Eve kako odi biznisot so "nuklearki" koj se gradat bez strav od "katastrofi" i vo izrazito ponaseleni podracja od Mariovo:
Македонија најверојатно ќе се вклучи во изградбата на нуклеарната централа Белене во Бугарија за да го надмине недостигот од струја, кој и се заканува на земјава по 2010 година, дознава „Време“. Од кабинетот на претседателот на државата Бранко Црвенковски, официјално потврдија дека пред неколку дена тој ја добил писмената покана од неговиот бугарски колега Ѓорѓи Прванов за заедничко инвестирање во проектот.
Засега, нема официјален став како државниот врв ќе одговори на иницијативата од источниот сосед, но, во кабинетот на Црвенковски и во Владата веќе се размислува од каде да се обезбедат средства што би се насочиле за подигнување нуклеарен капацитет.
Како што дознаваме, доколку го аминува проектот, Владата ќе бара помош за пари од Светска банка и од Европската банка за обнова и развој, а од нуклеарката би земала онолкав процент струја, колку што ќе успее да инвестира во изградбата.
Според податоците од Министерството за економија, Македонија во моментов бележи недостиг од 2.191 милион киловатчасови електрична енергија, што е околу 26,7 отсто од вкупните потреби. Овој тренд, укажуваат од „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), може се зголеми во наредниве пет години бидејќи привршуваат резервите јаглен за РЕК „Битола“ кој произведува околу 76 отсто од струјата во земјава.
Во оваа компанија која неодамна и правно се издвои од дистрибуцијата на ЕСМ, не сакаат да коментираат колку е паметно државата да се вклучи во изградба на нуклеарка, но потврдуваат се реални шансите да имаме недостиг од струја ако итно не се инвестира во електроенергетскиот сектор.
- Доколку брзо не се обезбедат средства за изградба на новиот површински рудник Брод-Гнеотино, што треба да даде нови резерви јаглен, по 2010 година ќе се соочиме со потребата годишно да увезуваме околу 7.500 гигават часови електрична енергија. Такво количество, ниту може да ни обезбеди некоја компанија од странство, ниту пак домашниот електросистем има можност да го прифати - вели Стојко Мојанчевски, директор за производство во ЕЛЕМ.
За академикот Томе Бошевски, државава нема организациски можности да се вклучи во ваков проект откако Владата решила да го расчлени ЕСМ и потоа да му го продава на странски инвеститор.
- Откако Владата реши да го продава ЕСМ, завладеа хаос во енергетскиот сектор, така што сега во нашата држава не постои организациска структура што може да се носи со еден долгорочен проект, како што е изградбата на нуклеарната централа. Тоа ви е како да купувате брод, а на својот имот немате пристаниште - вели Бошевски.
Идејата за изградба на втора нуклеарна централа кај дунавското пристаниште Белене е стара повеќе од дваесет години, а бугарската Владата лани го реактивира овој проект. Се предвидува изградбата на централата што е оддалечена на околу 250 километри од Софија да чини 2,6 милијарди евра, а во неа да се вклучат уште неколку земји од регионот.