asterix_m
Регулатор
- Член од
- 19 април 2006
- Мислења
- 2.765
- Поени од реакции
- 33

Рика или лаже?
И да сакаме, оваа Окта не ни дава да здивнеме. Нам, опозициски настроените, ни стана непрекината инспирација да критикуваме, а на власта - за лажење. Се подразбира, кој во случајов е шампион на лагата!Што би рекле “прајм министер“ во лажење? Тамам за малку да не убеди дека не потпишал писмо врз основа на кое Судот во Париз ни наложи да платиме 13,9 милиони долари, кога хартивчето исплива на површина. Штом јавноста го виде тоа писмо, потоа се обиде да ја минимизира штетата која ни ја “пресуди“ тој со неговата чесност и кусогледост, со новиот анекс на договор кој го потпишаа со Окта во 2007-та година. Повторно доби крилја за манипулација, па ни тврдеше дека државата не претрпела штета и не сме платиле ниту денар. Потоа се повтори приказната за лагата и кусите нозе, па обелоденивме дека има штета, и тоа речиси двојно поголема од онаа наводната на Бучковски, на која знаменосецот изгради кариера и качи барем пола од поените на виртуелниот рејтинг. Непобитно: Платено е од нашата ескроу сметката 3.360.000 долари. Последната веле-лага ја кажа во минатиот четврток на пратеничко прашање од поранешниот премиер Владо Бучковски кој го праша: “Ве прашувам сега Вас, за тоа што ве праша колегата Жерновски, дали мирно спиете, дали калкулирате дека поранешниот премиер за штетен договор, (а штета докажавме дека нема, деловите се тука и вредноста им е иста... ?!)дали на сон не ви паѓа дека за оваа штета од 3.360.000 долари всушност министерот за неправда не ви ја заокружи казната за некаде речиси пет години затвор“?
Ова веројатно оди правопропорционално, според нивното сатарче, како што засекуваат, “сума помножена со години затвор- еднакво на...„ Што ќе одговори на ова прашање кутриот Груевски? Фатен е жив, со докази, што би рекле инфлангранте. Што да одговори освен, туц-муц, и се повика на тезите што ги даваше неговиот поранешен лидер Георгиевски, па вели:“ ...пресудата којашто беше донесена во врска со Окта во најголем дел е донесена зашто договорот не е почитуван претежно во периодот од 2003 до 2005.“Пази богати,уште да им го почитуваме арамилакот. Абе, капа да им симнеме!Значи големиот патриот не негира дека оваа сума ни е симната од ескроу сметката, туку ни кажува папагалска приказна за мали деца:Опозицијата виновна Окта што се продаде, рекет што зедоа, сулфур што чади, сонцето што не свети ноќе... Ама пусто да остане, има луѓе што добро го знаат овој предмет и велат дека работите таму стојат вака:
Тужбеното барање на Окта пред Арбитражниот суд во Париз, кон тужениот, Влада на Република Македонија, се однесуваше за период од денот на потпишувањето на договорот до 31.12.2003 год. Значи убав на мајка, сосема обратно, тужбеното барање и пресудата во огромен дел се однесуваат на владеењето на неговата партија. Ајде сега да видиме за што не осудија во Париз. Ви го прикажуваме делот петти од извршната пресуда на Арбитражниот трибунал кој одлучи како што следи: 1. За нарушување на ексклузивното право на увоз на Окта, на тужителот му е досудена штета во висина од 7.470.000 долари, плус камата од 5 насто, до стварното плаќање.
Да го потсетам човекот кој што во континуитет не лаже, дека владата во којашто тој беше министер за финансии го прекрши договорот уште во август 2000-та година. Веднаш по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација Макпетрол ни се нацрта на граница со конвој цистерни. Се случи жестока кавга со Даравелски кој ги држеше цистерните на граница, а ЕУ притискаше. Владата не знаеше што да прави, па под итно донесе нов упатен правилник за да може стабилизациониот договор(ССА) постепено да се имплементира. Што се случи потоа? По неколку недели ги пуштија да влезат цистерните на Макпетрол. Го прекршија договорот за ексклузивитет со Окта. Затоа одговорно тврдам дека владата на СДСМ не го кршела договорот, туку напротив тие го прекршија една година по потпишувањето на истиот. 2. За различни права за плаќање на царински давачки, и следствено на тоа, на тужителот му е досудена штета од 1.090.000 долари со камата либор плус 8 насто годишно, до стварното плаќање.
Оваа штета се однесува на увозот на нафта од страна на Окта, над предвиденото ниво на бесцарински увоз од 20 насто. Царината им беше наплатувана во континуитет, и колку што јас се сеќавам, надлежен за уредување на царинските такси и ослободување од нив, до 2002 год. беше министерот за финансии Никола Груевски. Значи, тој во континуитет им наплаќал царини и го кршел договорот зашто така вели Трибуналот. А сега кажува приказни дека не тој, туку некој друг тоа го правел.
3. За недоволно користење на мазут на тужителот му е досудена штета во износ од 22.718.000 долари со камата од 5 насто годишно, до стварното плаќање.
Тој и неговите стручњаци во тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ презедоа обврска Македонија годишно да троши 500.000 тони мазут, а ние просечно трошевме од 200.000 до 250.000 тони, зашто големите потрошувачи како Охис, Железара, Пивара, Топлификација, Цементара и многу други се преориентираа на гас. Значи на леб да го мачкавме овој мазут, па таа количество нема да можевме да ја потрошиме. Затоа нека одговори дали тие до 2002 година трошеа по 500.000 тони мазут, или еве уште поедноставно, дали сега, во моментот кога е тој премиер, ја троши оваа количество. Веројатно и сега свесно го крши договорот и ќе имаме нова тужба со нови 22.000.000 долари. Освен ако не станува збор за свесен ризик, па штетата ќе ја плати некоја друга влада од буџетските пари.
4. За недоволно обработена сурова нафта на тужителот му е досудена штета од 3.075.000 долари со камата од 5 насто годишно, до стварното плаќање.
Во договорот со Окта тогашната влада презела обврска дека гарантира минимален протек низ нафтоводот и преработка во рафинеријата од најмалку 1.000.000 тони годишно. Бидејќи тогаш кога го потпишуваа договорот им беше битно што ќе земат тие, а не што ќе дадат од Македонија, па воопшто не водеа сметка дали Македонија може да овозможи потрошувачка колку што тие бараат. Па не ни направија есап дека дури кога Окта работеше речиси со полн капацитет и го снабдуваше цело Косово и Јужна Србија, едвај ја надминуваа оваа потрошувачка од милион тони годишно, а не со половина згаснато стопанство.
5. За неослободувањето од воен данок (виртуозната измислица за дополнително молзење пари на тогашниот министер за финансии) на тужителот му е досудена штета од 2.228.000 долари со камата либор плус 8 насто годишно, до стварното плаќање.
Кој го воведе воениот данок: ние или Груевски? Кој го пишуваше законот, ние или тој? Зошто во законот не предвидел ослободување на Окта од плаќање на оваа давачка? Кој го кршел договорот, тој или ние?
6. За надомест на штета на господинот Киријакос Мамидакис од Окта, на тужителот му се досудува штета од 13.905.822 долари со камата либор плус 8 насто годишно, до стварното плаќање. Оваа сума е дел од штетата што му се направи на Мамидакис со писмото на Груевски од 16.11.1999 година. Затоа 3.360.000 долари веднаш се симнати од нашата ескроу сметка, а останатите 13.905.822 долари Окта директно му ги платила на Мамидакис и истите потоа Хеленик Петролеум ги побарува од нас. Сега прашувам: Каква врска со ова има СДСМ? Нема никаква. Има директна конекција со Никола Груевски.
И сега да заклучиме конечно. ПР си е ПР, лага си е лага, Груевски си е тој, а бројките и фактите се токму ова. Запишани во судските архиви на Европа, и врежани во камен. Ах то лавче, кој не го знае скапо ќе го плати. Не се знае дали повеќе рика или лаже.Македонија очигледно не го знае.Затоа и ќе плаќа. А пред фактите и боговите молчат, кај нас и обвинителство.