Незнам дали е баш за Чек дис аут интервјуто, ама нека стои тука. У негов стил искрено, храбро, дрско. И да колку и да е претенциозно од негова страна сепак стварно ми личи на Салвадор Дали на сликиве
Ф: Што те поттикна да се запишеш на факултет? Како се одлучи да студираш?
К: Ме поттикна ужасната необразованост на мојата генерација. Факултетите што се во Скопје, во Македонија, и студентите што ги завршуваат тие факултети, за жал остануваат оскудни, бедни, необразовани, примитивни и полупрофесионални во своите области. Запишувајќи се на овој факултет сакав да продрам во нешто што се’ уште не сум го открил. Драмската уметност е толку длабока и безобразна, што еве ме мачи веќе триесет години и никако да ја дооткријам. Затоа се запишав.
Ф: Каков студент беше?
К: Според мене добар, а според критериумите на моите професори – лош.
Ф: Каков ти беше односот со професорите?
К: Коректен, многу коректен. Односот кај нас на факултет е повеќе фамилијарен отколку однос професор-студент во вистинска смисла на зборот. Мора да живеете како фамилија за да создадете таков продукт каков што го бара факултетот за драмски уметности. Меѓутоа, професорите што беа во мое време, додека јас студирав, а ги гледам и сега дека се скоро сите, се на друга бранова должина во однос на мене, затоа не соработувавме баш добро.
Ф: Каков беше твојот студентски живот? Дали беше класична бубалица и беше редовен на предавања или повеќе се забавуваше?
К: Па, кај нас на факултет нема бубање, не постои тој термин. Дури и текстот што мора да го научиш на памет не се буба. Уметноста не се буба, таа или се сака или не се сака. Тие што не ги бивало за театар и за уметност а ги завршија тие факултети, еве денеска се добри политички полтрони и се на завидни, според нивните мерила, високи функции, за кои јас никогаш во животот не би прифатил, не би се борел за такво нешто.
Ф: Можеш ли да ми кажеш некоја случка која ти се случила на факултет, а ќе ја паметиш целиот твој живот?
К: Мене ми се случуваат случки секој ден. Животот мој се состои од случки, така да јас не ги помнам моите случки. Другите ги помнат и предат приказни за нив. Моите животни случувања секој ден се различни. Не ми останало ништо специјално во глава додека сум бил студент.
Ф: Дали би променил нешто доколку студираш сега? Дали би бил поинаков студент?
К: Никако.
Ф: Би се запишал ли на истиот факултет и сега?
К: Да. Само што би се запишал и на нешто друго, бидејќи гледам дека студирањето драмска уметност на нашиот факултет е оскудна и плитка. Ако ти сам не се зафатиш со себе и да работиш на себе, и да се откриеш каква личност си и што Бог ти дал, затоа што таа глупава теорија што се провлекува низ студиите дека е 90% работа, 10% талент, јас не се сложувам со тоа. Јас мислам дека е обратна варијанта. Затоа е потребно сам да работиш на себе и да се проучуваш затоа што факултетот тоа нема да ти го понуди, ниту пак ќе се бави со тебе, како што ниеден друг факултет не се бави ако не е ептен специјализирана област и ако ептен студентот не го бара тоа од професорот. Меѓутоа, вистинската потреба на студентот што треба да ја чувствува за да се надополни како личност и да се изгради како актер, професорите на нашиот факултет немаат време да ти го понудат.
Ф: Значи, ќе се согласиш дека факултетот не е главен предуслов за успех?
К: Не, никако.
Ф: Дали е важен факултетот за младите денес?
К: Па, толку е битен да 90% од младите студираат, односно 99% студираат. Денеска си казнет ако не студираш, државата ќе те казни. А, што тие деца кутри кога ќе завршат факултет? Денеска секој абдал може да заврши факултет. Ќе одиш, ќе платиш на приватен факултет, ќе му дадеш пари, ќе ги појачаш професорите со пари и тие се должни да те завршат. И што станува со тој човек?
Инвалид, ти си го осакатил човекот за сите времиња. Нити ја научил својата професија, он бил татино и мамино мезимче кое добило се’ на послужавник во живот и кое завршило факултет за да може да се вработи. Гледајќи ја денешнава ситуација, како сите се вработуваат во области во кои нити ги знаат, нити па ги сакаат. Најголема битка е да се вработиш во администрација, најголем фраер си ако се вработиш во администрација. Администрација и такви професии, тие се некреативни и го отапуваат човековиот дух и желба за знаење. Што ќе ти е тебе тој факултет, за да работиш во администрација?
Или утре да бидеш политички полтрон и пион за да можеш да се убаво ожениш и оформиш фамилија. Затоа сум јас гневен на денешнава политика што секој мора да заврши средно школо и секој мора да заврши факултет. Не мора секој, факултет треба да завршува само 5% од луѓето. Не може да легнеш и да му дадеш да те оперира некој приучен лекар, односно кој завршил факултет затоа што тато и мама му ги купиле испитите.
Ф: Кога би можел, што би променил во начинот на студирање во Македонија?
К: Би променил, да не постојат приватни факултети. Тоа би го променил. Би променил, да постои толку ригорозен приемен испит за секоја област и да студираат само тие луѓе кои чезнеат да станат професионалци во таа област, а не да студира затоа што треба нешто да се студира. Запишал економски факултет, нема појма со што ќе се бави. Мисли дека економија е само бизнис и правење пари, како да ги удвостручиш, од десет денари да направиш дваесет. Новокомпонираниве фазони и закони за студирање воопшто не ми се допаѓаат, тоа го млитави и го прави деградирачки ова друштво.
Се’ помалку и помалку налетувам на луѓе кои се мајстори во својата професија. Све се приучени дилетанти, затоа сум гневен и лут. Затоа што не може секој да биде учен. Не може. Не може. Некој треба и да копа канали. Некој треба да чисти канализација. Тој што ќе го заврши факултетот затоа што програмата е таква да мора да се завршуваат факултети, компјутер за секое дете... Што стана со тоа компјутер за секое дете? Научија сите деца да работат на компјутери? Сите деца ги немаат компјутерите.
Сакам да кажам дека не може секој да студира. Може да студира само 5% од младината. Тоа би променил. Би ги вовел тие ригорозни приемни испити.
Се сеќавам на медицински факултет, кога се полагаше приемен испит, се полагаше во Универзална Сала, затоа што не постоеше амфитеатар кој можеше да собере толкав број на студенти. Се јавуваа две илјади кандидати за приемен испит а примаа само 150. И тоа како ги примаа, мораа да имаат совршен приемен испит, а не ова е дете на доктор „тој и тој“ па затоа што е негов син треба да биде примен на тој факултет. Тоа не постоеше кога јас бев студент. Затоа го сакав тој начин на студирање. А сега кога ќе видам сека ми се к*рчи некој абдал кој не знае ниту една реченица да создаде, не знае што е прирок, што е подмет, што е придавка, а тој ќе ми се фали дека е магистар. Кога ќе ги видам овие магистри на приватни факултети кои за пари станале магистри и доктори на наука, утробата ми се превртува. И кога ќе ве видам вас млади студенти со кого ќе имате после борба и конкуренција за вашето вработување на крај, и напредок во кариера, ве сожалувам.
Ф: Каков професор на факултет би бил?
К: Не би бил професор.
Ф: Зошто?
К: Затоа што тоа што јас го знам и тоа што сум го научил, не би знаел како да го предадам на другите студенти, на подмладокот. Затоа што мислам дека ми е повеќе дадено од Бога отколу што може од негде да се научи. Затоа сметам дека не би бил добар професор. И не сакам да се бавам со професорска работа.
Не може секој да биде професор, тоа е многу страшна и одговорна професија. Кога некој би ме казнил и би ме натерал да морам да бидам професор, јас не би можел да спијам навечер, затоа што утредента ќе се чувствувам како лажго пред тие студенти. Јас можам да држам предавање, три саати уста да не затворам во мојата област, за било која тематика, дали теоретски или практично во областа на театарот. Но, што со тоа? Да се правам добар говорник и добар теоретичар кој знае добро да прикаже на студентите добра приказна? Алатот го поседувам, ама тој алат треба да го имаат и они. Не може алат да се предаде со прикаски. Алатот ти го дава Бог. После од тебе зависи колку ти со тој алат ќе сработиш добро.
Ф: Имаш ли некој совет до студентите?
К: Да земат да работат нешто поконкретно и да не се залажуваат да губат време ако не ги бива за тоа што студираат.
Преземено од Факултети.мк