karan
бивш поет, плукач, вљубеник во слободата
Бидејќи знам дека на форумов има љубители на пишаниот збор од Струмица, со мало (доволно) задоцнување, отворена покана до сите нив на промоцијата на дебитантската книга на мојот пријател и другар Горан Гоко Дрвошанов во НУЦК Антон Панов, утре од 16:00.


„Демократија - Јас“ е лектира на личниот исповед, лавиринт низ кој се бара личното спознавање или искушение за новосебеоткривање.
Филозовски конструираните прашања што провејуваат низ страниците на оваа книга се прашања на мислата што стои закована меѓу она што се вика ум наспрема срце.
Секој би требало да навлезе низ тивкото дишење на главниот јунак и осознае каков е животот низ шприцот и иглата. Каква е потрагата по изгубеното битие кое лута меѓу реалноста и сонот. Тенката жица што стои меѓу она што другите го очекуваат и нормираат како правило, наспрема внатрешниот круг на раѓање ново себеполнење е миг на скинато парче што лебди некаде меѓу универзумот, птиците и почвата полна со полжави.
Да се сонува е доблест, да се остане буден способност, да се спие со отворени очи, проблем. Потребно е да се најде новото искушение за да се разбере она што останало зад нас како исушени трошки расфрлени демек како патоказ, но завршени како ужинка за изгладнатите птици.
Барајќи ја облината на сонот како што се прашува авторот: Дали сонот е коцкаст или кружен? Се наметнува друго прашање: ... Што да правам со него кога ќе биде иссонуван? Барајќи го одговорот за сонот Горан ни открива еден реален обид за опстанок, меѓу она што е вистина и живот и лага или преспивање.
Главниот актант што дефилира низ книгата - дрогата и нејзината мрежа што во себе го лови човештвото се само мал обид на авторот да му удри шлаканица на заматениот ум и да ја врати бистрината во окото на младиот човек.
Горан преку „Демократија - Јас“ црта слика со боите на секојдневието, обидувајќи се да не ги растече и насочи некаде удолу за да се врамат во некоја друга сушност.
Ја носи сликата на љубовта измешана со „Т 'га за југ“ и мирисот на остоено месо чиј датум за употреба се приближува пред крајот.
Главниот лик не е само нем набљудувач кој стои потпрен на шанкот во исчекување нова мисла, туку е учесник во филтрирањето и прочистувањето на она што беше, а не она што можеше да биде.
Најтешко е човек да се спаси од себе си, а уште потешко кога треба спасувањето да биде во пакет со етикетата „Внимавај кршливо“. Никој не внимава на амбалажата, важно е да се посегне по душата, небере крајната цел е истребување на човештвото. Во тој хаос од трчање во место Горан како читатели нè донесува во улога на соучесници, можеби заради намалување на гревот.
А каде и чиј е гревот? Дали тој е причина или последица на изгубени семејства, оттуѓени суштества или едноставно тоа е новата „нормална димензија“ на опстојување.
Дрвошанов низ книгата е во потрага по изгубената алка, онаа што Прометеј го држеше врзан за карпата, а мажот и жената врзани во брак, ја бара за да ја констатира изгубеноста, за да ја перципира оттуѓеноста.
Светот што го носи пред нас, не е нов и непознат, туку од некои луѓе е повеќе или помалку иссонуван. Луѓето бегајќи од себе и денот влетуваат во стапицата на изгаснато светло и се орентираат во просторот со допир, а не со чувство за себепоставување. Изгубените ликови во книгата се само изгубени личности препишани од она што го живееме или умееме.
Горан го иссонува својот сон, ни го покажа дното и ја внесе светлината онаму каде најмалку се очекува, во истата длабочина каде нè спушти за да ја допреме почвата слично на полжавите.
Вања Изова Велева