ЕУРОСТАНДАРД БАНКА И ПОШТЕНСКА БАНКА УБЕДЛИВО НАЈДОБРИ ВО ПОНУДИТЕ
Се пакува тендерот за 20 милиони евра од Македонска банка во полза на Уни банка
Тендерот за избор на банка преку која ќе се свртат над 20 милиони евра заштеди на штедачите од Македонска банка - финишира. Фондот за осигурување на депозити објави тендер на кој имаа право да учествуваат сите банки од земјава, а според тендерските услови најмногу бодови биле планирани за оние банки кои имаат најмногу експозитури и ќе понудат најдобри услови. Според директорката на Фондот, Нина Настева, изборот ќе го изврши Управниот одбор на Фондот. Но, иако поминаа десетина дена откако тендерот заврши, ова тело се уште не се состанало. На нашето прашање кога ќе биде направен изборот на Банка преку која ќе се обесштетуваат штедачите од Македонска, таа кусо одговори: "Ќе бидете информирани преку средствата за јавно информирање".
Дознаваме дека на тендерот најдобро поминале (се разбира според условите што ги понудиле) Поштенска и Еуростандард банка кои де факто имаат најголем број експозитури во земјава, а згора на се понудиле и услугата да ја извршат без провизија. Наспроти ваквата понуда на Поштенска и Еуростандард банка, на тендерот дознаваме дека се фаворизираат други две банки. Тоа е Уни банка од една страна, иако има неспоредиво помал број на експозитури, и
Стопанска банка - Скопје, од друга страна, како најголем фаворит на министерот за финансии Трајко Славески, со оглед дека неговата сопруга е една од директорите во оваа банка.
Списокот на штедачите кои имаат до 10.000 евра е веќе во Народна банка на Македонија и се очекува деновиве тој да биде проследен до Фондот за осигурување на депозити по што ќе започне обесштетувањето на штедачите. Кога ќе се случи тоа, малтене е државна тајна, барем таков впечаток се добива по одговорите што ги добивме од Фондот за осигурување на депозити. Од таму велат дека тоа ќе биде во законски рок, не сакајќи да прецизираат кога.
Штедачите, кои секојдневно се јавуваат во нашата редакција, се видно револтирани, бидејќи поради ваквите непрецизни одговори од надлежните се во постојана неизвесност кога и преку која банка ќе ги добијат сопствените пари. За оние, пак, кои во Македонска имаат над 10.000 евра, и кои ќе се обесштетуваат од стечајната маса, рокот за пријавување на нивните побарувања им истече вчера.
Инаку, вработените од Македонска банка предводени од Иницијативниот одбор за спас на Банката вчера повторно протестираа пред седиштето на Народната банка на Македонија. Остварија средба со гувернерот на НБРМ Петар Гошев на кого му предложија нов модел за спас на банката, кој ќе биде во полза и на вработените и на Централната банка.
- Цврсто веруваме дека имаме решение и конкретен предлог за решавање на настанатата ситуација, која води сметка за ставовите на НБРМ во насока на зачувување на сигурноста и стабилноста на финансискиот систем, како и за интересите на останатите инволвирани страни, а пред се на вработените во банката - изјави претставникот на вработените во Иницијативниот одбор за спас на Македонска банка, Сашо Груевски. Тој по средбата со гувернерот обелодени дека новиот предлог за спас на Македонска банка е во ликвидација да ја купи една бренд банка. Предлогот е кај гувернерот и чекаме тој да се изјасни", велат од Иницијативниот одбор.