Бугарските тајни служби ги признаваат МАКЕДОНЦИТЕ
Македонските разузнавачки служби работат на подобрување на деловните контакти меѓу македонските и бугарските компании за да се зголемат бугарските инвестиции во Македонија, како противтежа на грчкиот капитал.
Ова го заклучила бугарската служба за разузнавање ДАНС во своите извештаи. Заклучоците се дел од документацијата што веќе ја објавија германските медиуми „Дојче Веле“ и „Дер Шпигл“, а до која дојде и „Нова Македонија.
„Забележан е пад на активностите на резидентите на македонските тајни служби во Бугарија. Истовремено, тие работат на активирање на повеќе бизнис-контакти меѓу македонските и бугарските компании, со цел привлекување бугарски инвестиции во Македонија како противтежа на грчкото економско присуство. Процесите се следат преку операцијата ‘Октопод’, а ‘Езеро’ е името на оперативецот“, стои во документот.
Меѓу другото, ДАНС запишале дека македонските служби се ставаат под контрола на Никола Груевски.
Таму се вели дека максимално работат на македонските граѓани што добиваат бугарски пасош или имаат пробугарска ориентација, „затоа што Македонија смета дека Бугарија е закана по македонскиот идентитет“.
Но особено во очи паѓа фактот што ДАНС јасно ги означува Македонците и „Македонците со пробугарска ориентација“, различно од изјавите на многу бугарски официјални лица што често за нив велат дека се „Македонци со бугарска самосвест“ или „осознаени Бугари во Македонија“ или „македонски Бугари“. Од документите се гледа дека бугарските разузнавачи расчистиле со тоа дека Македонците се само Македонци.
Македонија во документите се спомнува на две страници. Еден дел е посебно за Македонија, а нашата земја е спомната и во делот за Грција. Произлегува дека Бугарите во чекор ги шпионираат Грците за нивните разузнавачки активности во Македонија, како што грчката разузнавачка служба внимателно ја следи бугарската во Македонија.
Но кога им одговара тоа, бугарските тајни служби без никакви проблеми соработуваат со грчките. Таков е на пример случајот со компакт-дисковите на „Виножито“, кои биле печатени во Бугарија, а запленети на грчко-бугарската граница за што грчката служба била навреме информирана од бугарските колеги.
Официјално МВР одби да коментира по објавувањето на овие документи, но македонските контраразузнавачи велат дека добро им е позната работата на нивните бугарски колеги во Македонија
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=111191010496&id=9&setIzdanie=21834