Летен одмор 2023. Практикувам секоја година, барем на неколку дена, дел од летниот одмор да го минам во Македонија. Годинава се одлучив за Охрид, инаку најубавиот град во Македонија (не луѓето). Град со многу мотиви, низа цркви и манастири, интересната архитектура во стариот дел на градот, планини, едноставно, град со одлични можности за напредок на модерниот туризам. И така, полн со радости, го спремам куферот и тргнувам на пат. Државата кренала раце од овој град и неговиот напредок, тоа се првите мои впечатоци од катастрофалниот пат до Охрид. Стигнувам таму, намуртени лица со познатото ,,Смештај дан требит?" трчаат по тебе, а тебе жешко, па земам такси и одам кон договорениот стан за сместување. За неполни 2 км, таксистот ми наплати 600 денари. И да, поевтино е таксито во Дубаи. Се сместувам во договорениот, до тогаш стан, сега соба од околу 15/20 квадрати, без тераса, без клима, без телевизор, без основен прибор за јадење, два нискобуџетни кревети за "САМО" 50 евра/ ноќ. Ајде си велиш, барем парите остануваат во Македонија. Време е за плажа, ајде денес одам во Градиште на плажа, си реков. Ако фатам такси, ќе треба да платам 4500 денари во еден правец, сметано по претходната вожња. Се качив во комбе кое врши превоз до плажите, па чекам сопатници. Ако имаше 20 седишта во комбето, бројката на сопатници беше над 40 сигурно, најчесто млади деца. Тргнуваме по пат, сонцето пече, внатре не се диши, а шоферот по пат качи уште 5-6 души. Веќе ми стана јасен трендот со глумење на локални шерифи со постојано поголемата брзина на движење, па само чекам да пристигнам. Патот од Пештани до Градиште катастрофален, а да не зборуваме дека овој пат им носи 40% од профитот во летната сезона. Едвај се разминуваат две коли. Стигнуваме во Градиште, нормално одам веднаш по ладна вода во ресторантот на плажа. Ми ја наплаќаат изворската 120 денари, се освежувам малку, па барам слободна лежалка. Наоѓам, па веднаш ја зафаќам со оставање на ранецот и крпата врз неа. Од таму доаѓа келнерот утрчан, да не влезам во вода, ни општа култура за поздрав, ни почит кон повозрасен од него, цитирам ,,Бате, лежалкава се плаќаТ 500 денари", си велам, еден шамар во Државата наша ќе ме кошта 2000 евра, па ајде се воздржав, заќутев и платив. Како што нема никој контрола за превозот, така и за глисерите во вода. Тинејџери со глисери упаѓаат на плажа, дивеат во вода. Време е за назад, чичкото вработен со 5000 евра пробува да регулира сообраќај кај рампата, невидена гужва се створи. Чекавме час и нешто за да излезиме од рампата. Вечерта излегов, вечерав и се вратив во "станот". Трошоци само за првиот ден над 100 евра. Има многу за пишување, а сега е време за плажа, па одам таму. 
Визуелен приказ како изгледа превозот Охрид - Градиште во сезона
