Испливаа нови детали за трагедијата во Богданци: Девојката веќе еднаш се спасила бегајќи преку прозорец, минувачи ја однеле во болница
04.11.2026 во 16:472 Mins Read
Вчера во 18:40 часот Т.К. од Богданци пријавил дека на место викано „Ичева чешма“, Горно село во Богданци забележал опожарено паркирано патничко моторно возило, во чија близина има безживотно тело, соопштија од МВР.
Веднаш по пријавата полициски службеници од ПС ОН Гевгелија се упатени на местото на настанот, каде било констатирано дека во близина на опожареното возило имало машко лице кое не давало знаци на живот, по што било констатирано дека станува збор за В.Г.(21) од Богданци. Од екипа на Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија била констатирана смрт. По локализирање на пожарот од страна на Бригадата за противпожарна заштита, било забележано дека во возилото има опожарено лице без знаци на живот.
За настанот веднаш е известен Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и извршен е увид. По насоки на Јавен обвинител телата се дадени на обдукција за утврдување на идентитет, односно утврдување на причините за смртта. Се преземаат мерки за утврдување на околностите и за целосно расчистување на случајот.
Претходно, на 01.10.2026 во 01:30 часот од страна на Џ.К.(46) во Гевгелија е пријавено дека на 30.09.2026 околу 21:00 часот по претходна вербална расправија помеѓу неговата 17-годишна ќерка и В.Г.(21) кои биле во љубовна врска, во семејната куќа на В.Г. во Богданци, физички ја нападнал неговата малолетна ќерка и и биле упатувани закани по живот, доколку си замине од куќата, при што В.Г. и го оштетил мобилниот телефон со цел да не може да повика полиција. Во даден момент малолетничката успеала преку прозорецот да се оддалечи од куќата, при што и била пружена помош од случајни минувачи кои повикале полиција и истата била пренесена во Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија.