Пратеникот од НДП Џезаир Шаќири тврди дека бил на разговор и му се понудил на премиерот Бучковски да посредува во решавање на кризата во Кондово и дека премиерот тоа го прифатил, по што Шаќири отишол во скопското село и разговарал со вооружената група на Агим Красниќи. Кабинетот на премиерот Бучковски демантираше дека имало средба помеѓу Шакири и премиерот.
- Владата не сака да зборува за Кондово преку медиумите и за таа работа си има надлежни институции што ги следат случувањата - изјави советникот во Владата Марјан Ѓуровски.
За посредничката „мисија“ на Шаќири пишува весникот на албански јазик „Лајм“, а тоа го потврдува и самиот Шаќири.
- Не е виновно населението да претрпува стравови. Сите проблеми треба да се решаваат по пат на дијалог - изјави вчера Шаќири, додавајќи дека албанското население нема доверба во сегашната власт и во судството.
Шакири вели дека посредува во решавањето на случајот, но дека не бил ангажиран од страна на премиерот туку дека тој доброволно го сторил тоа.
Имено, откако полицијата спроведе акција во Брест пред еден месец, Шакири си поставил задача да помогне за решавање на случајот Кондово по пат на дијалог.
Шаќири вели дека разговарал со Красниќи и при тоа му рекол дека случаите против нив се монтирани и му дал поддршка за нивните барања за целосна амнестија. Исто така, тој им рекол да не преземаат некаква акција затоа што евентуален нов конфликт во Македонија би бил лош за независноста на Косово. Според него, Красниќи и неговата група не и се предаваат на полицијата затоа што не веруваат во нејзината независност.
Група вооружени лица, сторители на кривични дела, по кои се распишани потерници, предводени од Красниќи, веќе неколку месеци се сместени во скопското село Кондово. Тие се закануваат дека ќе пукаат и ќе го гранатираат Скопје доколку полицијата се обиде да ги уапси, а полицијата не смее да влезе во селото стравувајќи од инциденти.
Според некои косовски и српски весници на групата на Красниќи и се придружиле и други барани криминалци од Косово, така што нивниот вкупен број се проценува на педесетина лица. Косовски политичари во неколку наврати даваа изјави дека проблемот во Кондово може да ја дестабилизира Македонија, за што тие биле загрижени.
Токму за состојбата во Кондово, Бранко Црвенковски на 15 јули го свика Советот за безбедност, а претходно одржа консултации во Охрид со Бучковски и со Џанго. По овие средби беше изјавено дека на министерот му се дадени одврзани раце да ја реши кризата „што е можно поскоро“.
И, како што гледаме "експедитивно" се решава...