Код истражува: Седум години мистерија околу убиството на прилепчанецот Миле Мојсовски
Една куќа во скопското село Раштак, веќе седум години крие мистерија. За убиство кое се случи на новогодишната ноќ во 2004 година. Седум години еден од двајцата убијци се уште се води како непознат сторител.
На 31 Декември 2004 година, додека сите славеле Нова Година, во оваа куќа во Раштак се случи убиство. Во темнината две лица прво го убиле доберманот, за да можат да влезат во куќата. Истрелот го слушнал домаќинот 60 годишниот Миле Мојсовски, кој излегол да види што се случува во дворот. А тогаш го застрелале и него. Осуден за убиството е единствено Дејанче Николоски од Прилеп, кој е осуден на 11 години затвор како соучесник. Виновен е – според пресудата, но тој тврди дека невин е зад решетки.
- Јас со живот гарантирам дека не сум вмешан во убиството. Јас барам правда, а не милост – вели осуденикот Дејанче Николоски.
Во неговата вина, не верува ниту синот на убиениот Мојсовски. И тој е сигурен дека невин човек е зад решетки.
- Јас мислам дека вистинскиот човек не е внатре - вели Роберт Мојсовски, син на убиениот Миле Мојсовски.
4 години немало ниту осомничени за убиството во Раштак. Трагите не воделе кон никого. Николоски бил уапсен дури во 2008 година. Зад себе имал досие со повеќе извршени кражби и неколку години одлежени в затвор. Но, вели дека убиец не е. Судската постапка е завршена. Сите три суда пресудиле исто. И кривичниот и апелациониот, а пред неколку месеци и врховниот суд. Сега семејството правдата ќе ја бара во Стразбур. Николоски ја одлежува третата година во Идризово. Има уште 8. Непознатиот убиец е на слобода.