Велика Сабота е денес, денот меѓу Христовата смрт и Воскресението. Ова е денот на оплакувањето на Исус, кога неговата мајка Богородица и жените Мироносици по погребот го оплакувале. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Богородица.
Велика Сабота е определена како ден за чување на гробот. Таа е денот кога, во почетокот Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон.
Мироносиците (трите Марии) на Христовиот гроб - претстава на трите Мироносици, кои дошле на Христовиот гроб со цел да го миропомазаат неговото тело, но го затекнале гробот отворен и празен, легионерите-чувари ничкосани на земјата, а Ангелот во бело седнат на капакот.
Денес се одбележуваат три важни настани: упокоението и престојот на Христос во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во Адот (пеколот) и отворањето на портите на Рајот. На Велика Сабота, пред полноќ, се внесува Плаштеницата (платно што го симболизира Христовиот гроб и се поставува во црквата на Велики Петок) од сред црква во олтар, молчејќи, со кадење и се поставува на Престолот, каде што останува до Спасовден, во спомен на четириесетдневниот престој на Христос на земјава по Воскресението. На Спасовден Христос со тело и душа се вознел на небото.
Христовото Симнување во Адот - сцена во која централно е прикажан Христос, кој ги гази портите на Адот и први од него ги избавува прапредците Адам и Ева, од левата праведна страна со ореоли се претставени старозаветните цареви Давид и Соломон, како и Јован Крстител, додека од десната се претставени грешниците.
На празничната трпеза денес владее строг пост. Имено, Велика Сабота е единствената сабота во годината, кога постот е строг и не се јаде зејтин. Но, за поткрепа на оние што се на целодневната молитва, допуштено е пиење на вино.