Ахмети се определи за игра на националистичка карта
Поставувањето на шестметарските знамиња на јарболи високи 35 метри предизвика дополнително радикализирање на владејачката ДУИ. По настанот во Слупчане, „интегративците“ ги тестираат разнишаните меѓуетничките односи
Татјана Поповска
Националистичка реторика, потези што значат обележување на територии, непочитување на Уставот и законите, заканувачки пораки дека никој не смее да им се спротивстави на Албанците, провокации кон Македонците и продлабочување на меѓуетничкиот јаз во земјава. Тоа е суштината на политиката на ДУИ последниве месеци откако министерот за одбрана, Фатмир Бесими, почитувајќи партиска задача, заедно со офицери на АРМ се поклони пред споменикот на борците на ОНА во Слупчане.
Потегот што според ДУИ требаше да значи помирување на Македонците и Албанците во земјава, по конфликтот во 2001 година, предизвика дополнително радикализирање на политиката на владејачката ДУИ, поради која не само што може да се растури владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ туку може да ги доведе до сериозна криза и меѓуетничките односи.
Експертите се децидни дека последниот потег на ДУИ со поставувањето на шестметарските знамиња на јарболи високи 35 метри во кичевските села Грешница и Колибари и пораката на Али Ахмети дека „ова знаме ќе се вее со векови и секој злонамерен што ќе се обиде да го приземји знамето треба да знае дека не смее да се осмели да го направи тоа, затоа што нема да го дозволат Албанците“, претставува буквално обележување територија и знак на непочитување на Уставот и државата во која живеат.
Професорот Јове Кекеновски оценува дека ДУИ последниов период станува се' поагресивна и „на еден перфиден, мирен начин продолжува да работи на освојување територии“. Излезот од ваквиот национализам на ДУИ тој го гледа во распишување предвремени парламентарни избори, но потенцира дека победничката партија сама треба да го избере коалицискиот албански партнер, независно дали ДУИ освоила најмногу гласови или не. Најважно треба да биде таа партија да го почитува Уставот.
„Со секој нов ден во Владата ДУИ се' повеќе не ги почитува институциите на системот, гради свој систем во кој ние, Македонците, немаме апсолутен пристап или влијание. Затоа премиерот Никола Груевски мора да се справи со ова однесување на ДУИ и на Ахмети, зашто во спротивно ќе ја изгубиме државата“, оценува Кекеновски.
Вина за влошувањето на меѓуетничките односи во државата и за зголемување на тензиите во општеството Кекеновски гледа и во одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да го поднесе законот за бранители како реакција на настанот во Слупчане. Тој повторува дека уште тогаш Груевски требало да покаже кој е прв човек во власта и да го разреши Бесими.
Шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, тврди дека ниту знамето ниту пораката на Ахмети не се провокација за Македонците. Тој порачува дека Македонците треба да им се придружат во прославата на 100-годишнината од албанското знаме, да им го честитаат празникот и да покажат поголема толеранција, затоа што ова е значаен празник за нив.
„Знамињата во Грешница и во Колибари се поставени со одобрение на Општина Зајас. Тие не се наоѓаат пред институции за да мора до нив да има поставено македонско знаме. Ова знаме има симболично значење, тоа е декоративно, не претставува ниту држава ниту институција. Што треба ние да кажеме ако за годишнината за осамостојување на државата се појави карта од Македонија во чии граници има делови од Албанија“, прашува Груби.
Од ДУИ најавуваат дека наредниот период ќе се постават уште вакви знамиња, а не е исклучено за прославата да го постават и 500-метарското албанско знаме за кое се' уште бараат локација.
Во контекст на прославата на годишнината од албанското знаме, викендов во селото Радуша беше подигнат споменик на Адем Јашари, припадник на ОВК во Косово.
Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека ДУИ, но и ВМРО-ДПМНЕ се влезени во предизборна кампања за локалните избори и затоа последниов период прават потези како што е Слупчане, поставувањето на знамињата или, пак, предлагањето на законот за бранители. Тој тврди дека наредниот период треба да очекуваме уште такви потези.
„Потегот на ДУИ може да се толкува како провокација кон Македонците. Но, мора да се констатира дека и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во кампањата се однесуваат исклучиво и внимаваат само на своите гласачи. Мене ме загрижува пристапот на двете партии, кои бараат ’лесни‘ гласови што се привлекуваат со меѓуетнички тензии наместо со сработеното и со концепти“, вели Муслиу.
Тој не се сомнева дека двете партии во иднина без проблем ќе седнат на маса и ќе најдат заеднички јазик, потсетувајќи дека пред да ја формираат коалицијата имале многу повеќе несогласувања отколку сега.
Јавниот обвинител Љупчо Шврговски за „Утрински“ изјави дека за поставувањето на знамињата нема да интервенираат бидејќи нем место за кривично гонење. „Законот за употреба на знамиња ја регулира оваа материја. Тука може да стане збор само за прекршочна пријава, а не и за кривична“.
За опозицискиот СДСМ не е логично владините партнери да функционираат перфектно за тендерите и за министерските фотелји, а само за меѓуетничките односи да не можат да се разберат меѓу себе.
„Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја покажат истата сложност и соработка и за меѓуетничките односи. Пред да стане доцна, нека седнат и нека најдат заедничко решение за сите чувствителни прашања и проблеми кои самите ги предизвикаа. Стабилните меѓуетнички односи се еден од столбовите на македонската држава“, порача потпретседателот Гордан Георгиев.
Во Рамковниот договор нема прецизни одредби околу употребата на албанското знаме, туку упатува на Законот за употреба на знамињата на заедниците. Во него стои дека албанското знаме не може да се истакнува во отсуство на државното - и тоа знамето на заедницата да биде една третина од големината на државното. Од МВР велат дека немаат надлежност да ги симнуваат знамињата. Може да интервенираат само доколку надлежна институција донесе одлука за тоа и побара соодветна реакција од нив.
Молк во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ
Во ВМРО-ДПМНЕ вчера не ја коментираа последната провокација од нивниот коалициски партнер ДУИ со кој последниов период имаат сериозни несогласувања. Одговор дали поставувањето на знамињата, настанот во Слупчане, преименувањето на чаирските училишта... ќе значи дополнително продлабочување на несогласувањата во Владата, дали ќе има соодветна реакција и дали ќе се отстранат знамињата не можеше да се добие ниту од владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, кој не одговараше на телефонските повици.
Единствена официјална реакција е изјавата на премиерот Груевски, кој викендов најави дека ќе провери дали поставувањето на знамето е во согласност со Рамковниот договор и дали поставувањето таков јарбол е законски.