„Anonymous“ најавија лансирање на сопствена социјална мрежа
Хакерската група „Anonymous“ која успеа да ги пробие сигурносните заштити на ЦИА, весникот „The Sun“ и многу места каде досега ниту еден хакер не стигнал, деновиве објави дека ќе си отвори сопствена друштвена мрежа каде, како што велат, секој ќе може да си каже што му душа сака, без никаква цензура.
Откако познатата несопирлива хакерска група „Anonymous“ доби „нога“ од мрежата Google+, суспендирајќи им го профилот, реши да изгради своја, нарекувајќи ја „AnonPlus“ (колку креативно)
Со суспензијата од Google+, Аnonymous изгуби пристап и до нивната Gmail сметка, YouTube каналот и сите потпроизводи на Google.
Објаснувањето поради забраната за пристап на новата социјална брзорастечка мрежа вели:
„После разгледување на вашиот профил, одлучивмe дека споделената содржина (на пр: текст, слики) ги крши нашите стандарди.
Ако мислите дека вашиот профил е суспендиран по грешка, или пред скоро време сте направиле измени во профилот за да се согласува со Стандардите на Заедницата, ве молиме приложете го профилот за повторно разгледување. Вашиот профил ќе биде разгледан повторно и одблокиран ако се согласува со нашите правила“.
Однесувајќи се како деца кои не ги пуштиле на влез на забава и затоа ќе си направат своја, Аnonymous на нивниот
блог објавија: „Не само што неколку луѓе организираа Операција (против) Google+, туку започнавме да градиме наша сопствена Социјална Мрежа... Добредојдовте во
AnonPlus.“
Мисијата на оваа мрежа гласи: „AnonPlus е замислен да ја спречи владината цензура и луѓето да можат да бидат слушнати.“ Исто така, анонимната мрежа ќе дозволува и анонимни профили, но и користење на вистински идентитети, а во ниту еден момент нема да дозволи цензура или затворање профили.
Аnon+ ќе биде peer-to-peer мрежа за споделување, која ќе ги зачувува и заштитува податоците на луѓето да не можат да се следат. Мрежата ќе користи енкриптирани торенти како средства да ги држи податоците во профилите. Ќе постои централна веб страна од која ќе може да се симне софтверот и ќе ги хостира сигурносните датабази на системот.
Покрај тоа, ќе биде претставен и Anonymous.edu, нова платформа каде ќе можат корисниците да се едуцираат со споделување знаење, што ќе дојде како вид на социјална мрежа за бесплатна едукација.
Дали AnonPlus ќе биде нешто поинакво кое ќе допринесе за слобода на говорот или за слобода на тролањето, бидејќи ќе биде преплавена со празни профили со илјадници различни „V for Vendetta“ маски, останува да видиме.
Извор:
http://kajgana.com/internet/„anonymous“-najavija-lansiranje-na-sopstvena-socijalna-mreza