Патуваме со.... Роберт Смилески и Никола Маџиров

  • Креатор на темата Креатор на темата Jedah
  • Време на започнување Време на започнување
Член од
4 јануари 2008
Мислења
2.458
Поени од реакции
5.612
Pic1_zps27b5519c.jpg

Не постои подобар поттик за тргнување каде и да е, од разговорот на двајцата големи патувачи – Роберт Смилески и Никола Маџиров,кои речиси не постои место, предел,.. кај што не биле. Едниот – уживајќи во далечините како своја насушна потреба, другиот – следејќи го патот на поезијата по големите светски булевари, но и по прашливите патчиња на творештвото. Твој Клуб ги наведе на разговор чиешто ехо зачудувачки брзо ќе ги спакува и вашите куфери. Нивните, се чини, немаат друг дом, освен станиците и аеродромите...


Роберт: Како ја гледаш разликата помеѓу патник и турист? На непознати патишта никој нема минато, сите сме исти и рамноправни, а сепак...

Никола: Минатото за патникот почнува од мигот кога ќе ја види полуурнатата тврдина или полупокриениот мозаик, а не од претпоставките во историските книги. Туристот често доаѓа за да преспие, патникот за да остане буден


Носталгија по носталгијата

Роберт: Патувањата ги будат најдобрите страни во нас. На пат стануваме најснаодливи, најиздржливи, најтолерантни, најотворени за нови идеи, нови интереси, нови романси. Дури се интензивира и љубовта кон пријателите дома и кон својата земја... Се сложуваш ли?

Никола: На почетокот од дваесеттиот век носталгијата се сметала за болест и била лекувана со престои во високите швајцарски планини. Денешната нова „болест“ би се нарекла „нос- талгија по носталгијата“, зашто поради интензивираните патувања нема простор и време да се биде носталгичен. Враќањето дома е побрзо од внатрешното патување на носталгијата. Љубовта кон сопствениот град, јазик и детство расте со секое ново патување, а во исто време се добива чувство на носталгија по нешто непознато, по некое место каде што никогаш не сме биле.

Роберт: Што правиш најпрво кога ќе отидеш во некој нов град и земја? Кои ти се изворите на први информации и впечатоци?

Никола: Веднаш излегувам надвор. Ги избегнувам линковите на Википедија или тематските џебни водичи од рецепцијата на хотелите. Поетот Амихај вели дека да се запознае градот преку отпечатен туристички водич е исто како да се засака жената преку прирачник со сексуални пози. Кога пешачам по улиците го претпоставувам времето на градење или лупење на фасадите или тежината на осаменоста на стариците зад прозорецот без завеси. Кога се возам, слушајќи го лошиот англиски на таксистите, ја претпоставувам нивната родна земја или улица, за која знаат помалку отколку за улиците што сега секојдневно ги минуваат.

Роберт: Можат ли географијата и нашата човечка физиолошка ранливост да ги нарушат задоволствата од патувањата? Дали страдаш од промената на временски зони - џет лег? Како се справуваш со оваа географска тегоба? Имаш ли некој таен рецепт? Јас со висините се справувам најлесно, можеби поради моите мијачки нишки на ДНК. На надморски височини од над 4 000 метри во Јужна Америка можев да трчам и да земам учество во краткиот натпревар со непознатите сопатници од автобусот, на една ледина во Андите, за време на една починка... Но, џет легот во Јапонија ме зашемети цели неколку дена, па на почетокот Токио повеќе го сонував отколку што го живеев. Се чувствував како дел од некој таен високо-технолошки експеримент во овој град- илузија.

Никола: Високите планини ме плашат не кога од нив ќе погледнам надолу, туку кога ќе погледнам нагоре и ќе се запрашам каде е границата помеѓу видот и небото, помеѓу снегот на врвовите и сонцето. Промената на временските зони ме научи да престанам да верувам во старост (зашто кога ќе отпатував преку океаните постојано бев неколку часа постар или помлад од мојот син), да престанам да верувам во отсуството на сонцето кое ја делеше Земјата на ден и ноќ, но не и на будност и на сон.

Pic2_zps88a03c48.jpg

Да тргнеме...

Роберт: Кои се твоите омилени места во светот? Каде би сакал, ако можеш, уште утре да тргнеш без никакви посебни подготовки? За мене вистинско патување се тешко достапните места каде што врвот на уживањето и сфаќањето на лекцијата на тој конкретен простор често се случуваат отпосле, гледајќи ги фотографиите пропаднат во удобната фотелја дома. За тебе?

Никола: Не сакам да ставам знаменца на мапата на светот, да ги обележувам местата каде што сум бил, зашто суштината на патувањето не е во поминувањето, туку во враќањето. Би сакал повторно да се вратам во Норвешка и да ја одживеам бескрајноста на денот, да поминам пак низ Багдад и врз себе да ја осетам благата и топла песочна бура која од палмите правеше златни скулптури, да се наведнам под скулптурата на ангелот во Берлин каде што Бруно Ганц разговараше со себе и светот во „Небото над Берлин“, да чекорам пак по тврдите црни камења од вулканите во Никарагва од кои жителите изработуваат ѓердани, кои мислиш дека во секој миг ќе се претворат во лава врз кожата на локалните девојки.

Роберт: Неодамна беше во Југоисточна Азија, регионот кој пред 17 години мене ми ги отвори патувачките чакри. Во Тајланд бев на подолг престој во деведесеттите кога земјите и луѓето од тој дел на Азија засекогаш ми го променија светогледот. Што тебе те освои најмногу?
Никола: Килимите на подовите во индонезиските куќарки кои ги пресликуваа истите шари од нашите бабини куќи што мирисаат на прашок за молци и чиниш секој миг ќе се одлепат од земјата и без некое библиско чудо или неочекувано цунами – ќе полетаат. Медиумите нè учеа дека Азија е чудно двојство помеѓу сиромаштијата и духовноста и дека богатите луѓе од Западот таму ги трошат своите богатства за да доживеат просветлување откако ќе дознаат дека боледуваат од неизлечлива болест. За Југоисточна Азија дознав од лошите преводи на Махабхарата и Рамајана и од победничките холивудски филмови за Виетнам. Патувајќи по поетските фестивали среќавав автори од тие простори, кои беа како мали острови што се подместуваат за да ја пренесат приказната за питомоста на нивното море и покрај вестите за цунами кои ја уриваа сликата за спокојност, да ја кажат вистината за темните насмеани очи на луѓето кои преку филмовите ги знаевме како најопасни предатори низ густите џунгли.



Авантури

Роберт: Моите патувачки авантури ги помнам како холивудски отфрлени сценарија за филмови: бев заглавен без пари над арктичкиот круг во Норвешка и спасен од деца од основно училиште; имам речиси „Титаник“ искуство на брод во Тасманискиот Премин; стекнав инстант популарност во Самоа поради случајно телевизиско интервју на улица во Апиа со на- ционалната телевизиска станица; бев заробен во поплава во Антофагаста, Чиле – едно од најсувите места на планетата; слушнав непознат човек кој ја пее „Македонско девојче“ во едно село на Гренланд; бев испрашуван од иранската полиција близу Керман среде ноќ; се имам загубено во лавиринтот на уличките на Агра, Индија, поради снемување струја; бев лесен плен на слободни жени од матријархат во Јунан, Кина; очи в очи со див голем шимпанзо во угандска џунгла, и со заштитнички расположена кафеава мечка со своето мече во Алјаска; бев преплашен до смрт од диви животни и некои негостоприемливи племиња во ноќите поминати во шатор во долината Омо во Јужна Етиопија... Кои се твоите најголеми патувачки авантури?

Pic3_zps18d18695.jpg

Никола: Се случи во Шестата улица во срцето на Тексас, Остин, каде што до ден-денес најголемите идни имиња на независната рок-сцена ја бараат својата шанса во еден од стотиците барови. Ме пресретна еден тетовец и ме замоли да напишам стих на македонски јазик врз ѕидот од неговата и единствена бурекчилница во градот, притоа изговарајќи ги како мантра зборовите „Ќе се вратам јас еден ден во Македонија, ќе се вратам јас еден ден во Македонија...“ (и така цели 14 години). Ноќите во колумбиските џунгли, на пример, беа помалку застрашувачки од оние по улиците на нивните метрополи, во кои се бришеше разликата помеѓу скулптурите и ноќните питачи кои ме влечеа за рацете и нозете сè додека не погледнам во нивните угаснати очи. На врвот од една хрватска планина, во едно напуштено село, на ѕидот од училиштето во кое имаше само светлина од напукнатиот покрив, видов портрет на Кочо Рацин... На читањето на отворено во Вилнус, токму кога ги изговорав стиховите „ангелите разговараат со небото“ почна да истура дожд, не смеевме да се мрднеме од местото затоа што настанот во живо го пренесуваше националната телевизија. Во Багдад побегнав од официјалното вооружено обезбедување на поетскиот фестивал за да се стопам со минувачите кои се судираа со продавачите на бадеми и шамии со боја на виножито што исчезнува.. Во Истанбул читавме поезија во подземна византиска цистерна во која некогаш се складирала водата како денес што се складираат кредитни картички или скршени играчки, додека надвор, исончани деца во слалом ги разнесуваа чаевите од еден уличен продавач до друг, а туристите ја ставаа долгата цевка на наргилето в уста, чекајќи да чкрапне апаратот пред да се искашлаат...

Тишината е видлива

Роберт: Комуникација без јазик. Универзална, планетарна. Без користење на искуството, знаењата, туку пред сè основа на поривот, генот, човечноста... со употреба на мимика, лик, глас, насмевка, тажен поглед. Во дивите и недостапни беспаќа на Етиопија ми успеваше да остварам врска со луѓето со помош на некоја таква наддимензија која ме просветли! Што мислиш за тоа?

Никола: Томас Бернхард ја напуштал земјата веднаш штом ќе почнел да го разбира нејзиниот јазик. Носејќи ги беџовите на кои на шпански пишуваше „поет“, во Латинска Америка луѓето ни подаруваа резбани камења без да изговорат ниту збор, децата нè застануваа на улица и ни го рецитираа Неруда среде нашиот молк од зачуденост. Кога сум во земја чиј јазик не го разбирам, почнувам да размислувам динамично во слики и движења. Го чувствувам телото како сака да каже нешто безвучно, но важно. Заживуваат прстите, дланките, рамењата, брчките на челото, трепкањето на очите, морфологијата на веѓите. Така тишината станува видлива.

Преземено од магазинот Твојот Клуб – број 85

Се надевам ви се допадна текстот. Се сетив читајќи ја оваа тема па реков да ја споделам и овде.
 
Колку искрено и непозерско интервју, алал.

"Поетот Амихај вели дека да се запознае градот преку отпечатен туристички водич е исто како да се засака жената преку прирачник со сексуални пози." :cuc:
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom