Што е FIREWIRE?
Што е Firewire?
Иако со втората верзија од USB стандардот се решени најголем број од постоечките проблеми со нискиот bandwidth при размената на податоците, сепак ни тоа што досега е направено не е доволно, ако се земе во предвид користењето на USB портата при размена на огромен број на податоци помеѓу некој периферен уред и персоналниот компјутер. Потребата од уште повисок bandwidth ја задоволува Firewire портата. Да видиме што е Firewire!
FireWire, i.Link или IEEE 1394 претставува технологија, која овозможува посебен начин на сериско поврзување на два хардверски уреди и размена на податоци помеѓу нив со висока брзина. Поинаку кажано FireWire е посебен интерфејс за размена на податоци помеѓу два или повеќе периферни уреди. Денес речиси сите матични плочи од повисоката класа располагаат со FireWire порта. Исто така, FireWire портата е многу популарна кај аудио и видео плеерите и рекордерите од високата класа, бидејќи најчесто на тој начин се врши размената на податоците помеѓу овие уреди и персоналните компјутери.
Технологијата е развиена во 1990 година од страна на Apple, барем така велат податоците од поновата историја. Apple започнала со подготовките за развојот на FireWire портата уште во осумдесеттите години на минатиот век, но развојниот процес бил официјализиран дури 10 години подоцна, за да заврши во 1995 година. Комерцијалната употреба на FireWire кулминира 4 до 5 години подоцна, кога беше и најголема потребата од нов начин на сериско пренесување на податоци со големи брзини. Уште еден интересен податок е тоа што FireWire портата е всушност наследник на кратко време популарната SCSI(Скази) порта.
Поврзувањето на две компатибилни хардверски компоненти преку FireWire портата се обавува со специјален кабел кој на краевите завршува со соодветните конектори. Денес, можно е истовремено поврзување на 63 FireWire компоненти одеднаш, со помош на т.н. FireWire хабови или поедноставно кажано бази. FireWire хабовите се речиси идентични со USB хабовите, со единствена разлика во постоечките конектори, односно порти. Иако портата USB 2.0 би требало да овозможува маскимален трансфер на податоци со брзина од 480Mb/s, сепак во пракса работите не се такви, па затоа и се јавува потребата од воведувањето на конкурентската FireWire порта. Денес постојат три видови FireWire порти, соодветно означени како FireWire 400, FireWire 800 и IEEE1394b. Во поглед на перформансите најограничена, но и комерцијално најприфатена е портата FireWire 400, која овозможува трансфер на податоци, со брзина од 100, 200 или 400Mb/s. Исто така кај оваа FireWire порта постојат ограничувања во должината на кабелот за поврзување, така што тој не смее да биде подолг од 4,5 метри, бидејќи во спротивно би дошло до губење од перформансите. Портата FireWire 800 е нешто понапредна верзија од претходно споменатата, со тоа што овозможува трансфер на податоци со брзина од околу 786MB/s и не е ограничена во однос на должината на кабелот за поврзување, а инаку официјално, на пазарот е претставена во 2003-тата година од Apple.
Најнапредна е IEEE 1394b FireWire портата која овозможува ултрабрз трансфер на податоци со брзина од фантастични 3,2Gb/s преку оптички кабли. Максималната должина на која е можно постигнување на неверојатната брзина на трансфер на податоци, е должината од 100 метри, која не смее да ја надмине оптичкиот кабел со кој се поврзани периферните уреди.
Кај нас FireWire портата најмногу ја користат продукциските куќи кои се занимаваат со обработка на некомпресирани аудио и видео материјали во реално време. Исто така FireWire портата се користи при извршувањето на бекап на постоечки колекции од датотеки со огромен капацитет. Но FireWire портата имаат чест да ја користат и среќните корисници на дигиталните фотоапарати и камери кои располагаат со соодветен конектор и единствено на тој начин можат да бидат поврзани со персонален компјутер.
извор