Името не треба да е пречка за визната либерализација
Нема причина да се зборува за изолација, вашата европска перспектива е јасно трасирана. Огромното мнозинство ваши сограѓани ја поддржуваат, ние ја поддржуваме веќе со години и работите одат напред. На вас е да одлучите во која насока и со која брзина. Ние ве чекаме во Европа, вели Кушнер
Во ексклузивното интервју за „Дневник“ шефот на француската дипломатија тврди дека не мислел на блокада на визната либерализација за Македонија и вели дека само го повторил очигледното - оти решение на спорот за името ќе дозволи да се надминат многу пречки, пред се', таму каде што одлуките се донесуваат едногласно.
* Кога станува збор за Македонија, кои се целите на Франција и какви се билатералните односи помеѓу двете земји?
- Добро ви е позната нашата поддршка од самото создавање на вашата држава и особено улогата што Франција ја играше во текот на кризата во 2001 година, а и потоа. Мислам на процесот на преговори за Охридскиот договор. Целите на Франција не се променети - да се направи се' за да се донесе вашата земја во Европа. Сите наши билатерални односи се фокусирани на таа цел. Веќе со години нашата земја и' е пријател на вашата, и помага, ја поддржува во чекорењето кон ЕУ и ја советува.
* Кавгата помеѓу Грција и Македонија, видена од Брисел или од Париз, се чини едноставна, но ненадминлива видена од Скопје или од Атина, пред се', поради тоа што е историска и го зафаќа идентитетот. Каква е анализата во Европа на овој проблем и како да се најде заеднички терен?
- Несогласувањето помеѓу двете земји мора да биде брзо решено. Има проблем што значи дека треба да се најде решение. За такво нешто се потребни определеност, храброст и заедничка волја. Постојат разни алатки како капата на Обединетите нации под која се среќаваат посредникот и преговарачите од свете страни. Сите Европејци нестрпливо очекуваат решение, договор помеѓу двете земји. Тоа е во интерес на сите и што побрзо го најдете толку ќе биде подобро за сите.
* Како ја анализирате политичката ситуација во Македонија и што очекувате од нашата земја?
- Со големо парламентарно мнозинство, владата на премиерот и неговиот коалициски партнер од албанскиот блок имаат витална одговорност. Реформите, спроведувањето на Охридскиот договор, демократскиот квалитет на изборите во март 2009 година се градилишта за кои тие ја носат одговорноста.На овој терен треба да се фокусира политичката акција и на овој терен треба да се обединат сите политички сили и енергии. Влогот е голем, тоа е и европската судбина на земјата, но и секојдневието на нејзините граѓани.
* За време на последниот министерски состанок во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање за поддршката на Франција во однос на ослободувањето од визниот режим за Македонија, рековте дека земјата тропа на погрешна врата. Всушност, порачавте дека спорот за името треба да биде решен пред да се размислува за што било. Дали тоа значи дека дури и визната либерализација може да биде блокирана ако спорот не биде решен?
- Се разбира дека не!
Само повторив нешто што е очигледно: решение на спорот со името ќе дозволи да се надминат многу пречки и пред се' особено онаму каде што одлуките се донесуваат едногласно, како што е тоа случај во НАТО и околу некои прашања во ЕУ. Како што ви е познато, либерализацијата на визниот режим не е поврзана со спорот со името. Во ваш интерес и во интересот на регионот е ова прашање да биде решено. Сепак би сакал работите да бидат јасни - спорот со името не игра и не смее да игра никаква улога во ослободувањето од визниот режим.
Вие остваривте напредок кој е значаен и е очигледен. Сакам да подвлечам дека тоа ве става на чело на балканските земји. Франција го поддржува визното ослободување. Тоа подразбира уште напори, а работата во таа област со Европската комисија напредува. Мојата желба е јасна - сакам вашата земја брзо да биде ослободена од визен режим.
* Во Македонија јавноста е уверена оти земјата ги има исполнето сите услови за да почне преговори за зачленување со ЕУ, но дека ЕУ, свесна за грчката блокада ако спорот не се реши, секогаш ќе се правда со недостиг од реформа, односно дека ЕУ не и' ја кажува вистината на Македонија затоа што не може да влијае врз Атина?
- Работите воопшто не се такви. Европската комисија го објави својот годишен извештај во ноември. Таа заклучи дека има напредок, но исто така дека е потребен уште напредок во многу области. Комисијата ги подвлече и демократските недостатоци на јунските парламентарни избори, како што впрочем тоа го направи и ОБСЕ во својот извештај. Евалуацијата на Европската комисија е резултат на долга и прецизна работа. Заклучокот до кој дојде Советот на министрите во Брисел е објективен и едногласен.
Го поздравувам одговорниот начин на кој македонската влада ја прими оваа оценка на Комисијата, велејќи дека од неа ќе направи свој патоказ. Треба концентрирање врз реформите, треба обединување на сите политички сили околу оваа цел и треба да се одржат примерни избори во март 2009 година. Видов исто така дека владата извлекла конструктивни заклучоци од извештајот на Комисијата и направила акциски план за спроведување на препораките. Тоа е добро.
* Вие добро го познавате регионот. По грчката блокада во Букурешт и најавите за блокада во ЕУ, сметате ли дека Македонија влегува во изолација која, на среден или на подолг рок, би можела да биде опасна и за земјата, но и за регионот?
- Нема причина да се зборува за изолација. Вашата европска перспектива е јасно трасирана. Огромното мнозинство ваши сограѓани ја поддржуваат, ние ја поддржуваме веќе со години и работите одат напред. На вас е да одлучите во која насока и со која брзина. Ние ве чекаме во Европа.
Дозволете ми исто така збор-два за регионот. Вие не живеете на остров. И регионот напредува, се стабилизира, се развива. Од тој аспект иницијативите што ги преземате во однос на Косово се позитивни. Тоа е во интерес на сите и секој треба да придонесе за регионалната соработка и стабилност.
Светлана Јовановска Наша дописничка од Брисел
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=571C5D03BDA49F47B7850D60FC42DD2B
Овие стварно не заебаваат како сакаат.