Carrefour, Inditex и Cineplexx од септември доаѓаат во Skopje City Mall
Интернационалните брендови "Carrefour", "Inditex" и "Cineplexx" се трите најголеми закупци во трговскиот центар "Skopje City Mall", инвестиција вредна 90 милиони евра, што треба да биде отворен во септември.
Овие три големи светски компании со договорот за закуп со компанијата инвеститор Балфин МК добија загарантирани позиции во новиот трговски центар.
Балфин МК го најавува влезот на вториот најголем ланец на супермаркети во светот и најголемиот во Европа - Францускиот интернационален трговец "Carrefour", кој го потпиша договорот за закуп за носечка хипермаркет продавница со вкупна квадратура од 4.650 метри. Договорот бил потпишан уште во јули минатата година, но поради клаузула за доверливост, информацијата за истиот морала да остане во тајност.
Уникатната позиција и предностите на "Skopje City Mall" како регионален шопинг центар со огромно значење за локалниот пазар, ја поттикна компанијата "Carrefour" експанзијата на просторот на бившите југословенски републики да ја започне со отворање на клучен хипермаркет, токму во "Skopje City Mall". Со отварањето на овој хипермаркет, "Carrefour" ќе има преку 9.500 продажни локали, во 33 земји во светот.
Истовремено, Балфин МК објавува дека еден од најголемите модни трговци во светот, интернационалната компнија од Шпанија "Inditex", во рамки на првиот современ шопинг центар во Македонија од европски размери, ќе се претстави со петте реномирани модни концепти: "Zara", "Bershka", "Massimo Dutti, "Pull & Bear" и "Stradivarius" на вкупна површина од 4.350 м2.
Само продавницата на "Zara" ќе зафаќа 2.190 метри квадратни, распоредени на два ката, што ја прави најголемата "Zara" на Балканот. И останатите 4 реномирани бренда ќе го имаат најголемиот можен концепт по квадратура - пракса замо во најголемите светски метрополи.
"Inditex" како докажан лидер во светот на модната индустрија и уникатен бизнис модел со проверен маркетинг концепт кој функционира од 1975 година, денес има повеќе од 5.000 продавници распоредени на пет континенти. Со влезот на "Индитекс" во "Скопје Сити Мол", Македонија станува 80 земја од светот во која Групацијата ќе биде присутна со своите афирмирани модни брендови.
"Cineplexx" во рамки на "Skopje City Mall" ќе се претстави со девет кино сали опремени со современа дигитална технологија преку која македонската публика ќе го искуси најновиот "Real 3D" ефект. Планот на "Cineplexx" не е само да прикажува филмови туку и да овозможи уживање во спортски и музички настани на големото платно, повторно во "Real 3D".
Сите три компании го привршуват процесот на опремување на просторот и го дооформуваат менаџерскиот тим кој со забрзано темпо се подготвува за периодот на отворање.
"Може да се уверите дека "Skopje City Mall" привлече некои од светски најбараните бренд имиња кои меѓудругото за прв пат ќе се претстават на македонскиот пазар. "Skopje City Mall" ќе се етаблира како центар со најдобра селекција на интернационални трговци, давајќи му една поинаква димензија на шопинг искуството . Ова е одличен показател за силата на "Skopje City Mall" и јасна индикација за растот и развојот на Македонија во една динамична и зрела држава. Всушност "Skopje City Mall" отвора нова, современа ера и ги поместува границите на купувањето. "Skopje City Mall" ќе биде место каде уживањето и шопингот се спојуваат во ново, возбудливо друштвено и културно искуство", изјави Петер Џ. Варден Главен извршен директор на Балфин МК и член на RICS.