Од понеделник нема да работат училиштата, во градинките нема да се одржува воспитна настава. Образованието се крена на штрајк. Одлуката на синдикатот за образование наука и култура е донесена пред неполн час.
Десетици илјади ученици од почетокот на идната недела ќе останат дома.
Господине Цветановски, зошто се одлучивте на ваква мерка?
После повеќе месеци преговори со ресорните министерства, не дојдовме до решение околу три клучни барања, и денес после шест часовни преговори на вонредна седница на советот на СОНК, повторно не дојдовме до решение.
До кога ќе трае штрајкот?
Тоа не зависи од нас. Зависи од ресорните министерства, и се надевам дека владата ќе се вклучи во изнаоѓање на решение. Ние почнуваме во понеделник а штрајкот ќе трае се додека не најдеме решение.
Кои се вашите клучни барања?
Потпишување на колективни договори за основното и средното образование, и нивна примена во делот на платите и надоместоците од 1.1.2009-та година. Соодветни колективни договори за градинките, културата, високото образование и науката посебно. Надоместокот за исхрана да изнесува 20% од просечната плата во Република Македонија. Реални трошоци за превоз и трансформирање на работниот однос на сите што се на определено време, на неопределено, доколку не постои објективна причина за да бидат на определено време.
Платите се мали, или постои преголема вработеност во образованието? Може ли на друг начин да се реши тоа?
Тие што работат, треба соодветно да бидат платени, соодветно на сложеноста и значењето на работното место. Повеќе години укажуваме дека просветните, културните и научните работници се под секое ниво на сложеноста на работното место. И споредено со другите плати во јавниот сектор во нашата држава, да не зборуваме споредено со соседните држави.
Зошто секој година децата се жртви? Виновни ли се тие за синдикално-владините несогласувања околу вашите права?
Синдикатите во цел свет на ваков начин штрајкуваат. Се затвораат училиштата, нема настава. И во тие држави жртви се учениците. И во Германија, и во Јапонија, и во САД.
Не постои друг начин да се изборите за вашите права?
Постојат преговори. Еве после неколку месеци не успеавме. Значи најлесен и најдемократски начин се преговорите. За жал не успеаја преговорити, значи наредно е штрајк. Со можност да се радикализира.
Што значи тоа?
Доколку се оди на тоа да се ставаме на испит колку време ќе издржиме, веројатно ние ќе го радикализираме.