МОНОСПИТОВСКО БЛАТО
ПОСЛЕДНОТО МОЧУРИШТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Моноспитовското Блато е најпространото водно станиште од блатно-мочуришен тип
во Република Македонија. Тоа денеска претставува само мал остаток од некогашните
пространи површини под вода, трска и влажни ливади богати со жив свет. Освен
од флористички аспект, неговата биолошка разновидност е многу малку проучена,
и се надеваме дека податоците дадени во оваа публикација ќе го побудат интересот за
понатамошни проучувања. Заштитата на Моноспитовското Блато денеска претставува
приоритет за чие исполнување е неопходно уште подлабоко познавање на состојбата со
биолошката разновидност, активностите на локалното население и многубројните закани
кои го загрозуваат неговиот опстанок.
Водни станишта и Рамсарската конвенција
Врските помеѓу луѓето и водните станишта се многубројни, најразновидни, и често
многу блиски. Тие биле неопходни за постоење на човековите населби во прaисторијата,
а до денешен ден скоро сите поголеми градови се наоѓаат до големи водни станишта од
најразличен тип. Сепак, до не толку одамна, луѓето поврзувале некои типови на водни
станишта, пред сè блата и мочуришта, со подрачја во кои царуваат страшни животни и
различни опасни болести. Затоа, тие биле интензивно одводнувани и преобразувани
во површини со сосема друга намена, како обработливо земјиште, индустриски зони,
рибници итн.
Меѓутоа, откако луѓето почнале да ги согледуваат корисните својства на овие
станишта, нивното мислење позитивно се променило. Тие сè повеќе се ориентирале кон
искористување на нивните функции: спречување на поплави, акумулирање на резерви на
вода, прочистување на водите од органски загадувачи, користење на ресурсите што ги
нудат за лов и риболов, употреба на дрвја, трски и рогоз, а во поново време и искористување
на нивните туристички потенцијали. Исто така, водните станишта претставуваат
исклучително ценети подрачја од гледна точка на биолошката разновидност, естетските
вредности и културното и археолошко богатство.
Масовното искористување и исушување на блатата и мочуриштата со текот на
времето ги довело пред исчезнување. Заради тоа, денес постојат повеќе иницијативи и
напори за спасување на овие уникатни водни станишта. Рамсарската конвенција за
водни станишта од меѓународно значење (Ramsar Convention on Wetlands of International
Importance) е воспоставена за да се промовира заштитата на ваквите станишта и нивното
одржливо искористување и управување.
Според рамсарската дефиниција, во категоријата на водни станишта спаѓаат:
„мочурливи места, бари, тресетишта или води (без разлика дали се природни или
вештачки), константно или повремено полни места со вода која може да биде истечна
или неистечна, свежа, соленикава или солена, вклучувајќи ги и морските води
чија длабочина за време на плимата не надминува шест метри“. Со други зборови,
терминот „водно станиште“ опфаќа: извори, потоци, реки и рекички, езера, локви со вода,
блата, мочуришта, тресетишта, влажни ливади, поплавeни шуми итн.
Понекогаш водните станишта претставуваат преод помеѓу постојано влажна и главно
сува средина. Тогаш тие имаат карактеристики од двата типа на средини, па затоа е тешко да
се класифицираат како водни или копнени. Клучната карактеристика е присуството на вода
во подолг временски период, што ги менува почвите, микроорганизмите и растителните и
животинските заедници, на начин што тие функционираат поинаку од чисто водните или
копнените станишта. 7
Тие се класифицираат според присуството на вода. Оние кои се повремено плавени се
нарекуваат БЛАТА, а оние кои се постојано плавени се нарекуваат МОЧУРИШТА.
Моноспитовското Блато во себе ги содржи овие две категории водни станишта. На
некои места, водата се задржува и преку летниот период. Ваквите окна претставуваат
мочуришта. Други делови од Моноспитовското Блато преку летото пресушуваат, а во
останатиот дел од годината се потопени со вода. Тука живеат некои растенија кои целосно
или делумно се потопени во вода (субмерзни и емерзни). Овие делови претставуваат
водни станишта од типот на блато. Околу блатата и мочуриштата на Моноспитовското
Блато се наоѓаат влажни ливади или поплавни шуми кои по работ на Моноспитовско Блато
се граничат со земјоделски површини.
Значење на водните станишта
Водните станишта имаат висока концентрација на соли, и во нив живеат извонредно
голем број растителни и животински видови. Взаемните интеракции на овие компоненти
резултираат со една од најважните функции што ги поседуваат екосистемите – кружење на
материјата и проток на енергијата.
Луѓето ги користат добрата што ги нудат водните станишта на повеќе начини.
Влажната и богата почва со минерали се покажала како многу плодна и луѓето со години
наназад ја користат за земјоделски цели. Тие служат како извор на храна, особено преку
традиционалниот лов и риболов, а дрвенестата вегетација отсекогаш била користена како
извор на енергија (греење). Во поново време, водните станишта се многу посакувана
дестинација за рекреација и туризам и привлекуваат голем број љубители на природата.
Тие се од голем интерес за научниците и истражувачите од најразлични области, и
претставуваат места со големо културно наследство, затоа што мочуришната почва е
многу поволна за зачувување на некои археолошки предмети.
Според сите овие корисни работи што ги нудат овие екосистеми без никакво финансиско
вложување во нив, со право им прилега терминот најпродуктивни екосистеми на
планетата.
http://mkmaps.com/city/monospitovo-swamp/?fb_action_ids=10152558047164655&fb_action_types=og.likes
Го препорачувам во комбинацијата со мокриевските извори, габровските и колешинските водопади, како и римската бања во Банско.