Четворица вработени во приватниот сектор издржуваат по еден административец!
В година, само за плати на администрацијата ќе се потрошат повеќе од 421 милион евра, или 13,4 милиони евра повеќе во однос на годинава. Опозициската СДСМ, меѓу другото, предлага Владата да го објавува точниот број на буџетарите што чекаат плата од државната каса, преку месечни извештаи и списоци. Според Министерството за информатичко општество и администрација, во јавниот сектор се вработени 128.253 луѓе, стои во
анализата на Порталб.
Најголем број вработени во јавниот, односно државниот сектор има во образованието, а следуваат фондовите, Владата, администрацијата, агенциите, дирекциите на централно ниво, потоа по бројност на вработени се здравство, полицијата, социјалната заштита. Во јавните претпријатија, бројот на вработените изнесува нешто повеќе од 19 илјади луѓе. Вкупната бројка на вработени во јавниот сектор, според информацијата од ресорното министерство, изнесува 128.253 лица. Оваа бројка беше обелоденета откако во јавност се лиферуваше информацијата дека на барање на европскиот експерт Прибе, Владата соопштила дека вкупната администрација има 185.000 лица.
Дел од бизнисмените сметаат дека сепак, бројот на административци што го соопштува Владата не е конечен.
„Владата соопшти дека во јавниот сектор имало 123 илјади вработени. Јас сметам дека оваа бројка не е конечна. Мојот став е дека администрацијата, односно се што значи држава, има 172.000 вработени. Ние сега имавме бран на вработување преку различни агенции. Сметам дека не се прикажани вработувањата на локално ниво, во делот, на пример, на вработувањата во градинките или општинската администрација. Дополнително, тука се и оние кои што седат дома и земаат плата, но прашање е како и дали се евидентирани“, вели бизнисменот и претседател на Македонско-бугарската стопанска комора, Зоре Темелковски.
Како што пишува Порталб, во последните неколку години Владата спроведе неколку модели за масовни вработувања во јавната администрација. Еден таков концепт беше спроведен во средината на 2010 година, кога 5000 привремени вработувања беа трансформирани во трајни вработувања. Во 2013 година беше објавено дека администрацијата се отвора за 1.600 невработени лица, главно од ранливите категории на граѓани. Масовни огласи за вработување во јавните претпријатија, државните агенции, образованието беа спроведени и со почетокот на политичката криза, во почетокот од годинава, непосредно пред да стапи во сила новиот Закон за администрација. Следуваше експресна собраниска постапка, во која владејачкото мнозинство изгласа законски измени со кои се овозможи трансформација на привремени вработувања во траен работен однос , со што практично преку ноќ се создадоа услови за вработувања на три илјади лица. Како што расте бројот на вработените во јавната управа, така расте и сумата за исплата на плати.
„Рамковните вработувања, вака како што се реализираат се сведуваат само на трошење буџетски пари. Каде е ефектот од овие вработувања, во смисла на квалитетна и ефикасна услуга од администрацијата? Таков позитивен ефект нема. Генерално, за жал вработувања во администрацијата се начин за купување на партиски гласачи на товар на сите граѓани и оваа состојба се провлекува повеќе години“, вели универзитетската професорка Шенај Хаџимустафа, а пренесува Порталб.
Анализата на буџетските документи покажува дека ставката за плати и придонеси е во постојан пораст. Така, ако во 2008 година таа изнесувала 373 милиони евра, сега, со Буџетот за 2016 се зголеми на повеќе од 421 милион евра.
Но, сепак, ова не е конечната сума за финансирање на администрацијата. Преку буџетските трансфери за образование догодина се планираат околу 208 милиони евра, а најголем дел од овие пари завршуваат за финансирање на платите на вработените во образованието. Тука е и ставка „дополнителни услуги“, која годинава изнесува 480 милиони евра, а преку која според, дел од економистите, се финансираат и популарните „договори на дело“.
„Наместо да го зголемуваме бројот на вработените во администрацијата, политиките треба да се насочат кон создавање клима за повеќе вработувања во приватниот сектор, кој е носечки за вкупната економија. Ние сме сведоци дека и Европската Унија постојано упатува на проблемите во администрацијата и тие критики се многу негативни за земјава“, оценува за професорката Шенај Хаџимустафа.
Додека вработувањата во администрацијата, остануваат најпожелни, податоците на надлежните институции покажуваат дека во земјава, четири вработени во приватниот сектор издржуваат еден административец. Но, доколку се направи анализа на податоците што ги објавува Заводот за статистика за бројот на вработени во приватниот сектор и бројот на вработени во државниот сектор и фирми со мешовит или здружен капитал, тогаш соодносот покажува дека на 3,4 вработени во стопанството има 1 во фирмите и институциите со државен или мешан капитал.
Според професијата, односно занимањето, најдобро платени се функционерите, директорите, стручњаците и научниците. Така, од вкупниот број или 35 илјади членови на законодавни тела, функционери, директори, дипломати, скоро 10.700 месечно заработуваат од 20 илјади до повеќе од 40 илјади денари. Истата сума ја заработуваат повеќе од половина од научниците и стручњаците, односно скоро 50 илјади лица. Од друга страна, најголем дел од вработените со основните занимања, ракувачите со машини, техничарите, земаат плати пониски од 16.000 денари.