Во мемоарскиот запис на претседателот на Президиумот Методија Андонов Ченто, покрај другото, ќе забележи:
,, ...Во исто време, многу доселеници, колонисти и чиновници, кои беа дојдени во Македонија меѓу двете светски војни, а за време на војната се вратија во Србија почнаа да идат во Македонија. Тогаш помислив, ако неможат да дојдат оние кои што се родија овде, не треба да се вратат ни оние, кои ги насели бившиот Југословенски режим. Затоа на истата седница на Президиумот го постави прашањето дали во Македонија можат да се враќаат србите доселеници и чиновници, кога не смејат да се вратат македонците, кои емигрирале од теророт од кралството на Југославија. Президиумот го прифати предлогот да не им се позволи слободно да влегуваат на македонска територија. Така се случи да тие повратници беа задржувани во Ристовац, на границата меѓу Македонија и Србија. Веста за тоа стигнала во Белград, каде што почнало да се манипулира дека во Македонија владее антисрпско расположение. За тоа и за други важни работи ми пиша Мане Чучков кој беше испратен во националниот комитет за ослободување на Југославија, како претставник од Македонија..,,.