Што ќе извести Стејт департментот ако македонската полиција ги ликвидира Исмаиловиќ и Демири?
Пандан на начинот на дејствување на Владата на САД би бил кога македонското Собрание би изгласал закон со кој ги овластува македонските безбедносни сили да ги ликвидираат осомничените за тероризам кај Смилковското Езеро врз основа на сомнежите за кои сега треба да им се суди.
На 30 септември 2011 година во Јемен, американските граѓани Анвар ал-Анвлаки и Самир Кан беа ракетирани од безпилотното летало управувано од ЦИА затоа што беа на т.н. кил листа која ја одобри носителот на Нобеловата награда за мир Барак Обама. Двајцата Американци никогаш не беа обвинети ниту пак судени во САД, тие беа само под сомневање дека биле поврзани со носителите на терористичките акти од 11 септември 2001 година, со мајорот Нидал Хасан кој пукаше и уби 13 војници и рани 29 други во касарната Форт Хууд во 2009 година и поврзаност со уште две лица кои планирале терористички напади врз САД.
После случувањата во САД од 11 септември 2001 година, американскиот Конгрес изгласа закон, Авторизација за употреба на воена сила. Под префиксот на овој закон американската влада убива американски граѓани кои се осомничени за поврзаност со тероризам и за истите тие американски граѓани не важат обвиненија, судови, пресуди, пороти.
Во денешни услови има два вида на граѓани во САД овие обичниве за кои важат сите закони и осомничениве за кои важи еден крајно дубиозен закон кој ги лимитира граѓанските слободи на американскиот граѓанин.
Две недели по ракетирањето на двајцата Американци, беше убиен и 16 годишениот син на Анвлаки, американскиот граѓанин Абдулрахман, во типично за овие времиња американски стил, без обвинение или пак судење, туку и овој пат со ракетирање од безпилотно летало. Овој пат акцијата ја раководела Обединетата команда за специјални операции, сестринска организација на ЦИА. Овие лимитирања на уставните гарантирани права на дел од американските граѓани иритира многумина, посебно кога се знае дека листата кој американски граѓанин ќе биде егзекутиран ја одобрува нобеловецот за мир, председателот Обама. Ваква деградација на Нобеловата награда за мир не е позната од нејзиното основање.
Пандан на начинот на дејствување на Владата на САД би бил кога македонското Собрание би изгласал закон со кој ги овластува македонските безбедносни сили да ги ликвидираат осомничените за тероризам кај Смилковското Езеро врз основа на сомнежите за кои сега треба да им се суди. Би се запрашал тогаш, какви би биле реакциите од американската амбасада во врска со лимитарње на слободата на граѓаните на Македонија од својата влада?
Исто така трагично е и потпишувањето на законот т.н. НДАА Национален одбрамбен авторизиран акт со кој нобеловецот за мир одобри задржување во притвор на неограничено време на Американците осомничени дека се непријатели на САД без да им се даде обвинение. Овој закон исто така овозможува задржување на странци кои се непријатели на САД, така што Гвантанамо беј, американскиот Голи Оток, и понатаму ќе биде мека каде што осомничените државни непријатели ќе се ставаат на купче без да бидат судени или обвинети.
Донесувањето на вакви закони се коси со суштинските американски вредности, живот и слободи на американските граѓани и затоа американската влада е тужена од минимум три влијателни организации меѓу кои се Асосиетед прес и Американската унија за граѓански слободи. Во исто време, деновиве американската федерална влада ја тресе скандал затоа што скришум прислушкувала телефонски разговори на новинари Асосиетед прес. Ова само потврдува дека има длабока загриженост во Белата Куќа во врска со овие тужби и нивното работење.
Раслојувањето на суштинските американски слободарски вредности оди до таму што девет американски држави го осудуваат донесувањето на НДАА и некои од нив како Јута, државата Вашингтон и Вирџинија донесоа акти кои ја лимитираат употребата на ваквиот закон во овие американски држави.
Сево ова звучи надреално и буди спомени од едно друго време кога правата на граѓаните на овие простори беа лимитирани и кога под сомнеж или пак бизарно обвинение на твоите соработници дека си непријател на народот се одеше на остров на Јадранот од каде тешко се враќаше. Тогаш САД декларативно цврсто стоеше зад човековите права и на граѓаните кои бегаа од бившата ни наша ЈУ држава заради кршење на нивните човекови права им даваше престој без никаков проблем.
Во денешниве услови пак, САД е наш стратешки партнер и пријател и секоја година издава светски извештај од Стејт департментот на кого нашиве медиуми му полагаат особено внимание. Американскиот амбасадор за истиот извештај за Македонија во едно како од комунизмот диригирано интервју, ни кажа дека ја отсликува реалната состојба во Македонија.
Американската влада што си ги убива своите граѓани без обвинение не оценува нас за човековите права и слободи? Сето ова би било многу добро сатирично сценарио за култната популарна емисија, Saturday Night Life на NBC, а не предмет на медиумска посветеност. Во овој контекст апсолутно зачудува фактот за широкоста на медиумска опфатеност за вакви банални извештаи.
Овој вид водење на надворешна политика на САД воопшто не внесува доверба и блискост кај македонскиот граѓанин. Напротив, предизвикува презир, недоверба и ретроградност. Одговорниот за односи со јавноста во УСАИД ќе треба многу напорно да работи следниве две генерации за да докаже дека помошта која американскиот народ ја нуди за македонскиот нардо е искрена, а не субвезривна.
Како и да е, САД и во иднина ќе пишуваат извештаи државни, невладини, нарачани, диригирани... Но некои извештаи воопшто не заслужуваат споменување.
Сашо Маневски