Слави Бинев, бугарски европратеник
Огорченоста кон Македонија е поради одбиената љубов
Секогаш сум сметал дека еден искрен однос, едно искрено извинување меѓу политичките лидери, ако биде искрено, а не лицемерно, би можело да биде и искрено проследено и од граѓаните на нашите две братски земји, вели Бинев одговарајќи на нашето прашање за односот на бугарските политичари кон Македонија
- Знаете дека кога нечија љубов е одбиена, сосема е нормално тој да се почувствува огорчено и да се затвори. Вака за „Дневник“ ги коментира односите меѓу Бугарија и Македонија, Слави Бинев, пратеник во Европскиот парламент, член на групата Европа на слобода и демократија, инаку од редовите на бугарските конзервативци.
Тоа е истовремено неговото објаснување за последниот настап на неговите колеги од Бугарија во ЕП, за време на дискусијата пред гласањето на резолуцијата за Македонија. Тие беа на речиси иста линија со грчките колеги во критикувањето на земјава, а од Софија постојано се слушаат апели за добрососедство и поддршка.
- Многупати сум водел разговори со ваши политички лидери и тие ги разбирале моите забелешки и ги земале предвид кога биле на пониски нивоа.
Но, во моментот кога ќе се искачат на повисоко ниво, почнуваат да се однесуваат радикално и на поинаков начин, што не само што не помага, туку и го тера човек да изгуби желба да одлучува во оваа толку комплицирана ситуација.
Секогаш сум сметал дека еден искрен однос, едно искрено извинување меѓу политичките лидери, ако биде искрено, а не лицемерно, би можело да биде и искрено проследено и од граѓаните на нашите две братски земји, вели Бинев.
Што се однесува до состојбите во ЕУ, тој истакнува дека проблемите со иднината на Унијата не спласнуваат.
- Застарено е верувањето дека Европа повеќе не се дели на исток и запад, ами на север и југ. Таа сега е поделена на еврофедералисти, од кои дел се трансформираат во еврофашисти, и евроскептици - од кои едни само сакаат да ја напуштат Европа, а други се борат против нејзиното лицемерство. Kако европратеник од Бугарија, тој е револтиран од третманот и двојните стандарди на Европската Унија кон земјите од јужниот дел на Европа,
но во случајот со Бугарија вината, пред с`, ја лоцира во домашните власти. Според Бинев, бугарските политичари не разбираат оти Европа не е само географски поим и ги компромитираат демократските принципи на ЕУ.
- Не може да го бараме проблемот на друго место, а вистината е дека сами се претворивме во неинтересна периферија, избирајќи безидејни политички лидери, кои не ги решаваат проблемите, туку само се кријат и извинуваат. Големите европски политички семејства немаат искуство со земји од таков тип, па продолжуваат да ги поддржуваат своите избраници. На тој начин не само што не го решаваат прашањето, туку и го продлабочуваат проблемот оддалечувајќи н`, не само од европските вредности, туку и од периферијата на Европа - смета Бинев.
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=2D35C8C9E7610646B8D7F4ECA6B70C42