ЗА КОИ ВЕРНИЦИ СЕ КОРИСТИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ИСЛАМСКАТА ВЕРСКА ЗАЕДНИЦА?
Пишува Тодор ПЕТРОВ
Деновиве јавноста беше информирана за одлуката на Светиот Архиерејски Синод од неговата последна седница, со којашто Македонската Првославна Црква - Охридска Архиепископија дозволи богослужба на албански јазик по барање на православните Албанци во Македонија. Според оваа одлука, првата литургија треба да се одржи во мај 2015 година, а по повод чествувањето на Kристо Багери, православен Албанец, кој како 16-годишник загинал во комитска чета во околина на Битола во 1906 година. Во Македонската Првославна Црква досега се одржувани литургии на српски и на влашки јазик, за потребите на верниците од српската и од влашката етничка заедница. Ништо невообичаено.
За очекување е Македонската Првославна Црква - Охридска Архиепископија да одржува секоја година помен на денот на упокојувањето на Ѓорѓија Кастриот Искендер, Кралот на Епир и Македонија, вториот Александар Македонски, по потекло Македонец православен, роден на 6 мај 1405 година, упокоен на 17 јануари 1468 година, погребан во Кроја.
Во Албанија постои и Албанска Православна Црква. И во Албанија и во Косово има Католичка Црква. Во црквите во Мала Преспа под јурисдикција на Албанската Православна Црква за Македонците православни се богослужи на македонски јазик. Албанците не се само муслимани, Албанците се и православни и католици, како што и Македонците не се само православни, туку и католици и муслимани.
Премиерот на Албанија Еди Рама однеодамна јавно се декларира за католик.
Командантот на ОВК и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај, исто така, недвосмислено изјави дека тој никогаш во животот не влегол во џамија, дека е католик, какви што се неговата фамилија со генерации.
Упокоениот косовски претседател Ибрахим Ругова, кој остана икона за независноста на Косово, исто така беше католик, се покрсти кај Папата, но никогаш Албанците за него не рекоа дека е предавник или каурин, дека не е Албанец.
Командантот на ОНА, Али Ахмети годинава упати Божикна члеститка на околу 200.000 Албанци православни во Македонија (?) За да нема забуна, за албанските историчари неоромантичари, Мијаците во Македонија се “словенизирани Албанци“, затоа што и Гегите и Тоските заедно се помалку од Мијаците во Албанија, иако сите по државјанство Албанци, поради името на државата Албанија. Како и да е... Да се задржиме на поентата!
По повод одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Првославна Црква - Охридска Архиепископија, весникот Дневник, во намерата да укаже дека и во другите верски заедници во Македонија се богослужи на повеќе јазици, зел изјава и од портпаролот на Исламската верска заедница Абаз Ислами. Според Абаз Ислами, “освен албанскиот, во џамиите се користат и јазиците на припадниците на други етнички заедници“.
- ИВЗ е мултинационална и мултикултурна институција која ги култивира вредностите, културата, јазикот, обичаите и традицијата на своите членови почнувајќи од Албанци, Турци, Босанци, Торбеши и Роми. На сите нејзини членови им е дозволено на својот јазик да ги проповедаат верските пораки, службите и сето тоа што се однесува на верските проповеди. ИВЗ во РМ со векови на ваков начин ги почитува барањата на своите верници, освен тоа им овозможува дури и да се образуваат и едуцираат на својот јазик во едукативно-образовните институции на ИВЗ во РМ - рече за Дневник, Абаз Ислами.
Тоа го рече Абаз Ислами и остана жив. Патем, ИВЗ во Македонија е регистрирана од 1977 година. Вообичаено, чисто верскиот дел во џамиите се изведува првин на арапски јазик, а потоа имамите проповедите и подучувањата ги прават на мајчиниот јазик на верниците. Прашањето е, дали Абаз Ислами знае во која држава се наоѓа Исламската верска заедница чиј портпарол е, и дали во џамиите во Македонија се проповеда и на македонски јазик за верниците Македонци, кои очигледно за Исламската Верска Заедница не постојат, затоа што муслиманите ги признаваат само како Албанци, Турци, Босанци, Торбеши и Роми?!
Ако торбешите не се Македонци, затоа што за Исламската Верска Заедница Македонец е синоним за каурин, логично е прашањето до поглаварството на оваа верска заедница: Дали Албанците се само муслимани или и меѓу нив има и каури, односно дали каурите се само Македонци или има и Албанци каури? Поточно, дали и Албанците православни и Албанците католици се каури? Дали Албанците православни и Албанците католици во Албанија не се Албанци, затоа што се каури? Ако Албанците се и православни и католици и муслимани, зошто Исламската верска заедница Македонците муслимани ги нарекува торбеши, подучувајќи ги дека Македонец значи каурин а бидејќи тие тоа не се, може да бидат било што (по правило: Албанци, помалку Турци) само не Македонци?!
За крај, Исламската верска заедница во Македонија еднаш засекогаш мора да разбере дека како што Албанците се и православни и католици и муслимани, така и Македонците се и православни и католици и муслимани. Можеби Албанците во Македонија повеќето се муслимани, ама тоа не значи дека само Албанец може да биде муслиман, тоа не значи дека муслиманите се само Албанци! Ниту Мека е во Албанија или на Косово, ниту пророкот Мохамед бил Албанец! Како што Албанците не се каури и торбеши, туку и православни и католици и муслимани, така и Македонците не се каури и торбеши, туку и православни и католици и муслимани. Како што мајчиниот јазик и на Албанците православни и на Албанците католици и на Албанците муслимани е албанскиот јазик, така и мајчиниот јазик и на Македонците православни и на Македонците католици и на Македонците муслимани е македонскиот јазик!
Исламската верска заедница во Македонија еднаш засекогаш мора да разбере дека муслиманите Македонци се неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ, заедно со Македонците православни и Македонците католици! Така било отсекогаш, така и ќе остане засекогаш! А, индоктринациите и манипулациите, со цел денационализација и асимилација поради исламот, ќе ги демистифицираме и ќе ги разобличуваме секогаш и насекаде!
Македонија вечна! Амин!