на левицата и на десницата, но постојат извесни исклучоци на заземање лева или десна политичка ориентација, и тоа во случајот со бендот Angelic Upstarts, кои отворено се декларираат како комунисти-троцкисти, Combat 84 кои кокетирале во извесни моменти со десницата од што подоцна ќе се отрнат итн. Автентичните Oi бендови ја критикувале и десницата (напр. се потсмевале на неонацистичката организација British Movement нарекувајќи ја "German Movement"), а од друга страна во текстот на песната "Suburban rebels" групата Business го критикува и лево-ориентираното студенско движење велејќи дека глумат револуционери, дека се од удобни домови на средната класа без никаква врска со пролетаријатот и дека мафтаат со срп и чекан, но никогаш со Британско знаме (осудувајќи ги за недостаток на патриотизам, koj е една од карактеристиките на Oi движењето наспроти оние правци во панкот врзани за анархизмот или нихилизмот).
Битно е да се нагласи дека Oi панкот нема никаква поврзаност со неонацизмот како што тоа обично се тврди, за што впрочем и самиот негов „идеен татко“ сега познатиот британски новинар Garry Bushell постојано нагласува давајќи цврсти аргументи (имено самиот тој всушност бил активен социјалист и тоа токму во тоа време). Неонацистички бендови во рамките на панкот и скинхед движењето секако постојат, но тие не се дел од Oi, но претставуваат засебни правци (nazi-skinheads или nazi-punks, правецот Rock against Communism или RAC именуван како противодговор на Rock against racism и сл.). Сепак недоразбирањата околу евентуалната поврзаност на Oi поддвижењето на панкот со нацизмот и до ден денес постојат, што всушност и довело меѓудругото до недоволна медиумска експонираност на овие групи.
Oi панкот се нарекувал уште и streetpunk, reality punk или „пролетерски панк“ пред дефинитивно да го добие името Oi punk по песната "Oi, Oi, Oi" на групата Cockney Rejects, а самиот назив "Oi!" во англискиот секојдневен жаргон претставува повик за обрнување на вниманието („Eј!“), нагласувајќи дека се врзува за улицата и работничката класа, наспроти студентите најчесто од средната класа итн.
Во поглед на составот на луѓе инволвирани во ова движење имало и панкери и скинхедси, напр. додека групите 4 Skins, The Oppressed, Last resort и др. биле исклучиво составени од скинхедси, бендовите како Business и Blitz биле со мешан состав, а најбројни биле оние составени само од панкери: Sham 69, Infa Riot, Abrasive Wheels, Cockney Rejects итн.
Овој стил се појавува на крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век, а замира некаде во средината на осумдесеттите години, меѓудругото и како последица на „хајките“ и осудувањата за наводен неонацизам, особено по познатите големи нереди во Southall, пришто група азиски емигранти го нападнале Oi концертот и неговите посетители сметајќи го за расистички. Овој голем инцидент бил употребен од печатот ненаклонет кон Oi движењето како аргумент дефинитивно да го етикетира како неонацистичко.
Познати Oi Панк бендови се : The 4-Skins, Cockney Rejects, The Business, The Oppressed, Condemned '84, The Last Resort...