03.08.2009 18:09
Красимир Каракачанов
Бугарија да не ги укинува визите за Македонците и да стави вето за членството на земјата во НАТО и Европската унија, бидејќи Македонија продложува да води антибугарска кампања, бара лидерот на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов.
Повод за барањето на радикалот е, како што вели, политичката и административна репресија што ја доживувала 23-годишната бугарка од Гевгелија, Спаска Митрова.
Таа од пред неколку дена се наоѓа во Идризово, каде издржува казна затвор од 3 месеци, бидејќи не му дозволувала на својот поранешен маж да ја посетува двегодишната ќерка, и покрај решението на центарот за социјални работи.
Сторијата на Митрова А1 ја објави пред 2 месеци. Таа и тогаш тврдеше дека е осудена невина, но во ниту еден момент не спомна дека е жртва поради својата национална определба. Тврдеше дека е осудена за не извршено решение за видување на детето со таткото, кое никогаш не го добила од Центарот за социјални работи.
Еден месец по оваа изјава, Митрова се појавува како бугарски активист во земјава. Таа е една од 9-те основачи што на 5 јули во Охрид го возобновија здружението Радко.
За случајот бил запознат и новиот министер за бугарската дијаспора, Божидар Димитров. Доколку бугарските власти не успеат да ја издејствуваат Митрова да биде ослободена, за една недела Каракачанов најавува протести пред македонската амбасада во Софија, но и тужба против Македонија во Стразбур.
http://www.time.mk/story_5e1defb8c0_article_21c47b94cf.html