За Ростуше и Битуше имам слушнато милијарда пати кога ќе сум пуштел Иселенички џубокус
Битуше е село во Општина Маврово - Ростуше.
Битуше се наоѓа во западниот дел на Македонија, во регионот на Долна Река. Оддалечено е 25 километри јужно од Маврово и на дванаесет километри северно од Дебар. Распослано е во китното зеленило на Дешат, над кое е надвиснат горостасниот Крчин. Поблиску кажано, Битуше се наоѓа во атарот на националниот парк „Маврово“, на 25 километри јужно од Маврово и на дваесетина километри северно од Дебар. Пред него, на источната страна од Радика па нагоре до над 2000 метри надморска височина се издига планината Бистра со бисерот на нашата средновековна култура, манастирот „Свети Јован Бигорски“. Битуше заедно со соседните села Ростуше, Велебрдо и Требиште претставува засебна оаза со свои специфични белези и карактеристики.
Местоположбата, почвено – климатските услови, бујното зеленило и изобилството на чисти планински извори Битуше го прават привлечно место за живеење. И не само што речиси, сите, сто и дваесетина куќи се во добра состојба, туку се води грижа и за инфраструктурните потреби. До селото води асфалтен пат, а со изградбата и ставањето во функција на двата селски водоводи, еколошки чиста и здрава вода за пиење има во секоја куќа.
Битуше е поделено на две маала: Село и Ранчевци, а меѓу нив како спојка е третото маало Топузовци. Но, секој сокак си има и свое маалско име – од Била до Синџира. Селото е од збиен тип, а стрмниот терен и ограничениот простор за градба, на битушкиот неимар му дале можност до максимум да ја изрази својата креативност во искористувањето и обликувањето на просторот, изобилно користејќи го каменот, како основен градежен материјал. Куќите во Битуше обично се на два или три ката, а само три куќи во селото имаат по четири ката.
Пишани документи за потеклото и постанокот на селото, барем засега нема. Како што нема ни изворни податоци за името. Евентуалните археолошки истраги, посебно во месноста Добје, најверојатно ќе одгонетнат многу тајни и ќе откријат вредни податоци и сознанија за животот не само во Битуше туку и пошироко во регионот на Долна Река. Зашто иако засега е познато дека Битуше како посебна селска населба се среќава во турските пописни дефтери од 15 век и подоцна во архивските материјали во манастирот „Свети Јован Бигорски“ постојат сознанија дека Битуше е многу постара населба. Па дури дека извесен Јован или Иван како еден од 70-те ученици на Климент и Наум е Битушанец и дека тој е ктитор на манастирот „Свети Јован Бигорски“ односно дека овој монах ја донел иконата на Свети Јован од изгорениот манастир во селото Слатино, Дебарца, кој пак бил запален во почетокот на 10 век и го носел името на овој светец. А што се однесува до името, познатиот научен работник д-р Аритон Поповски корените на потеклото ги наоѓа во старословенското име Битух.
Ако до педесеттите години од минатиот век, живеачката се обезбедуваше преку мачното и тешко печалбарство, во поново време, наместо за ѕидарско-фасадерскиот занает, младите се определуваат за учење. Младите Битушани масовно се запишуваат во средите училишта, вишите школи и на факултетите, па немајќи можност со дипломите да се вработат во својот роден крај, почнаа да го напуштаат селото, преселувајќи се во Скопје, Тетово, Гостивар и други места. Кога веќе станува збор за стручно-образовниот профил на селото да го забележам и ова: Битуше не е село само на прочуени ѕидаро-фасадери или село на учители, туку е село што ги познава сите струки, занимања и професии. Единствен занает што не бил практикуван во ова село е калајџиството.
Битуше е единствено и меѓу 23-те села од десната страна на Радика, разместени по огранките на Кораб и Дешат, во кое не е извршена исламизација на населението. Со векови егзистира како чисто христијанско село. Зошто османлиите не извршиле потурчување и во ова село не е познато. И покрај ова, Битуше и Битушани со векови живееле во братска слога со неисламизираните како и со исламизираните жители на овој крај.
Во Битуше за време на Народно-ослободителната војна, во ноември 1942 година, проработи Првата партизанска печатница во Македонија. Целото село беше на страната на НОИВ и ПОМ и од него излезе еден народен херој Тихомир Милошески – Тиќо и петмина носители на Партизанска споменица 1941 година.
Првата илегална партизанска печатница во Македонија, печатницата „Гоце Делчев“, која со работа започнала во месец ноември 1942 година, се наоѓала во селото Битуше. Во неа биле напечатени разни материјали, како брошури, билтени и извештаи за потребите на ЦК на КПМ, ГШ на НОВ и ПОМ и воопшто за Македонското народноослободително движење. На пресата од оваа партизанска печатница е издаден и првиот, од двата дела, Зборник на народноослобидителни песни, под редакција на Кочо Рацин. По ослободувањето се извршени конзерваторско - реставраторски работи во куќата во која била сместена печатницата, а нејзиниот внатрешен дел е преуредн како постојана историска и етнолошка поставка(1961). Оригиналната дрвена печатница, по ослободувањето, е однесена од страна на Светозар Вукмановиќ Темпо, во Воениот музеј во Белград, каде и што сеуште наоѓа.
Битуше е село на чешми. Изградени се и уредени вкупно 22, во селото, ливадите, над селото и во битушкиот орман. Селото има пат црковни градби: едната сред селото е „Св. Архангел Михаил“, другата „Св. Илија“, е спроти манастирот „Св. Јован Бигорски“ во месноста Добје, третата „Св. Спас“ е на Покладишќа, две други цркви се изградени на Крчин. Навистина селото сега има нешто повеќе од шеесетина жители, но него постојано, а особено во летниот приод и за Водици, го посетуваат голем број иселени Битушани кои му го враќат вриежот на животот каков што бил некогаш.
Празнувањето на водичарските и свети Јовановите зимски празници во Битуше претставува традиција создавана со генерации и прифатена од сите генерации. Како што пишува доајенот на македонското новинарство, родум од Битуше, Гале Фиданоски во книгата за ова село, на Водици и Соборот на свети Јован Крстител и денес се одржуваат богати обичаи, кои иако се познати во овој крај досега останаа недоволно афирмирани меѓу пошироката јавност. Денес во Битуше има два крста, односно две куќи ги предаваат, и две ги земаат крстовите за овој празник. Порано селото имало само еден крст но се случувало некој да не доживее да биде кум и да го чува крстот. Поради тоа селаните решиле селото да има два крста. Подготовките за празнувањето на Водици во Битуше почнуваат уште на Танасовден (св. Атанасиј, 31 јануари) што значи скоро цела година порано. Тогаш новите кумови во црквата „Св. Архангел Михаил“ даваат збор (се заречуваат, се заколнуваат) дека ќе бидат носители на селското кумство. Но непосредните подготовки за Водици почнуваат на Василица, со замесувањето на лебовите, обред што се изведува доста свечено и што содржи многу оригиналност. Ноќта спроти Василица, малку по полноќ девојка со живи родители, или млада невеста облечена во свечена девојчинска облека, или во невестинска облека со две стомни оди да налее вода на една од селските чешми. На враќање крши три дренови гранки што ги става во стомните за водата да се дреноса. Во прашање е верувањето дека дренот може да обезбеди здравје за целото семејство. Во домот водарката ја чекаат месариите кои по нејзиното враќање тие ја пеат песната:
- Добре ми дојде свети Јоване! - Добре те најдов еј нови куме! Не уплаши се ток зарадви се, сам свети Јован заире носет, заире носет бела пченица, бела пченица ведро ракија, ведро ракија две ведра вино, две ведра вино крава јалова...
Со донесената вода девојката или млада невеста ги замесувала првите пет леба, по што месариите ги замесувале останатите лебови за празникот. Бидејќи во поново време се купуваат готови лебови, во изведувањето на обредот се месат само пет леба. На Василица се изведува и обичајот канење „На кумство“. Имено тогаш девојки или млади невести, од двете куќи што го земаат крстот, свечено облечени и со специјални карти за канење „зовачки“ полни со вино го канат целото село да дојде „На кумство“, а девојките и младите невести се канат да бидат кумстарки. На 17 јануари од куќите што го испраќаат крстот праќаат по едно девојче низ селото да кани на „Сучење врвца“ и на „Праќање кумови“. Овие обичаи секогаш се изведуваат навечер. Тие што доаѓаат за овие обичаи поздравуваат со: „Да ви е н помош свети Јован.“ на што домаќините одговараат: „Секому да помага“. Овие два обичаја се изведува во двете куќи кои што го испраќаат крстот, односно кај старите кумови. На софрата се и кумовите што ќе го носат крстот во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Кога ќе почнела вечерата две жени свечено облечени во народна носија, застанати во спротивните ќошови од куќата, поткачени на столчиња ја сучат врвката, со која се врзуваат крстот и босилекот. Врвката се сучи од бел и црвен конец, при што едната жена врзува на лево, а другата на десно. При сучењето се пее:
Јадите, пите, веселите се, ова е софра свети Јованова. Сам свети Јован заире носит. Носите го, носите го, гравот од грашишќе, да го јадет, да го јадет, овие чесни гости, чесни гости, чесни гости, свети Јованови...
Кога босилекот ќе биде врзан на крстот започнува опростување од крстот. Прв се опростува домаќинот со тоа што по прекрстувањето (три пати) го дарува крстот со пари. Потоа истото го прават и домашните и гостите. Потоа кумот зема бакарно котле полно со вода, во него го става крстот ја нарамува торбата со храна и ги поведува кумовите кон манастирот „Свети Јован Бигорски“. До местото Лајковец кумовите ги испраќаат попраќалените при што ја пеат песната:
Збогум, со здравје свети Јоване, ноќа те праќа, рано те чека, утре те чека силноно село, силноно село, се весело...
По пристигнувањето во манастирот сите крстови се ставаат во голем котел полн со вода каде што свештеникот ги опева односно ги осветува и крстовите и водата.
Рано наутро на 18 јануари со биењето на камбаните кумовите тргнуваат кон селото Битуше. Кога ќе пристигнат кај местото Лајковец нив ги пречекуваат деца со лончиња (маштрапи) во кои кумовите им тураат светена вода (ајазмо) да се напијат „на гладно срце“ и да однесат во домовите. Кога децата ќе донесат дома од ајазмото, сите пијат за здравје потоа попрскуваат низ куќата, а останатата вода се чува пред иконата, за да ја чува куќата од разни несреќи и да обезбедува напредок.
Кумовите со крстот и светената вода одат во домовите на стариот и новиот кум, а потоа шетаат низ селото посетувајќи ги сите куќи. Одејќи низ селото го перат тропарот „Во Јордање крештајутсја Тебја Господи...“ Во домовите ги пречекуваат со ставена богата софра секогаш со посна храна. На софрата главниот кум што го носи котлето со светената вода ја пресекува погачата, ја попрскува со вино, а потоа сите простории на куќата ги попрскува со светена вода. Еден од кумовите фрла сол во огнот, го распретува и благословува да се сили куќата, „да се роѓает мошки деца, женски телиња, јариња. Да е куќа силна и весела.“ Ова се повторува во сите куќи по што кумовите ги носат котлињата со вода и со крстовите во селската црква „Св. Архангел Михаил“ каде што ги оставаат да преноќат. Интересен обичај е и одењето по костење, што се изведува вечерта во домовите на новите кумови. Тогаш се носат и таблите за кревање на кумството. На софрата домаќинката со полна табла костени ги послужува и секој зема толку костени колку што има членови семејството и уште по едно за куќата и стоката ни нивниот број секогаш мора да е непарен. Ако некој не присуствува на овој чин костење му се испраќаат во неговиот дом за да не се почувствува одделен од селото. Потоа сите се гоштеваат и пеат песни меѓу кои и споменатата песна „Добре ми дојде свети Јовне...” Ноќта во двете куќи на новите кумови се распоредуваат таблите, се формира колона на кумстарките така што на почетокот се жените, а потоа девојките.
Интересни, би рекле ретки обичаи во ова село се изведуваат на 19 јануари, на празникот Богојавление - Водици. Рано наутро на овој ден сите луѓе од селото одат во селската црква „Св. Архангел Михаил” каде што присуствуваат на црковната служба, потоа ги земаат иконите, бајраците, крстовите и одат низ селото, обред што се вика „По крсти“. Колоната оди низ селото по строго утврдена патека. Најнапред оди свештеникот со бакарно котле со светена вода, со крстот и босилекот во водата, а по него селаните. Најпрвин застануваат кај Милошевската чешма каде што се осветува водата, а потоа одат На јаз каде што крстот се фрла во водата. При одењето низ селото поворката ја пее песната „Крсти носиме Бога молиме“. По фрлањето на крстот во водата тој се носи во селската црква, по што девојките и невестите одат во домовите на новите кумови каде што се изведува обичајот Кревање кумство. Секоја си ја зема таблата (со лебот во неа) по ред онака како што се поставени на масите. Таблите се покриени со бела шамија. Сите тргнуваат кон црквата во обред што се вика По крстот. Напред оди домаќинката и нејзината табла е најголема и во неа има три лебови и три гранчиња од дрен. По неа одат другите кумстарки. Колоната до Пред црков пее водичарски песни како Добре ми дојде свети Јоване, а пред црковната порта и песните: Пролетал ми сиви сокол од море, Еребице, препелице, Заспала ми је бела Марија и тн. Потоа влегуваат во црковниот двор каде што е собрано целото село и каде што се формира свети Јованово оро придружено со песната:
Петар и Павле две ора водет, Петар Павлеве му се молеше: - Покроткум Павле, покроткум брате, покроткум ви го витото оро, ил се невести морни, уморни, ил се девојки морни уморни. Цел ден денеска крсти носеме, крсти носеме, Бога молеме! Да му е жива ... (се редат имињата на машките членови на семејството според возраста).
По изигрувањето на ова оро кумстарките од куќата на првиот кум одат во селскиот културен дом, каде што го оставаат лебот. По нив во црковниот двор влегуваат кумстарките од куќата на вториот кум при што се повторува истиот ритуал. Во тоа време во селскиот дом машките членови ги сечат лебовите, а во канти или ѓугуми се дели кашкавал и сирење, леблебии (бобулки) и шеќерчиња се послужуваат со ракија (студена). И додека трае веселбата во културниот дом, додека се играат ора и се пеат песни, домаќинките на двете куќи - нови кумови одат во црквата каде што ги земаат крстовите. Свештеникот со молитви и благослови најпрвин едниот крст и го предава на домаќинката од првата куќа, а потоа и на втората. Тие со десната рака го држат на челото и тргнуваат кон своите домови. Свештеникот на сите присутни во црквата им дели кончиња од сучената врвка со верување дека ќе им се одврза среќата ако им е заврзана (заплеткана). Додека одат од црквата до домот домаќинките со крстот се пее споменатата песна „Добре ми дојде свети Јоване”. Во домот крстот се остава пред иконата, а потоа доаѓаат кумстарките за кои е подготверна богата софра. По кумстарките ручаат мажите.
Вечерта на Водици целото село оди „С поклон” кај првиот стар кум. Притоа се носи леб и му се честита свети Јован. Поклонарите се честат со ракија, а потоа им се дава вечера. Кај вториот стар кум „С поклон” се оди следната вечер.
На вториот ден од празникот, Собор на свети Јован Крстител, на честитање именден се оди во куќите каде што има име Јован. Тогаш се оди и На бакрда во куќите каде што има млада невеста, како што се вели „прва година земена”. Таму младата невеста ги почестува со ситно издробена пченкарна бакрда. Гостите бакрдата ја земаат од тепција, и притоа благословуваат: „Колку тровчиња, толку дечиња. дечиња како мечиња”. Сите гости во оваа прилика пеат:
Варет се печет бакрда, коде што имат невеста, прва година земена. Да се роѓает дечиња, дечиња како мечиња.
Вечерта, како што беше споменато целото село оди „С поклон“ кај вториот стар кум и со тоа празнувањето на Водици завршува. Водичарските обичаи, верувања и песни покажуваат дека во Македонија до денес се одржале многу од старите обичаи кои најпрвин имаат аграрен, а дури потоа хтоничен карактер, и дека во нив се следат слоеви од најдалечното минато, односот кон словенскиот врховен бог, но и социјалната организација на селото, на компанијата и на семејството.
Покрај празникот Водици, во Битуше, традиционално, се одбележуваат и празниците: Илинден (коде и да си, за Водици и Иликден во Битуше да си), Архангел Михаил (Оранѓел), Ѓурѓовден, Василица, Летник, Преображение, Спасовден, Света Недела, Танасовден, Иванден, како и сите други поголеми христијански и македонски празници.
За силината и цврстата верба на Битушани во христијанството, говори и податокот дека само Битуше, од едната страна на Радика, останало чисто христијанско село. Во селото Битуше постојат четири цркви кои се посветени на Свети Архангел Михаил, Свети Илија, Свети Спас и Свето Преображение. Според преданијата кои ги пренесува авторот Риста Огњановиќ - Лоноски, за ктитор на Бигорскиот Манастир се смета Јован од Битуше. Покрај по црквите, духовните места и празниците, Битуше е надалелу познато и по прекрасната народна носија, битушката свадба, битушките учители, старата македонска архитектура, традиционалните македонски домашни јадења и по бројните чешми во селото.
Цркви во селото:
Црква ,,Св. Архангел и Михаил"- главната селска црква, се наоѓа сред село;
Црква ,,Св. Илија" - манастирска црква;
Црква ,,Св. Спас" - црква во месноста Дабје;
Црква ,,Св. Св. Архангел" - мала црква на Крчин;
Црква ,,Преображение Христово" - мала црква на Крчин;
Црква ,,Св. Кирил и Методиј" - скит на Бигорскиот манастир. Темел осветен на 31 мај 2014.
Извор: Википедија
