ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТА БРАЗИЛЦИТЕ ЌЕ ПРИСТИГНАТ
Жуниор и Миранда до недела во Битола
Двете големи засилувања од Бугарија, Бразилците на Литекс, Жуниор и Миранда, во Битола треба да пристигнат до крајот на неделава. Во моментов "кариоките" се наоѓаат во Дубаи каде се дел од подготовките на бугарскиот тим. Како што н$ информира директорот на Пелистер, Тони Мицевски, се очекува до петок или најдоцна до недела Жуниор и Миранда да им се приклучат на останатите фудбалери на битолскиот прволигаш.
"До крајот на неделава нашиот потпретседател ќе отпатува во Бугарија каде треба да се сретне со Жуниор и Миранда, а потоа со нив заедно да се врати во Битола. Очекуваме најдоцна до недела тие да бидат тука, а потоа ќе одржиме и прес-конференција на која ќе ги промовираме новите засилувања, Бразилецот Миранда и напаѓачот Питошка", вели директорот Тони Мицевски.
Инаку, Пелистер на 5 февруари заминува на подготовки во Негорски Бањи, каде се договорени неколку пријателски средби. Противниците на битолчани за контролните натпревари ќе бидат Турново (06.02), Нов Милениум (10.02), Миравци (13.02), Напредок (18.02) и Силекс (21.02). Планирани се средби уште со Кожув и Беласица.
Е.Р.
Вардар нема пари за Жуниор
Пред извесно време се спомнуваше за можен трансфер на бразилскиот напаѓач во таборот на нашиот најтрофеен клуб, но директорот на Пелистер вели дека до такво нешто нема да дојде.
"Се крена голем прав за Бразилецот кој се поврзуваше со Вардар. Можеби од овој клуб разговарале со Литекс за отштетата, но според мене Вардар нема пари да го купи овој играч. Бугарите бараат околу 200.000 евра за овој играч и мислам дека ниту еден клуб во Македонија не е во можност да издвои толкава сума пари", вели Тони Мицевски.